Низ годините, Демирхисарско-слепченската летна школа под покровителство на манастирот „Св. Јован Претеча“ во Слепче се оформи во еден од најзначајните промотори на македонското културно, духовно и историско наследство во Македонија и во светот

Заврши петтата Демирхисарско -слепченска летна школа

Демирхисарско-слепченската летна школа, како едукативно-научна и културна манифестација, која е насочена кон проучување, истражување, афирмирање и промовирање на македонското културно и духовно наследство ги заврши годинашните активности. Затворањето на школата беше проследено со свечено врачување дипломи и признанија до сите учесници во летната школа, како и завршни извештаи на раководителите на секциите, во манастирот „Св. Јован Претеча“, Слепче. На свеченоста беа присутни игуменот Серафим од Слепченскиот манастир и демирхисарскиот градоначалник Никола Најдовски. Тие им се заблагодарија на акад. Ѓорѓи Поп-Атанасов, проф. д-р Елизабета Касапова, проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, проф. д-р Сашо Цветковски, проф. д-р Виктор Недевски, м-р Георги Секуловски и м-р Гоце Ристески за нивниот придонес и учество во летната школа, како и на дваесетината студенти и сите други учесници, меѓу кои беше и Благоја Шундовски, администратор на проектот.
Во своето обраќање, игуменот Серафим рече дека манастирот „Св. Јован Претеча“ ќе продолжи со афирмацијата на македонското културно и духовно наследство. Во тој правец ќе бидат подготвителните сесии, предавања еднаш неделно, за сето она што досега е прочитано, односно дешифрирано, од страна на академик Ѓорги Поп-Атанасов за слепченските ракописи, во соработка со стручниот колегиум што постои во рамките на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
– И други различни теми што се поврзани со дејноста и создавањето на слепченските зборници, како и создавањето на житијата на светиите обработени низ патерикот и старешина на Слепченскиот манастир во 14 век. И сите оние дејности што се продефилирани во приближно околу осумстотини ракописи, кои се начнати. До крајот на оваа година ќе излезе и трудот на академик Ѓорги Поп-Атанасов во однос на сите записи што настанале во манастирот „Св. Јован Претеча“, а се наоѓаат низ целиот свет. Ракописите тука се препишувале и создавале во времето на Висарион Слепченски, кој бил пратеник на четворица охридски архиепископи. Сето ова ќе биде сублимирано и истакнато од страна на летната школа идната година – рече игуменот Серафим.
Во оваа пригода, научниот раководител на школата, проф. д-р Сашо Цветковски, дописен член на МАНУ и научен советник во центарот за истражување на културното наследство „Цветан Грозданов“ при МАНУ, им се обрати на присутните.
– Изминатите години, во вакви пригоди, со внимание ги следевме беседите на акад. Цветан Грозданов изговорени на ова место. Голем пријател на манастирот Слепче и на Демир Хисар, тој всушност беше и вистинскиот иницијатор за почнување на дијалозите и собирите, кои имаат цел проучување и афирмирање на вистинските и трајни вредности на манастирот, и како што тој самиот знаеше да каже – најмакедонскиот, демирхисарски крај, мислејќи притоа на длабоко напластените историски и културни стратуми – слоеви. Тоа ни го остави на сите нас, како завештание и професионален аманет за годините што доаѓаат – истакна проф. д-р Сашо Цветковски.
Тој исто така посочи дека Демирхисарско-слепченската летна школа, како едукативно-научна и културна манифестација, придонесува за оцртување, зачувување и потврдување на духовниот, националниот, културно-историскиот идентитет и посебност на македонскиот народ.
Градоначалникот Никола Најдовски во оваа пригода им ја честиташе успешната работа на сите учесници во Демирхисарско-слепченската летна школа. Најдовски укажа дека Општина Демир Хисар и во иднина ќе продолжи да ја поддржува оваа културна манифестација, како и промовирањето на македонското културно и историско наследство, со акцент на културно-историските центри во Демирхисарско.
Оваа година, школата се реализира под покровителство на манастирот Слепче во соработка со Општина Демир Хисар, Министерството за култура, како и ИЦКН „Цветан Грозданов“ при МАНУ.


Културно-историското наследство на манастирот Слепче

Уметничкото и културно-историското наследство на манастирот Слепче е една од најзначајните и највредни ризници без која не се возможни проучувањето и познавањето на македонската средновековна уметност. Од манастирот „Св. Јован Претеча“ во Слепче потекнува богата ризница составена од икони, резба и примената уметност, кои го носат епитетот на антологиски дела на средновековната и поствизантиската уметност на Македонија и на Балканот. Во културниот и духовниот живот на македонскиот народ, Слепченскиот манастир останува запаметен како еден од најголемите црковни и уметнички центри на Охридската архиепископија и на Балканот.