Македонската православна црква-Охридска архиепископија го прослави Илинден според каноните и вековната традиција
Големиот празник посветен на старозаветниот пророк Свети Илија, Илинден, Македонците во Мијачијата го празнувале и го празнуваат до денешни дни. Во славното село Лазарополе, во црквата „Св. Ѓорѓи“, утрото, на 2 август, традиционално епископот антаниски Партениј, игумен на свештената и славна Бигорска обител, со голема љубов кон родот македонски отслужи света и божествена архијерејска литургија.
Во празничното слово тој истакна дека ова село изнедри великани што важат за столбови на нашата слобода и државност и за кои со благодарност и молитва се сеќаваме. Со своето поучително боговдаховено слово, епископот Партениј ги крепи нашите срца со силна вера и ревност за богољубивите и родољубиви дела на нашите славни предци. Епископот Партениј потсети на времето од пред 120 години, кога нашиот многу намачен и напатен народ херојски востанал против гнетот и јаремот на големата Османлиска Империја. Во молитвата спомена за душите на сите оние што јуначки се бореле и славно паднале во светите борби за нашата вера и татковина, или биле измачувани и убиени од непријателските војски или паднале во заробеништво, односно за душите на сите што низ историјата се бореле и паднале за идеалот за слобода и државност.
– Тоа село изнедрило големи црковни великани, општествени дејци, просветители и уметници. Бројноста на присутните во храмот изненадува и потсетува на старите времиња на преродбата кога животот во селото цутел и плодоносел. Грижливиот дух на нашиот старец за зачувување на христијанските вредности, особено на семејните, кои славните предци особено ги негувале, гореше со ревност и затоа неговата празнична беседа на светата литургија беше исполнета со силен божествен копнеж за нивно заживување – посочуваат од Бигорски.
Во Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“, потоа, попладнето, на 2 август, беше извршен чинот Доксологија (Сонословие), молитва за татковината. Оваа традиција ја воведе епископот Партениј, со што се пренесуваат молитви за вечен спомен и за блажено упокоение на сите што се бореле и паднале во светите борби за верата и татковината – Македонија, особено во Илинденското востание. Исто така, монасите со чинот на Доксологијата се помолија и за началниците што биле поставени да управуваат. Зашто, навистина, голема одговорност имаат и оние на кои Господ им дал власт да управуваат со државата, многумина ги дале своите животи, најсветото што го имале.
„Големата вера и доверба во бога на поединци, па и на цели народи, направиле дела чудесни и невозможни за човекот, но можни за бога. Бог бара добра земја во срцата човечки, каде што би го посеал семето на спасението, а срцето станува добра и плодна земја токму преку верата и довербата во бога. Пример за тоа ни е светиот пророк Илија. Неговата вера победила царство – царство на мрак, разврат и многубожие. Со големо дерзновение го изобличувал гревот на израилскиот народ и на царот Ахав. Неговата слобода пред бога што произлегувала од неговиот чист и девствен живот променила многу срца и ги вратила кон бога. Голем чудотворец за време на животот и по смртта. Со молитва го затворил небото три години и шест месеци без дожд; со молитва спуштил оган од небото и го запалил со вода наквасениот жртвен принос; воскреснал мртовец; се удостоил да биде вознесен на огнена кочија со огнени коњи; се појавил заедно со Мојсеј на Таворската Гора при преображението на Спасителот Господ Исус Христос; и повторно ќе дојде пред крајот на овој свет за да го подготви народот божји.
Свети Илија пламенот, огненосниот ревнител и пророк божји, чиј спомен неизбришливо се слави до наши дни, е пример за богољубие, извор на ревност и инспирација за големи дела кај христијаните, особено кај нашиот народ. Нашите славни предци, тие великани на духот и слободата, обземени од огнената ревност на пророкот, ја исполнија најголемата заповед на Христа со тоа што ги положија своите животи за ближните, докажувајќи дека ја имаат најголемата љубов. Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели“ (Јован 15,13).
Убавината на завчерашното торжество ја збогатија благозвучните гласови на членовите на хорот „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево, кои умилно и молитвено пееја на божествената евхаристија. По богослужбата, пак, празничното ликување продолжи и на плоштадот во селото, со настапот на виртуозните свирачи на традиционални инструменти од составот „Чалгии мерак“, кои настапија со своја пригодна програма.