ЕДНОСТРАНА ДЕКЛАРАЦИЈА НА РЕПУБЛИКА БУГАРИЈА

Во пет до 12, или непосредно пред одржувањето на првата меѓувладина конференција во Брисел, со што ѝ се отвори патот на Македонија кон ЕУ, Бугарија подло подметна уште едно кукавичино јајце во вид на еднострана декларација за негација на македонскиот јазик. Во посебна декларација, од страна на Министерството за надворешни работи на Бугарија, Софија укажува дека упатувањето во документите на ЕУ на официјалниот јазик на Република Северна Македонија во никој случај не треба да се толкува како признавање на „македонскиот јазик“ од страна на Република Бугарија. Пренесуваме што пишува во бугарската декларација.
„Повикувајќи се на став 7 од Заклучоците на Советот за Проширување – Северна Македонија и Албанија, од јули 2022 година, и повикувајќи се на став 22 од Преговарачката рамка за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ и нејзиното повикување на официјалниот јазик на Република Северна Македонија, согласно нејзиниот Устав, како јазик за превод на законодавството на ЕУ, со оваа декларација Бугарија го потврдува следново:
Бугарскиот литературен јазик има шест регионални писмени норми (кодификации). Три од нив се засновани на дијалекти, а три на литературен бугарски јазик. Создавањето на ’македонскиот јазик‘ во 1944-1945 година во поранешна Југославија беше чин на секундарна кодификација (рекодификација) врз основа на бугарскиот литературен јазик, дополнително ’збогатен‘ со локални форми, со што се симулираше ’природен‘ процес заснован на дијалектна форма. Секое повикување на официјалниот јазик на Република Северна Македонија во официјални/неофицијални документи/позиции/изјави и други на ЕУ и нејзините институции, тела, канцеларии и агенции мора да се разбере строго во согласност со Уставот на оваа земја и никако не се толкува како признавање од страна на Република Бугарија на ’македонскиот јазик‘.
Бугарија продолжува да се придржува до јазичната клаузула содржана во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, потпишан во Скопје на 1 август 2017 година помеѓу Република Бугарија и Република Македонија, за целите на билатералните договори/договори/меморандуми и други меѓу двете земји“, се вели во декларацијата.


ЕДНОСТРАНА ИЗЈАВА И ОД МАКЕДОНИЈА
И Македонија со еднострана изјава во минута до 12

На политичкиот состанок на меѓувладината конференција за пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија, во Брисел, на 19 јули 2022 година, беше поднесена еднострана изјава и од Македонија, која треба да се приложи кон записникот од првата политичка меѓувладина конференција.
Во изјавата од Македонија се вели:
„Како што е прoпишано во Уставот на Република Северна Македонија, македонскиот јазик и неговото кирилско писмо е службен јазик на Република Северна Македонија на целата територија на државата и во нејзините меѓународни односи
Литературниот македонски јазик е кодифициран во 1945 година. Согласно сознанијата утврдени со акти, широко прифатените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика и лингвистичката наука, македонскиот јазик има свој јазичен, просторен и временски континуитет. Овој континуитет се заснова на специфичниот развој на дијалектите што се во неговата основа и биле распространети на територијата на денешна Република Северна Македонија. Македонскиот јазик се определува како словенски јазик, кој се наоѓа во јужнословенската група јазици, кој низ вековите растел, се развивал и се издигнал во наддијалектен, национален стандарден јазик на македонскиот народ.
Македонскиот јазик беше признаен на Третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 година.
Македонскиот јазик се изучува на многу катедри за славистика и лекторати на факултети и универзитети низ Европа и светот. Неговата долга говорна и писмена традиција е неоспорен факт во лингвистичката наука. Литературата напишана на македонски јазик е добитник на меѓународни награди и признанија.
При склучувањето на какви било договори, спогодби и документи на Република Северна Македонија со Европската Унија, кои содржат јазична одредба со поименично наведување на сите официјални јазици на ЕУ, како што е договорот за соработка со Фронтекс, Северна Македонија очекува истите тие да се потпишат со поименично наведување на македонскиот јазик без какви било објаснувања, додавки или фусноти.
Во текот на преговорите за пристапување сѐ до нивното завршување со склучување Договор за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ и по приемот во полноправно членство во ЕУ, Северна Македонија нема да прифати да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа наведено во Преговарачката рамка. Со приемот на Северна Македонија во полноправно членство во ЕУ, македонскиот јазик треба да стане еден од службените јазици на ЕУ“. Н.М.