На 26 јули 1963 година, во 5.17 часот, Скопје се соочи со земјотрес од 6,1 степени според Рихтеровата сеизмичка скала, кој траеше 20 секунди, а со помалите потреси до 5.43 часот. Под урнатините животот го загубија 1.070 граѓани, од кои 478 мажи, 430 жени и 162 деца. Од земјотресот беа урнати 15.800, а оштетени 28.000 стана
Скопје низ историјата секогаш се соочувало со големи разурнувања и катастрофи, но македонската метропола како да личи на митската птица феникс, птица за која многу антички култури верувале дека изгорува штом ќе ја насети смртта и повторно се раѓа од сопствената пепел. Нашиот главен град, слично на оваа митска птица, како да има способност да се самолекува, да се преродува или воскреснува. Не случајно Општина Центар го избра фениксот како свој симбол, симбол што ја претставува повеќекратната преродба на Скопје по секое големо разурнување, вклучувајќи ги и силните земјотреси од 518 година, 1555 година и 1963 година.
Настанокот на првата населба на скопското кале е поврзан со земјотрес
Археолошките истражувања посочуваат дека настанокот на првата населба на скопското кале е поврзан со катастрофален земјотрес, кој ја уништил неолитската населба Тумба-Маџари. Спомената населба се наоѓа на североисточниот крај на Скопје, во просторот меѓу населбите Маџари и Ченто, позната по откриените амфори со кафени орнаменти, накит изработен од речен камен, коскени белезици, како и Големата мајка (теракота со претстава на глава на жена).
Истражувањата, според белезите на паднатите ѕидови на куќите, непосредно посочуваат дека Тумба-Маџари настрадала од природна катастрофа, односно земјотрес. Археолозите веруваат дека врз урнатините имало обиди за обновување на животот, но во рамките на доцниот неолит Тумба-Маџари била напуштена. Врз основа на археолошките наоди, археолозите веруваат дека жителите на Тумба-Маџари, како и жителите на околните населби, започнале да се населуваат на повисоките места, основајќи ја големата населба на скопското кале.
Научниците истакнуваат дека ако се земе предвид континуитетот на просторот на скопското кале, од петтиот милениум пред нашата ера до денес, неолитското население од Тумба-Маџари може да се смета за прво скопско население. Во оваа конотација, археологот и професор Драги Митревски од Филозофскиот факултет од Скопје вели дека Тумба-Маџари ги позиционира корените на културно-историскиот развој на Скопје уште во шестиот милениум пред нашата ера.
Првата преродба на Скопје е поврзана со катастрофален земјотрес
За местоположбата на градот Јустинијана Прима, основан од византискиот император Јустинијан Први, и седиште на архиепископијата Јустинијана Прима, постојат повеќе теории. Британскиот истражувач сер Џон Артур Еванс верувал дека Јустинијана Прима се наоѓал во близината на античкиот град Скупи односно на скопското кале, а оваа теза ја поддржуваат и многу други археолози и истражувачи.
Настанувањето на Јустинијана Прима се поврзува со земјотресот од 518 година, кога градот Скупи настрадал заедно со 24 кастели, според пишувањата на хроничарот Марцелин. Речиси една деценија подоцна, односно во 527 година, со Источното Римско Царство (познато и како Византија) започнал да владее Јустинијан Први, кој во 535 година издал наредба за основање нова архиепископија и нов град.
Во периодот помеѓу 530 и 552 година, византискиот хроничар Прокопиј во делото „За градбите на господарот наш Јустинијан“ детално ги споменува градовите и тврдините што биле изградени или обновени од Јустинијан, а во неговиот список не се споменува градот Скупи. Ова премолчување навело неколкумина истражувачи, вклучувајќи го и К. Манерт, дека Скупи е Јустинијана Прима. Прокопиј исто така вели дека споменатиот град се наоѓал мошне блиску до тврдината наречена Бадеријана (денешно Бадер во Скопско), каде што имало место по име Таурисион, кое всушност било и родното место на Јустинијан. Истражувањата и анализите исто така покажуваат дека имињата на градовите Скупи и Јустинијана Прима во ниту еден момент не се преклопуваат.
