Во овој миг во Белгија престојуваат околу 40.000 Украинци и разбирливо е дека белгиската јавност со посебно внимание ги следи нив и нивните судбини. Фландрија и Бриселскиот Регион се соочуваат со големи предизвици што ги предизвика војната, односно со реални и тука присутни проблеми, и воопшто не се онака далечни какви што ги гледаме на телевизија
Писмо од Брисел, слики од Белгија
Очите на светската јавност се вперени кон Украина и случувањата таму, а она што посебно го привлекува вниманието е огромниот број бегалци, кои секојдневно ги напуштаат границите на својата земја, барајќи спас низ цела Европа, па дури и пошироко. Во овој миг во Белгија престојуваат околу 40.000 Украинци и разбирливо е дека белгиската јавност со посебно внимание ги следи нив и нивните судбини.
Фландрија и Бриселскиот Регион се соочуваат со големи предизвици што ги предизвика војната, односно со реални и тука присутни проблеми, а не оние што ги гледаме на телевизија. И покрај тоа што земјата ги мобилизира своите ресурси за релативно кратко време, за да им се помогне на бегалците, сѐ уште има недостиг од училиштен персонал, психолози, домови и економска поддршка. Секој ден има нови поднесоци за азил, процедури, чекање и трпение. Огромен број волонтери од редовите на обичните луѓе се организираат и нудат престој. Сите информации можат да се најдат на различни веб-сајтови, се организираат курсеви за учење на холандскиот јазик, семинари за психолошка поддршка, работилници и вебинари за интеграција во општеството, радиоемисии на украински итн.
Во јули и во август, училиштата и локалната власт ќе организираат субвенционирана летна понуда за деца и млади што привремено престојуваат во Белгија поради украинската криза. Проектот има цел да обезбеди програма за јакнење на општите компетенции на младите според нивните потреби. Од друга страна, Брисел систематски се подготви за оваа ситуација преку понуда на престој во приватни живеалишта, до отворање хотели и приспособување канцеларии во привремени живеалишта за делумно растоварување на граѓаните. Се верува дека со овие заложби ќе им се помогне на овие луѓе подобро да ја надминат кризата. Неодамна една жена на телевизија изјави дека е задоволна од приемот, што нашла привремен престој и работа.
– Работата ме оттргнува од страшната реалност, мојот сопруг остана во Украина, дома, да се бори за нашата земја. Ако не ми е работава ќе полудам – изјави таа пред камера со видлив наплив на емоции.
Сочувствувам со таа жена и со сите исплашени погледи и тажни лица со коишто секојдневно се среќавам низ бриселските улици. Мали дечиња ја држат мајка им за раката и не ја пуштаат. Пред некој ден на враќање од мојата работа по автопатот накај Брисел видов едно возило со украински таблици. Возеше едно девојче, верувам дека немаше 20 години. До неа седеше една жена на предното седиште. А одзади уште две деца и една друга жена. Задниот дел од автомобилот товарен до врв, нема каде да се фрли ниту игла. Дозволената брзина беше 90, а таа возеше многу побавно. Го фатила силно воланот, се припила до него и гледа по патот со втренчен поглед. Девојченце мило, помислив, колку си млада и убава, со убави сини очи и со долга руса коса како срма. И ти си имаш слатки сонови, не откажувај се од нив. Иако треба да бидеме внимателни со соновите оти тие можат да бидат кошмари, сепак, не откажувај се никогаш.
Лорета Трајкоска од Брисел, специјално за „Нова Македонија“