Собранието попладнево работеше на продолженијата по неколку седници. Во рамки на 71. седница, пратениците дискутираа по Годишниот извештај за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата за 2021 година.
Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Катица Николовска истакна дека покрај новите методи за работа седници онлајн, работа од дома, ДКСК успеа и во текот на 2021 година да ги надмине неколкуте горливи проблеми кои влијаат на исполнувањето на своите надлежности. Таа посочи дека од јуни 2021 година, ДКСК работењето го врши во нови простории, со што се обезбедија максимални услови за работа. Николовска информира дека за 111 планирани активности кои што требаше да бидат реализирани во 2021 година, реализирани се 22.
– Во текот на 2021 година до ДКСК беа доставени голем број на пријави од кои 583 пријави од областа на корупцијата, 89 од областа судир на интереси, 48 се поднесуваат пријави за изборниот процес, како и формирани предмети по сопствена иницијатива. ДКСК во 2021 година реши 404 предмети, за кои што донесе 390 одлуки. 162 одлуки се за отфрлање на пријавите поради ненадлежност за постапување или недоволно елементи, шест пријави се доставени до други надлежни органи на надлежно постапување, а 222 пријави се одлуки кои што се однесуваат за запирање на постапките. Во текот на 2021 година беше зголемен бројот на вработените, така што од предвидени 64 работни места пополнети се 34, што претставува 53 отсто од пополнетоста и значи подобрување на состојбата на човечките ресурси, рече Николовска.
Според Николовска, зголемениот број на вработени не е гаранција само по себе дека ќе се подобри работењето, туку посочи дека успешното работење зависи од степенот на квалификации, но и од континуирана едукација.
Според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески, разгледувањето на овој Извештај нема ниту логика, ниту сенс, освен правната обврска тој да помине преку Собранието.
Жаклина Лазаровска, пратеничка на СДСМ истакна дека од 2019 година наваму имаме извештаи на ДКСК онакви какви што треба да бидат, со посочени забелешки, со критики, со нотирани одредени ситуации, постапувајќи според закони и ингеренциите, а тоа се должи, како што рече, на тоа што ДКСК работи самостојно без никаков притисок , без некој да налага што треба тие да прават како Државна комисија.
Спикерот Талат Џафери ја прекина седницата и извести дека со работа по оваа седница ќе продолжат во четврток.
Претходно, во рамки на 79. седница пратениците расправаа по Предлог на законот за ратификација на Спогодбата меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија за основање Културно-информативни центри во Белград и во Скопје.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Лидија Петковска рече ја загрижува податокот според кој времето на отворање на центрите се утврдува според расположливиот буџет на секоја од страните.
– Спречена сум да имам позитивно излагање во целост затоа што дури и таму каде што има простор да не ве критикуваме си фрлате црна дамка. Зошто? Затоа што спогодбава што се ратификува е потпишана на 25.2.2022 година, буквално точно пред цела една година и како сега да пофалам колеги. А најискрено сакав. Ме загрижува податокот според кој времето на отворање на центрите се утврдува според расположливиот буџет на секоја од страните. Трошоците за ваквите центри се околу 7,5 милиони денари, но можат да ја надминат оваа сума ако има повеќе проекти бидејќи во секторот меѓународна соработка во Министерството за култура може да се аплицира во текот на целата година настрана од предвидената годишна програма. За жал, за една година за аплицирање веќе сме изгубиле. Дополнително, ратификацијата на спогодбата има фискални импликации кои се предвидуваат во редовните буџети на Министерството за култура, рече таа.
Петковска потенцира дека отворањето на културно-информативните центри го гледа и како можност за взаемна промоција и развој на културниот туризам, прифатена од меѓународната практика. Таа очекува со отворањето на овие културно-информативни центри во Белград и во Скопје да се интензивираат културните односи меѓу двете земји, да се зајакне по натамошниот развој на односите меѓу Србија и Македонија , да се зајакне и развие меѓукултурната соработка и да се создадат услови за уметниците од двете држави да ја претставуваат својата работа и сопствената земја.
Спикерот Џафери информира дека Договорот е добиен во Собранието во месец јуни минатата година, споделен до пратениците на 28 јуни, а ставен на дневен ред на 19 јули 2022 година. Посочи дека цела една година не била разгледана на соодветната Комисија за надворешни работи.
– И цела една година не била разгледана на соодветната Комисија за надворешни работи, таа се знае кој ја води и е разгледана на 21 март 2023 година.Денешното продолжение е деветто продолжение на оваа седница. Вкупно десет дена се работело, од 19.7 до денеска 27.3. Затоа се доцни. И на недонесен ратификуван договор кој ќе планира финансиски средства, не може да се планира. Треба да се ратификува договор, па по тој договор да се планираат средства во буџетот. А зошто се чекало година дена, прашајте го претседателот на Комисијата, рече Џафери.
Велика Стојкова Серафимовска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека треба вакви работи повеќе да ни се случуваат и повидливи да бидеме особено во областа на културата и упати молба да претставниците на Министерството за култура да внимаваат во изборите на директорите на културните центри.
– Секогаш е позитивно кога се случуваат добри работи во културата, а ова е добра вест во културата. Отворање на културни центри ни се потребни многу да ги имаме во светот и во сите центри во светот. Досега ние имаме отворено во Истанбул, Софија, Тирана, Загреб, Њујорк и еве во Белград. Треба вакви работи и повеќе да ни се случуваат и повидливи да бидеме особено во областа на културата, бидејќи навистина имаме што да покажеме. Она што ме мачи е тоа што кој ќе биде назначен директор и ќе замолам претставниците на Министерството за култура да бидете многу внимателни во изборите на директорите на културните центри. Се надевам дека кого и да ставите како директор да го води овој културен центар, ќе биде од областа на културата , значи ќе има поврзаност директно со културата. Бидете внимателни кого ставате за директор, бидејќи ваквите културни центри се од клучно значење за културната дипломатија. Културната дипломатија е една од најсилните алатки кои што може една држава да ги има. Преку културната дипломатија, ние ги решаваме и сите други конфликти, рече Серафимовска.
Расправата по овој предлог-закон заврши, а гласањето дополнително ќе биде закажано.
Во рамки на 86. седница, пратениците расправаа по Предлог на законот за изменување на Законот за финансиска дисциплина, во прво читање.
Тони Јаревски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека овие измени на законот ги таргетираат роковите за исплата на доспеаните обврски кои што не се малку и како раководи државата со она што е планирано, што е изведено и кого и како е платено.
– Генерално, тие рокови сега согласно постојниот закон во деловните трансакции помеѓу субјектите од јавниот сектор и економскиот оператор од приватниот сектор на еден субјект се јавува должник не може да се договори рок за исполнување на неговите обврски подолг од 60 дена , односно 90 дена со постојниот закон. Сега тие се коригираат и задоцнетото плаќање практично се регулира при трговските трансакции , со самата директива рокот за исполнување на паричните обврски не може да биде подолг од 30 дена, а за субјектите од здравствениот сектор за 60 дена, рече Јаревски.
Џафери констатира дека општата расправа по овој предлог-закон заврши и заклучи дека Предлог на Законот за финансиска дисциплина е прифатлив и треба да се даде на второ читање. Овој заклучок заедно со стенографските белешки да се достави до Комисијата за финансирање и буџет и законодавно-правната комисија. Гласањето за овој предлог-закон дополнително ќе биде закажано.