Археолошките истражувања на Иван Микулчиќ посочуваат дека многу столбови и капители, довратници и надвратници, скалила, делкани блокови, украси од фасадите, односно само од театарот околу две илјади големи камени блока биле однесени од Скупи, кој е лоциран пет километри северозападно од Скопје, поточно во Злокуќани, лево од утоката на реката Лепенец во реката Вардар, во подножјето на Зајчев Рид. Врз основа на овие откритија и на локацијата, археолозите и историчарите веруваат дека урнатините на Скупи биле искористени како градежен материјал за Јустинијана Прима.
Издигнувањето на Скопје како економски центар по земјотресот од 1555 година
Според османлиските извори, во 1555 година се случил т.н. втор катастрофален земјотрес, кој речиси го разурнал Скопје, но, како и по секој земјотрес, повторно воскреснал. Историските документи потврдуваат дека во периодот по споменатиот земјотрес, Скопје се оформило како еден од најразвиените и најголеми градови во европскиот дел на Османлиското Царство. Во текот на втората половина на 16 и 17 век, Скопје е значаен економски центар со сараи и анови, како „Куршумли-ан“ и „Капан-ан“. За убавините и просперитетот на градот во овој период пишувале многумина, а меѓу нив бил и патописецот Евлија Челебија, кој скопската чаршија ја споредил со онаа во Истанбул. Според Челебија, во Скопје имало 12.000 куќи со околу 60.000 жители, 2.150 дуќани, еден безистен, 70 јавни амами, 120 џамии, повеќе беговски конаци и сараи.
За чаршијата, Евлија Челебија запишал: „Таа има 2.150 дуќани. Тука има плоштади и пазари, со сводови и куполи. Од сите, најубави се: чаршијата на безазите (памучни ткаенини), чадорџиите, папуџиите, бојаџиите и ткајаџиите (капи). Тоа се големи чаршии изработени по план. Сокаците им се чисти и калдрмисани. Секој дуќан го красат зумбули, темјанушки, рози, босилек, јоргован и крин во вазни и саксии. Тие со својата миризба просто го опиваат мозокот на посетителите и на трговците. Тука има образовани и многу чесни луѓе. За време на летните жеги сиот скопски пазар личи на багдадските сенки, зашто сите негови чаршии се со наткривени капаци и сводови како во Сараево и Халеп“.
Во овој период Скопје е опишан и од османлискиот писател Дулгар Деде, кој вели: „Пропатував низ цела Румелија сиве овие години, видов многу прекрасни градови благословени од бога, но ниту еден од нив не ме импресионира со својата убавина како рајскиот град Усќуп, низ кој тече реката Вардар“.
Непосредно пред палењето на Скопје во 1689 година, Енеја Силвио Пиколомини, италијански благородник и австриски генерал, запишал: „Скопје е простран град, не многу помал од Прага или колку неа. Го најдов напуштен, без скапоцености, богато снабден со производи. Малкуте луѓе што останале, исплашено врват по улиците. Жал ми е што зградите, какви што досега не сум видел, џамиите од најубав мермер и украси од злато на кои и во Рим би им посветил внимание, убавите старини и градини, морам да му ги предадам на пламенот“.
Скопје како град на солидарноста
Во пет часот и седумнаесет минути наутро на 26 јули 1963 година Скопје беше погодено од земјотрес во кој загинаа повеќе од илјада жители. Речиси сите објекти на јавната администрација, училишта, болници и други јавни објекти беа значително оштетени. По земјотресот, градот не беше комплетно разурнат, но голем дел објекти што се уште стоеја беа непоправливо оштетени или бескорисни.
Реконструкцијата на Скопје започнува веднаш по земјотресот, со меѓународна помош, финансиска, медицинска, инженерска поддршка, градежни тимови и набавки, кога 78 држави им помогнаа на жртвите и одново го изградија градот. За првпат од 1945 година војниците на САД и поранешниот Советски Сојуз имаа можност да се запознаат, бидејќи и двете држави испратија војници на помош. Познатиот уметник Пабло Пикасо донираше слика во Музејот на современата уметност, изграден од страна на Владата на Полска и архитекти од Полска.
Поради меѓународната солидарност, многу улици, објекти, па дури и сите населби носат имиња на државите, лицата или компаниите што придонеле за обновата на градот. На пример, поликлиниката што е донација од Романија го носи името Букурешт, неколку улици и патишта го добиле името според Мексико, Варшава, Прага, Џон Кенеди.
