Јавноста очекуваше итно разрешување на раководството на М-НАВ, кое „со разбирање“ реагираше на нападот врз своите вработени, но Владата (под чија надлежност е ова акционерско друштво) одлучува за тоа по пет дена. Сето тоа одложување и политичкоправно тактизирање создава аргументи за сомнежите дека некој со купувањето време намерно сака да го релативизира нападот, па дури и дека намерно се остава простор за влијаење врз сведоците, за бришење на податоците, па и за бегство на сторителите од земјата?
Индикатори за политичкоправно жонглирање за случајот „М-НАВ“
Пет дена по инцидентот во насилниот упад во М-НАВ со закани и физичко насилство врз контролорите на лет, во време на нивно активно управување со воздушниот простор над скопскиот аеродром, Владата на седница одлучуваше за реперкусиите врз раководството на институцијата, од кое еден член беше и предводник на упадот. Во тој петдневен вештачки „интеррегнум“ (од 4 до 9 јануари) со голем број политички изјави и активности јавноста препозна повеќе обиди да се релативизира скандалозниот инцидент со кој беа загрозени безбедноста на воздушниот сообраќај, безбедноста на институциите, но и на правниот поредок во Македонија. Според меѓународните безбедносни стандарди, таквиот упад во контролата на лет на скопскиот аеродром, според правни експерти, би се квалификувала како терористички напад, а за актерите на насилното поведение во правна држава би биле преземени инстантни дејства и ефективни правни мерки.
Но, особено контроверзно, по овој случај, што правниците го исцртуваат со јасни терористички карактеристики, надлежните институции одлучија прво да ги истераат празниците, па потоа да решаваат што ќе преземат. Јавноста очекуваше решителна правна постапка за извршителите на терористичкиот акт, но за контроверзноста да биде поголема, Кривичниот суд одлучи дека нема основа за затворски притвор на сторителите. Исто така, јавноста очекуваше итно разрешување на раководството на М-НАВ, кое „со разбирање“ реагираше на нападот врз своите вработени, но Владата (под чија надлежност е ова акционерско друштво) за тоа одлучува по пет дена. Сето тоа одложување и политичкоправно тактизирање создава аргументи за сомнежите дека некој со купувањето време намерно сака да го релативизира нападот, па дури и дека намерно се остава простор за влијаење врз сведоците, за бришење на податоците, па и за бегство на сторителите од земјата?
– Во случајот со М-НАВ потфрлија институциите, кои се партизирани и кои не одговараат пред Уставот на државата и пред законите, ниту пред граѓаните – вели универзитетскиот професор Борче Давитковски. Според него, Владата доцни со разрешувањето на раководството на М-НАВ. Професорот Давитковски смета дека токму упадот во М-НАВ е еклатантен пример каде што се виде дека сите институции потфрлија – почнувајќи од обезбедувањето на М-НАВ, потоа МВР, кое требаше веднаш да ги уапси насилниците, сѐ до Владата, која е надлежна за ова акционерско друштво во државна сопственост.
– Владата требаше веднаш да одржи вонредна седница на која ќе ги разрешеше директорите на М-МАВ, а не да се дозволи дури утредента да држат „безвезна“ прес-конференција на која не кажаа ништо, односно ги бранеа осумте насилници што влегоа во институцијата – вели Давитковски.
По одлуката на Кривичниот суд дека со упадот на насилниците во М-НАВ немало безбедносно загрозување на воздушниот сообраќај, од партијата ДУИ произлезе информација за ставот дека всушност и „нема доволно аргументи за разрешување на директорите“ на оваа институција, кадар на конкретната партија. На таквата стратегија за политичко релативизирање на инцидентот остро реагира универзитетската професорка Мирјана Најчевска.
– Се согласувам. Нема основа за разрешување на директорите на М-НАВ. Има основа за апсење на директорите на М-НАВ, целокупното раководство на ДУИ, сите министри, директори, судии, јавни обвинители и раководен кадар во полиција поставени од ДУИ. Како за почеток – напиша на социјалните мрежи професорката Најчевска.
Истиот ден кога Владата одлучуваше за инцидентот во М-НАВ, претседателот Стево Пендаровски ги прими Александар Тасевски, претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање, и Горан Гавровски, член на синдикалниот одбор. На средбата, претседателот Пендаровски ги поддржа заложбите на синдикатот за одржување на професионалното ниво во функционирањето на М-НАВ АД – Скопје, која е дел од критичната инфраструктура во државата.
Во оваа насока, претседателот Пендаровски уште еднаш го осуди насилничкото однесување во М-НАВ од страна на вработени во таа институција и други лица, кои неовластено влегле во нивните простории и повика на расчистување на случувањата во најкус можен рок, имајќи предвид дека станува збор за потенцијално загрозување на безбедноста во меѓународниот авионски сообраќај.
Истовремено, претседателот Пендаровски го реафирмира ставот дека ничиј личен или политички интерес не може да биде над правниот поредок и непреченото функционирање на институциите.