Габриел Ескобар / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во изјавите на Ескобар, со порака за итност да се реши статусот на Македонија и како „полноправен кандидат“… „веднаш да стане членка на ЕУ“, веќе се препознава одреден континуитет во позицијата на САД, по доставената резолуција во американскиот Сенат за поддршка на пристапувањето на Македонија во Европската Унија со нагласување „без дополнителни билатерални услови“!

САД со експлицитен став да бидат отстранети наметнатите билатерални пречки за Македонија за членство во ЕУ

Неразумноста на условите, односно ултиматумите во преговарачката рамка на ЕУ за Македонија, позната како „француски предлог“, кои не наидоа на прифаќање кај повеќе од 70 отсто во македонската јавност, а меѓународноправните експерти ја оценија како „фатален карцином за организмот на Европската Унија и за меѓународното право“ се чини дека предизвикува „будење на совеста во меѓународната заедница“. Секако, по тридецениските непринципиелни заплети и перипетии во евроатлантските и евроинтеграциските „приказни“ на Македонија (на пр. како што беа топло-ладните политички периоди почнувајќи од признавањата на Македонија под уставното име, па потоа наметнување на Преспанскиот договор и менување на името итн.), македонската јавност сега е резервирана спрема повеќето сигнали што доаѓаат од меѓународната заедница, Брисел или Вашингтон, било да е тоа сигнал за побрза интеграција или, пак, сигнал за нов дополнителен услов за европско асоцирање во друштвото на привилегираните.

Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во сред Приштина освежи со пријатно изненадување за Македонија

Неодамна, специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, при посетата на Приштина изјави дека „Македонија треба да биде полноправен кандидат и веднаш да стане членка на Европската Унија“, нагласувајќи истовремено дека „земјата е многу цврст партнер, билатерално и во мултилатерални сојузи како НАТО и ОБСЕ“.
Оваа изјава на Ескобар е објавена на официјалната фејсбук-страница на Амбасадата на САД во Скопје, што во извонредна мера дава тон на голема официјалност, тежина и сериозност во намерите на искажаното од специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан..
– Претходната влада беше посветена на членство во НАТО и на пристапувањето во ЕУ и нашите очекувања се Владата што ќе дојде по изборите да биде слично посветена на членството во НАТО, пристапувањето во ЕУ и на борбата против корупцијата – изјави Ескобар претходно за Македонија, на брифинг во Брисел пред неговата посета на Приштина, Виена и на Подгорица.
Во изјавите на Ескобар, со порака за итност на статусот на Македонија како „полноправен кандидат“ и „веднаш да стане членка на ЕУ“, веќе се препознава одреден континуитет во позицијата на САД, по доставената резолуција во американскиот Сенат, за поддршка на пристапувањето на Македонија во Европската Унија со нагласување „без дополнителни билатерални услови“. Резолуцијата за Македонија во Сенатот, спонзорирана од демократскиот сенатор од Вермонт, Питер Велч, демократската сенаторка од Њу Хемпшир, Џин Шахин, и републиканските сенатори од Небраска и Северна Каролина, Пит Рикетс и Том Тилис – ги повика претседателот и државниот секретар на САД, како и европските сојузници, да се залагаат за отворање на првиот преговарачки кластер на ЕУ со Македонија, без дополнителни билатерални услови. Во резолуцијата се нагласува и поддршката на Сенатот за македонската влада да ги преземе реформите неопходни за унапредување на членството во ЕУ. Меѓу другото во резолуцијата се нагласува дека Сенатот ја „охрабрува македонската влада да продолжи со својата важна работа за членство во Европската Унијата, како и напорите за продолжување на мирот, стабилноста и просперитет во Источна Европа“.

Вознемиреност во Бугарија од резолуцијата за Македонија во Сенатот на САД

Дека станува збор за некаков посилен надворешнополитички импулс во развојот на настаните за поддршка на Македонија во насока на нејзините евроинтеграции би можело да се процени и поради нервозната реакција од политички субјекти во Бугарија, кои се чини се чувствуваат загрозени од формулацијата „без дополнителни билатерални услови“ во резолуцијата на Сенатот за поддршка на македонските евроинтеграции. Бугарскиот политичар и лидер на паријата Има таков народ, Слави Трифонов, оценува дека во таа резолуција на американскиот сенат има „два вознемирувачки текста за Бугарија“.
– Група американски сенатори внесоа во американскиот Сенат резолуција за поддршка на северномакедонското членство во ЕУ. Резолуција 581. Ја држам в рацете. Во неа има два вознемирувачки текста за Бугарија. Во едниот се спомнува договорот меѓу Грција и С. Македонија од 2018 година, кој, според текстот, ја кочел кандидатурата на земјата за ЕУ, но проблемот веќе е решен. Во текстот, меѓутоа, никаде не се спомнати Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија и билатералните проблеми произлезени од неговото неспроведување. Да ви ги напомнам – нарушување на правата на Бугарите во таа земја, фалсификување историски настани, обвинувања за фашизам присутни во нивната образовна програма, претепување и терор. Нешта поради кои т.н. држава Северна Македонија треба да биде надвор од Европската Унија.
Во другата точка резолуцијата бара од претседателот, од државниот секретар и од европските сојузници на САД да лобираат за членството на РСМ во ЕУ, внимавајте, без никакви други билатерални услови, а тоа е на голема штета на бугарскиот национален интерес. Ќе ви повторам – претседателот, државниот секретар и европските сојузници на САД да лобираат за членството на РСМ во ЕУ и за неодложно одржување меѓувладина конференција. Интересно, која држава е поважна за САД? Бугарија, која е членка на ЕУ и на НАТО, или С. Македонија? Каков е овој наш партнер, кој, евентуално, би ја зазел страната на друга држава, со која ние имаме реални проблеми? – вознемирено прашува Трифонов.