Меѓутоа не сите именувања се официјални. Кога Обединетото Кралство испрати 49 кралски инженери, пронаоѓачот и основач на „Дексион“, Димитриј Комино обезбедил материјали за градење рамки, доволно за изградба на две села во агломерацијата на Скопје, едно од нив наречено Дексионград или Дексион.
Во октомври 1964 година, Советот на Град Скопје усвојува нацрт-план, кој е резултат тимска работа на меѓународни експерти, предводени од полскиот архитект Адолф Циборовски. На основа на овој план Обединетите нации распишуваат меѓународен конкурс за детално решение на централното подрачје на градот. На конкурсот учествуваат осум тима, четири од Југославија и по еден од Јапонија, Италија, Холандија и САД. Во конкурсните решенија се издвојуваат два урбани модела. По извршената анализа на добиените предлози, предност му е дадена на моделот во кој спаѓа планот на Кензо Танге, додека планот на југословенските архитекти Радован Мишевиќ и Федор Венцлер ја добива втората награда. Но комисијата предлага двата тима да работат заедно за да го развијат финалниот план. Преку ваквата соработка ќе биде подготвен новиот урбанистички план за центарот на Скопје т.н. деветта варијанта.
Скопје почнува забрзано да се обновува. Покрај општествените, во обновата се подигнати и голем број станбени објекти, со кои се оформуваат центарот и новите квартови. Масовната изградба на поголеми објекти започнува најпрвин во центарот на Скопје, и тоа во состав на т.н. Градски ѕид, кој е идејно дефиниран со конкурсниот проект на Танге. Но со деветтата варијанта се отстапува од конкурсната идеја за Градски ѕид оформен со повеќекатни терасести блокови, кои се заменети со станбени кули и ламелни станбени блокови. Д.Ст.
Обнова на црква „Св. Пантелејмон“ по земјотресот од 1555 година
Во текот на земјотресот од 1555 година била оштетена и манастирската црква „Св. Пантелејмон“, која се наоѓа на осум километри југозападно од Скопје, поточно во селото Горно Нерези на Водно. Според византиските извори, црквата била изградена од византискиот принц Алексеј Ангел, син на Константин Ангел и Теодора, ќерка на византискиот цар Алексеј Први Комнин. Од споменатиот земјотрес, црквата ја загубила централната купола, на која се верува дека бил насликан Исус Христос Седржител, со фигурите на пророците фланкирани од страните на осумте прозорци. Исто така биле оштетени и некои од сводовите, во кои биле насликани композиции што ги илустрираат големите празници. Меѓутоа, истражувањата покажуваат дека по земјотресот од 1555 година биле санирани делови од црквата и бил изведен нов живопис. Оригиналната декоратива на храмот била заменета со пантократорот во куполата, небесна литургија изведена околу него, пророците во тамбурот и евангелистите на пандантифите, сцените од празничниот циклус лоцирани во поткуполниот простор, зоната со светителски бисти насликани во средниот регистар и Богородица во апсидата. Истражувачите веруваат дека ова е творба на вешт автор, кој се обидувал да го следи концептот на автентичното сликарство од 12 век.
„Нова Македонија“ прва објави анализа за причините на земјотресот од 1963 година
Во септември 1963 година весникот „Нова Македонија“ ги објави ставовите и анализите на Душко Манаковиќ, тогашен доцент на Природно-математичкиот факултет во Скопје, за причините за земјотресот од 26 јули 1963 година. „Македонија со поголемиот дел зазема стар планински масив – Родопски. Но на ова подрачје тој масив во далечното минато се разделил на Родопски Масив лево од Вардар и Пелагонски Масив“, истакнува Душко Манаковиќ во својот текст за „Нова Македонија“. Во понатамошната анализа, споменатиот научник вели дека помеѓу овие два дела на Родопскиот Масив се протега некој вид огромен ров, широк 70 километри, долината на Вардар, таканаречената вардарска зона. Манаковиќ исто така вели дека поради поместувањето на раздвоените делови на планинскиот масив, вардарската зона денес има карактеристичен изглед, односно одделни делови се спуштени, а други се издигнати. Сеизмичките движења на вардарската зона може да бидат вертикални и хоризонтални или во двата правца истовремено. Манаковиќ нагласува дека бреговите на огромниот ров во вардарската зона се многу нестабилни, се движат и повремено предизвикуваат земјотреси од различни јачини и видови.