Деновиве градот Штип е обоен и размислува синдикално, од две причини. Првата причина е поради одбележувањето 101 година од основањето на првата синдикална организација во градот (1923), а втората е поради одбележувањето 100 години од организирањето на првиот штрајк и првиот првомајски протест во Штип (1924) Значаен придонес во одбележувањето еден век синдикален живот во градот Штип дадоа и проф. д-р Андон Мајхошев од Правниот факултет и проф. д-р Оливер Цацков од Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, кои на градот и синдикалното движење, Штип, и на Републиката им подарија научна монографија со наслов „100 години синдикално движење во Штип 1923-2023 година“

ОДБЕЛЕЖАН ЕДЕН ВЕК СИНДИКАЛНО ДВИЖЕЊЕ ВО ШТИП

Штип има долга синдикална традиција, која извира од прогресивните работнички идеи за еднаквост и социјална правда во општеството. Основата на револуционерниот синдикализам во Штип влече корени од тесната соработка на левичарските партии со прогресивните работнички идеи за социјална правда и еднаквост. Градот Штип е познат работнички и синдикален центар во Македонија. Во неговите најдобри денови синдикалното членство во градот било организирано во 133 основни синдикални организации, во кои од вкупно 22.500 вработени, во синдикатот членувале 22.000 работници или околу 95 отсто. Овие бројки покажуваат дека Штип бил најксиндикализиран град во Републиката, па дури и во поранешната заедничка држава Југославија. Деновиве градот Штип е обоен и размислува синдикално, од две причини. Првата причина е поради одбележувањето 101 година од основањето на првата синдикална организација во градот (1923), а втората е поради одбележување 100 години од организирањето на првиот штрајк и првиот првомајски протест во Штип (1924). Овие историски факти зборуваат дека синдикалното раководство во Штип веднаш се зафатило со организирање колективни акции против работодавците и тогашниот систем на своински односи.
Организираниот синдикален живот во Штип има едновековна традиција и неговата појава всушност е израз на борба за социјална правда и подобрување на економско-социјалната положба на работниците во градот и пошироко. Синдикалната организација во Штип ги обединила следните подружници (секции): шивачка, берберска, чевларска, столарска, пекарска и др. Седиштето на синдикатот било во просторија близу хотелот „Гранд“ во Штип, каде што се читала револуционерна литература и се договарале наредните активности. Прв претседател на Синдикалната организација во Штип бил Тодор Аџитомов.

Првите организирани колективни акции на синдикатот во градот биле во април 1924 година, кога синдикатот го организирал првиот штрајк на шивачките и чевларските работници, а Меѓународниот ден на трудот, Први мај, првпат бил одбележан со голем првомајски протест низ улиците на градот.
Значаен придонес во одбележувањето еден век синдикален живот во градот Штип дадоа и проф. д-р Андон Мајхошев од Правниот факултет и проф. д-р Оливер Цацков од Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, кои на градот и синдикалното движење, Штип, и на Републиката им подарија научна монографија со наслов „100 години синдикално движење во Штип 1923-2023 година“
Научната и истражувачка студија беше промовирана на 16.4.2024 година, на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а промотори на беа проф. д-р Лазар Јовевски, раководител на катедрата по трудово и социјално право од Правниот факултет при УКИМ-Скопје, и проф. д-р Билјана Тодорова, професорка по трудово и социјално право од Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
За да ја напишат ова многу значајна историска книга, авторите истражувале повеќе од две години.
– Идејата да се напише една ваква истражувачка сторија потекна од мене. Јас знаев дека се наближува стогодишнината од основањето на првите револуционерни синдикати во Штип и му предложив на проф. д-р Оливер Цацков да ја пишуваме заедно. И така, по двегодишно интензивно истражување, нашата идеја и мисија успешно ги реализиравме со издавање на ова многу значајно дело. Мотивот и поводот да ја напишеме монографијата е да дадеме наш научен придонес во одбележувањето на едновековното постоење на синдикалното живеење и дејствување во Штип – ни изјави проф. Мајхошев.
Во книгата, синдикалното и работничкото движење се претставени во три историски периоди: 1918-1944 (период меѓу двете светски војни), кој го напиша проф. д-р Оливер Цацков, додека периодот 1945-1990 (социјалистички период) и периодот 1991-2023 година (транзициски период) се напишани од проф. д-р Андон Мајхошев. Станува збор за долг временски период, поради што авторите имале проблем со историски празнини и историски дисконтинуитет. Сите текстови и научни трудови што претходно биле пишувани за синдикалното движење се однесувале на кратки периоди, кои немале историска поврзаност во една историска научна целина.

Во самото истражување авторите се соочиле со проблеми, како на пример недостиг од литература и недостиг од историски документи од одделни временски периоди. Тој проблем го премостувале преку пронаоѓање живи учесници во одредени настани, кои автентично ги опишувале настаните, особено настаните по 1950 г. Истражувачка база им биле книгите, списанијата и весниците од Роднокрајното одделение на Националната универзитетска библиотека „Гоце Делчев“ во Штип и документите депонирани во Државниот архив на Македонија-Регионално одделение во Штип.
Книгата содржи 383 страница, на кои има сто фотографии од сите историски периоди, селектирани оригинални документи на органите и телата на синдикатот во Штип, штрајкувачките одбори, прилози за составот на органите на Општинскиот, Околискиот и Регионалниот синдикален совет во Штип во периодот од 1955 до 2023 година, прегледи на одржани штрајкови и протести по претпријатија и установи и години на нивно одржување, како и 20 табели од кои можат да се видат тенденциите на одредени општествено-економски и социјални процеси и појави во Штип и државата.
До кои сознанија е дојдено во книгата?
Прво, по ослободувањето на градот, на 8 ноември 1944 година, синдикатот веднаш бил вклучен во обновување на разурнатите производствени капацитети, при што за многу краток период повторно била ставена во погон фабриката за тутун (монополот).
Второ, во 1945 година во Штип имало само 900 члена на синдикатот, организирани во 15 претпријатија.
Трето, во 1949 година, со одлука на Стопанскиот совет на ФНРЈ, а по предлог на Републичкиот синдикат на НРМ, било предложено две претпријатија од Штип да бидат ставени на листата на претпријатија за воведување работничко самоуправување. Подоцна на таа листа биле ставени фабриката „Метална“ во 1950 година и текстилното претпријатие „Македонка“ во 1952 година.
Четврто, во 1964 година е организиран првиот штрајк во Штип и во Македонија во периодот на социјализмот, кога околу 250 работници/работнички спонтано го прекинале производствениот процес во „Македонка“, во погонот Предилница, а причината била помала исплата на плата и покрај реализација на поставената норма.
Петто, синдикатот во Штип може да се пофали и со издавање на шест фабрички весници.
Шесто, во 1981 г. за првпат во Штип во официјален документ (Записник) е спомнат терминот штрајк.
Седмо, најмасовниот штрајк во социјализмот во СР Македонија е одржан во 1988 г. во Штип, во кој учествувале над 7.000 текстилни работници од ТК „Македонка“ и МК „Астибо“
Осмо, во 1988 г. во Штип имало 22.500 вработени, од кои 22.000 биле членови на синдикатот, кои биле организирани во 133 основни синдикални организации… И многу други.
Сознанијата во книгата говорат дека Штип имал динамичен и разнолик синдикален живот, а книгата несомнено има огромно историско значење во зачувувањето на колективната меморија на штипскиот синдикален живот.