Фото: Игор Бансколиев

Внатрешнополитичките превирања во Бугарија за составување политичка влада се до степен на блокирање на функционалноста на бугарската држава. Високи функционери од Софија предупредуваат дека таму не е заложник само бугарскиот буџет туку и планот за закрепнување, шенген, еврозоната и фондовите… Но прашањето што веќе го поставуваат регионалните лидери во контекст на долготрајната автогенерирачка политичка криза во Бугарија е ако тие сакаат да практикуваат политички мазохизам, кој е мотивот што практикуваат и регионален политички садизам?!

Поради кризата во Бугарија во заложништво европските перспективи на целиот регион

Политичката криза во Бугарија, која се манифестира преку неможноста да се создаде стабилна влада со мнозинска поддршка во Собранието, ја гази веќе третата година. Во меѓувреме, таму се одржаа четири-пет изборни парламентарни циклуси, од кој последниот беше на 2 април годинава, а сѐ уште е под голем знак прашалник формирањено политичка влада. Сериозноста на состојбите е ескалирана до тој степен, што Бојко Борисов, претседателот на ГЕРБ, партија што има мандат да состави влада, предупредува дека ако тоа не се случи набрзо, државата во јуни нема да биде во можност да исплати плати и пензии.

Софија во автозаложништво

– Не е само буџетот заложник, туку и планот за закрепнување, шенген, еврозоната и фондовите. Имаме толку многу проблеми што во моментов се заложници на политичките игри. Од првиот ден зборувам за одговорност на сите партии – ја предупредува Борисов бугарската јавност, притоа споменувајќи опција за „уставна влада, бидејќи за промена на Уставот се потребни најмалку 160 гласа“.
Интересно е што во целиот период на разединетост и разногласие на бугарската политичка сцена, можеби единствената тема околу која се едногласно обединети сите политички чинители во оваа земја се односите со Македонија, односно хегемонистичките националистичко-историски условувања за почеток на македонските преговори за членство во ЕУ. Во бугарското собрание се изгласани две декларации со услови што се бараат да се исполнат од страна на Македонија за да се добие поддршката на Бугарија за продолжување на евроинтеграциите. Таквите неколкугодишни опструкции на Бугарија се преточени во т.н. француски предлог за Македонија, за внесување на Бугарите во македонскиот устав.
– Идејата за некаква уставна влада во Бугарија е чиста измислица на Борисов, очигледно измислена поради домашните нерешливи проблеми. Таков поим како „уставна влада“ не е познат во политичката теорија. Но познато е дека нивниот буџет е на располагање до средината на јуни, и можеби тешкотиите се поврзани со ограничите овластувања на техничката влада. Во секој случај, бугарската севкупна криза продолжува и се продлабочува, а тоа мора да го имаат на ум сите надлежни политичари во Македонија. Не треба да има никаква дилема дека внатрешните состојби во Бугарија се рефлектираат и на односите со Македонија, се прелеваат и во регионот. Македонското прашање им служи за свртување на вниманието од нивната мизерија.
Сè заедно, бугарската политичка криза ќе трае уште долго, што треба да биде директно предупредување за нас дека мора да направиме радикални промени на досегашните политики спрема Бугарија. Во спротивно, Македонија никогаш нема да стигне до Европската Унија – вели поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски.
Поврзаноста на внатрешната криза во Бугарија, дисфункционалноста на државата и невладеењето на правото не само што влијаат на таа ЕУ-членка, туку генерираат и криза и блокирање на регионалниот евроинтегративен процес. Тоа особено се однесува за Македонија, кон која Бугарија (толерирана од некои претставници од Брисел) дури и со непочитување и прекршување на меѓународното право демонстрира една малигна агресивност „малтретирајќи ја целата меѓународна јавност со својата шизофрена страст за апсолутна и неограничена претензија за други територии, народ, јазик и историја“.

Македонската позиција во релациите со Бугарија треба да се постави принципиелно, според нашите национални интереси

Политикологот и поранешен вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски цени дека под опцијата за уставна влада, Борисов говори за влада со мандат да го менува уставот на Бугарија, во насока на промена на систем што би им донел политичка стабилност. Но, според Боцевски, за какви и да е уставни промени да се размислува во Бугарија, тие не би биле во насока со која би отстапиле од сегашните позиции на бугарската политичка елита спрема Македонија, а нема навестување и дека би биле во насока на признавање на македонското малцинство во Бугарија.
– Секоја планина си има своја тежина. Бугарското општество и држава си имаат повеќе „планини“, а најакутниот проблем им е што веќе неколку години не може да се формира стабилна влада со полн политички мандат и главно функционираат со техничка влада, која ја одредува претседателот, но таа е со ограничени ингеренции. Опцијата за некаква уставна влада, која ја споменува Борисов, претпоставувам дека се однесува на формирање влада со мандат да го менува Уставот на Бугарија. Веројатно преку уставни измени сакаат да воспостават изборен систем што би им донел политичка стабилност. Но сите тие, засега претпоставени промени, не се во насока за суштински да влијаат на промена на односите меѓу Бугарија и Македонија, или некаква „чудесна одлука“ за признавање на македонското малцинство во Бугарија. Ставот на сите политички чинители во Бугарија во однос на Македонија е усогласен и неколкукратно потврден во бугарското собрание, што ја прави нереална секоја помисла за некаков радикален пресврт на официјална Софија по тоа прашање. Затоа, нашата, македонска позиција во релациите со Бугарија треба да се постави принципиелно според нашите национални интереси, без никакви калкулантски предумисли поврзани со внатрешните политички превирања во Бугарија – смета Ивица Боцевски.


Претседателот Пендаровски во официјална посета на Кралството Белгија

Македонскиот претседател Стево Пендаровски се наоѓа во официјална посета на Кралството Белгија, која е предвидено да трае до утре.
Во рамките на посетата, претседателот Пендаровски ќе има аудиенција кај Кралот Филип и ќе оствари средби со премиерот на Кралството Белгија, Александер де Кро, претседателката на Домот на претставниците на белгискиот Парламент, Елијан Тилие, и со претседателката на Сенатот на белгискиот Парламент, Стефани Дос.
Во состав на официјалната делегација предводена од претседателот Пендаровски се министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Јован Деспотовски.
Во рамките на работната посета на Белгија, претседателот ќе се обрати пред претставници на белгиски компании, пред кои ќе бидат презентирани економските потенцијали и инвестициските можности во Македонија, во соработка со Стопанската комора Антверпен Васланд (VOKA), Агенцијата за извоз и странски инвестиции на Валонија (AWEX), Агенцијата за инвестиции и трговија на Фландрија (FIT) и Бриселската агенција за поддршка на бизнисот, ХАБ Брисел.

Фото: Игор Бансколиев