Фото: Игор Бансколиев

* Според дигиталниот речник на македонскиот јазик, зборот дистопија означува нешто непосакувано, опасно и застрaшувачко за општеството и државата
Дали со постојаното странско замешателство во македонските работи се турка државата токму во таа насока, на нешто непосакувано, опасно и застрашувачко за македонските граѓани и државата

НАДВОРЕШНО ЗАМЕШАТЕЛСТВО ВО МАКЕДОНСКИТЕ РАБОТИ

Станува практика амбасадорите и меѓународните претставници во земјава да коментираат прашања што длабоко задираат во внатрешните работи на една суверена земја. Понекогаш со своите ставови тие дури и сугерираат преземање на одредени политички или други решенија што се спротивни на меѓународното право, но и на востановените критериуми на кои почива Унијата. Од друга страна, истите тие меѓународни претставници се оградуваат да искажат мислење кога станува збор за работи што се спротивни на интересите на нивните земји.
Имено, македонската јавност е сведок на редица изјави во кои странски политичари и амбасадорите во земјава јавно ги повикуваа македонските власти и им кажуваа што е добро и што треба да се прифати, почнувајќи од прифаќањето на Привремената спогодба со Грција, преку Охридскиот рамковен договор, потоа за прифаќање на новата територијална поделба, па до договорите со Бугарија и со Грција. Добар дел од овие документи и договори се покажа како погубен и деструктивен за македонската држава и македонскиот народ, иако странците ги фалеа и ни ги нудеа како единствено решение.
Тоа го правеа поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, актуелниот француски претседател Емануел Макрон и редица други политичари буквално цели три децении. Она што го кажуваа политичарите, истото тоа тука го повторуваа и амбасадорите, односно коментираа секогаш кога стануваше збор за европските планови, но се оградуваа кога од нив ќе беше побарана помош или толкување зошто сите европски практики се прекршуваат токму врз грбот на Македонија.
Неодамна францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер, запрашан за политичките притисоци кон историската комисија, изјави дека таа е независна и е одвоена од владите.

– Таа комисија е независна и многу те ешко да ѝ се утврдуваат цели и јас разбрав, читајќи го текстот, дека на експертите од мешаната комисија им останува да се договорат заеднички во дух што е прецизиран во протоколот, а потоа владите од секоја земја ќе треба да донесат одлуки што ќе се спроведат низ конкретни активности, на пример во поглед на учебниците по историја во образовните системи во двете земји или заеднички прослави. Владите потоа ќе треба да ги спроведат одлуките што се донесени од комисиите. А ако комисиите не донесат одлуки, тогаш владата нема кои мерки да ги спроведува. Мислам дека има поделба на улогите што е сосема јасна – изјави Бомгартнер.
Нејасно е како францускиот амбасадор, кој и не ги познава историските состојби и контексти, може да оценува дали комисијата е независна, кога целата стручна и академска фела во земјава го тврди токму спротивното, дека комисијата работи исклучиво по политички диктат, без да се придржува до историските факти. Ова особено се однесува на бугарскиот дел од комисијата, која многупати досега се покажа и докажа дека постапува исклучиво по политички диктат и по налог на официјална Софија.
Очигледно амбасадорите и воопшто меѓународните претставници се држат строго до нивните поставени сценарија и планови, така што без оглед на овдешните реакции, тие и натаму продолжуваат да го поддржуваат она што е во агендата на нивните држави и во нивен интерес, без оглед што мислат македонските граѓани.
Од друга страна, истите тие амбасадори експресно се оградија кога до нив се обрати обвинителката за гонење организиран криминал и корупција барајќи помош поради наводните притисоци што се вршеле врз неа, со образложение дека земјава си има институции и дека не сакаат да се мешаат во внатрешните работи. Многу често амбасадорите немаат или не даваат одговори и на медиумски прашања доколку нешто не им е во интерес.
Ова говори за двојните критериуми на меѓународните претставници, поточно секогаш кога им одговара не само што се мешаат туку и диктираат одлуки и креираат соодветен амбиент во кој треба да се движи државата, а кога е во спротивност со нивните замисли, тогаш оставаат проблемите да ги решаваат овдешните институции.
За поранешниот амбасадор и вицепремиер за европски прашања, ваквото однесување на амбасадорите воопшто не е изненадувачко, бидејќи во нивната агенда е да ги спроведуваат политиките што се во интерес на земјите од каде што доаѓаат.
– Едноставно на таквите изјави не треба да им даваме голема тежина, бидејќи дипломатите не се независни и неутрални набљудувачи, туку, напротив, тие си ги следат инструкциите од главните градови и ги следат интересите на своите земји. Низ таа призма треба да се гледаат сите нивни изјави, а не дека станува збор за некоја апсолутна вистина или дека станува збор за факт штом го искажал амбасадор – вели Боцевски.
Според него, амбасадорите се грижат за националниот интерес на своите земји и затоа можат да коментираат дека нашата историска комисија е независна и дека не работи под политички притисок.