Солза Грчева: Добри сигнали од САД, од американската амбасадорка во
Македонија – Агелер, како и од резолуцијата во Сенатот на САД

Сигналите од американската администрација, кои во македонската јавност се читаат со воздржаност, професорката Солза Грчева ги проценува како резултат на драматичната промена на условите за прием на нови членки во Европската Унија, во корист на Македонија, но единствена гаранција дека Македонија нема да биде уценувана во процесот на преговарање со ЕУ, сепак треба да биде во форма на официјален документ, односно промена на преговарачката рамка.
– Изјавите на Ескобар, специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, на американската амбасадорка во Македонија – Агелер, како и резолуцијата во Сенатот на САД треба да се гледаат во ист контекст на позитивен сигнал за евроинтеграциите на Македонија. Причините за своевидно олабавување на притисокот спрема Македонија може да се гледаат во тоа што условите драматично се сменија со желбата на САД, Украина, Молдавија и Грузија да станат членки на Европската Унија. Со таква стратегиска проекција и цел, не би било вкусно земјите од Западен Балкан да останат на страна. Дури сега Македонија би можела да биде ставена на брза лента за ЕУ, а Бугарија да биде ставена на споредна лента со нејзините неразумни барања спрема Македонија, надвор од сите критериуми за проширување на Европската Унија. Во меѓународната заедница, сепак е присутна свеста (ако не и совеста) дека на Македонија ѝ е нанесена неправда со Преспанскиот договор, а угодувањето на условите што ги поставува Бугарија се услови за поништување на една нација и држава. Кој би имал корист од такви неразумни услови и уцени? Ниту ЕУ, ниту САД немаат никаква придобивка од такви деградирачки процеси, кои го дерогираат меѓународното право. Токму поради интересот да бидат внесени во ЕУ земјите од источното европско крило, сѐ повеќе се амортизираат проблемите во земјите на Западен Балкан, особено оние создадени од неразумни амбиции и условувања. Тоа може да биде добар развој на настаните за Македонија, но мора да резултира со промена на преговарачката рамка со ЕУ. Ова досега се само знаци, сигнали, но само пишан официјален документ може да биде гаранција за Македонија дека нема да бидеме уценувани во процесот на преговори со ЕУ – вели професорката Солза Грчева.


Филип Хјуз, претставник на Советот на американски
амбасадори од САД:

Американските амбасадори бележат мешање на Бугарија
во внатрешните работи на Македонија!

Барањето на Бугарија, поставено како услов во преговарачката рамка на ЕУ за Македонија, за измени на македонскиот устав, според стандардите на меѓународното право за суверена еднаквост на државите е флагрантно мешање во внатрешните работи на една земја кај друга. Сепак, со преговарачката рамка на ЕУ за Македонија се прави обид таквото особено дрско дерогирање на меѓународното право и стандардите во меѓународните односи да биде „оправдано“ со анекси на билатерален договор, додадени под уцена, а наводно прифатени од македонската страна „доброволно“. И покрај сите настојувања за докажување на „непроменливоста“ на преговарачките услови за Македонија со ЕУ во т.н. француски предлог, кој практично го легитимира мешањето на Бугарија во внатрешните работи на Македонија, неодамна поранешен американски дипломат констатира дека поради ваквото мешање Македонија (како и други нејзини соседи) има „пречки во интегрирањето во ЕУ“.
– Македонија, Косово и Албанија и натаму се соочуваат со предизвици, поради политичкото мешање на нивните соседи, и имаат пречки во своето интегрирање во ЕУ. Ни остави впечаток и големото влијание на соседите во политиките на овие три држави – големата улога што ја игра и Бугарија на политичката сцена во Македонија, како и Албанија, која, како што дознавме, има уставна обврска да се грижи за благосостојбата на Албанците надвор од нејзините граници – изјави за „Гласот на Америка“ Филип Хјуз, претставник на Советот на американски амбасадори од САД, кои не се во активна кариера, по нивната посета на Македонија, Косово и Албанија.