Стана редовна практика странски дипломати и политичари да оценуваат и коментираат домашни случувања, а многу често и директно да ни сугерираат што треба да направиме. За ваквото нивно поведение има безброј примери, почнувајќи од Охридскиот договор, па до францускиот предлог и бугарскиот протокол. Што мислат аналитичарите за ваквата странска запршка или мирудија во секоја домашна манџа и до каде нѐ донесе и однесе ова

– Дека неговата теза не држи ќе наведам неколку работи. Прво, самите комисии се формирани од владите. Второ, во мисијата на комисиите пишува дека тие усогласуваат заедничка историја. Бугарите тоа го толкуваат како бугарска историја. Од друга страна, го знаеме интервјуто на Заев за Бгнес, го гледаме секојдневниот јавен притисок од највисоките лица во земјава врз членовите на комисијата, на крајот на краиштата, притисоците се најмалку такви какви што ние ги замислуваме, дека некој се јавува на телефон и наложува нешто да се направи. Најмалку во политиката има такви притисоци. Притисоците во политиката одат преку оваа форма, како што кажува и амбасадорот или меѓународните претставници. Политичарот само крои амбиент. Амбиентот што го крои оваа влада е дека треба да им се попушти на Бугарите и дека тие од комисијата треба да бидат флексибилни и да прифатат сè што бара бугарската страна. Очигледен е тој притисок, така што не може да се негира дека тој постои, без оглед што францускиот амбасадор смета дека комисијата работи без притисок и дека владите не се мешаат во нивната работа – нагласува Боцевски.
Тој уште додава дека Македонија не смее да дозволи мешање во нејзиниот суверенитет, без оглед што меѓународните претставници постојано го прават тоа.
– Работа и на амбасадорите и на меѓународните претставници е да ја кажуваат нивната агенда и да агитираат во таа насока, но наша работа е да си тераме она што е од интерес на нашата држава и да се држиме до тоа, независно што е интересот на другите – заклучува Боцевски.
Но за ваквите упади и мешања од страна секако одговорност носат и домашните политички гарнитури, кои го дозволуваат, па дури и самите го генерираат ваквиот однос. Сето тоа доведе до креирање на непосакувано, опасно, па дури и застрашувачко општество.
Според професорот Звонимир Јанкуловски, природата на демократијата во Македонија креирана од власта не може да биде демократски свет.
Тоа е дистописки свет. Дехуманизиран, демакедонизиран. Дистопијата не е вистински свет, тоа е предупредување, обично за нешто лошо што владата го прави, или нешто добро што не успева да го направи. Вистинските дистопии се измислени, но владите од реалниот живот можат да бидат „дистописки“, како оваа нашата. Велат дека свесните искуства даваат можност да видите една поинаква реалност. Поинаква од онаа што се обидува да ја креира власта. Во која очигледно гетоизираното мнозинство македонски народ не сака да живее.
Затоа го преферирам мојот свет. Во кој сѐ уште сум Македонец и во кој сѐ уште сум жив, зашто се живи сеќавањата за Македонија – смета Јанкуловски.


Кои се ингеренции на амбасадорите

Амбасадорот е дипломат од највисок ранг според Виенската конвенција за дипломатски односи што ја претставува неговата земја.
Амбасадорот е највисок претставник на својата држава во државата во која се наоѓа, па во тоа својство е надреден над сите официјални претставници во таа земја (конзуларни, културни и други). Амбасадорот го претставува челникот на својата земја и ја застапува својата држава пред властите на државата во која е амбасадор. Тој нужно говори во име на својата влада.
Со оглед дека прима и пренесува соопштенија и ставови на својата влада и бидејќи претставува официјален извор на информации, тој е постојан и сигурен посредник во односите меѓу двете држави.
Титулата амбасадор е највисока титула во дипломатската кариера.