Да, токму така. Сите ги убивме овие деца, и убиените и убиецот. Сите ги убивме, зашто систематски и системски им ја убивме и им ја убиваме душата на децата последните децении
Што направивме од нашите деца? Им ги убивме душата, емоциите, емпатијата, блискоста, довербата, прегратката, комуникацијата, другарството, играта, им ги убивме и уништивме семејството, образованието, системот на вредности. Наместо љубов, внимание, време, комуникација, им најдовме замена за сето тоа – паметните телефони, социјалните мрежи, Тик-ток, игрите и парите како компензација за нашата (не)грижа на совест и „немање“ време.
Се оддалечивме во блискоста. Блиски, а далечни, свои, а туѓи, моралисти, а неморални, многу „трезвени“ во пијаноста на времето. Им ги уништивме системот на вредности, моралните норми, знаењето. Наместо знаење, им даваме незнаење и оценки, наместо воспитание – протекционизам, лажни вредности, наместо разбирање и топлина – осуда, неразбирање, омаловажување, неправда. Наместо одговорност и моќ да одлучуваат за својот живот и да се борат, им дадовме неодговорност, чувство на осаменост и отуѓеност, немоќ и помирување дека така мора да биде, оти сите така прават и дека ова е новото модерно (мизерно) време-безвреме. Наместо почит кон авторитетот на родителите и наставниците, им дадовме непочит и нихилизам на сѐ. Ние ги уништивме авторитетот и почитта кон родителите, наставниците и сите возрасни.
Да, ги пуштивме децата со нивните невини чисти души да пливаат во нашиот загаден океан од неморалност, обезвреднетост, незнаење, непринципиелност и сега се чудиме до каде сме стигнале? Е па, нашата искривена реалност веќе ја живееме. Сега не ни чини одразот во огледалото на нашата грда реалност, која сами си ја креиравме.
Фикцијата и виртуелната реалност ни станаа веќе секојдневие и сега од грдата реалност, која децении им ја креираме ја гледаме, сме како демек вџашени и во неверување до каде сме стигнале???
Насилството во сите облици вербално, физичко и сексуално, ни стана начин на однесување и комуникација. Ненормалното ни стана нормално, неморалното – морално, бесрамноста кодекс на однесување.
И ќе се испукаме, пак, на социјалните мрежи (пак во нашата виртуелна реалност) од морализирање, осудување, линчување и паметување каде сме згрешиле и што треба да правиме, каде е грешката, кои затаиле, а во вистинската реалност секој ќе си го продолжи своето сновидение од (без)живот или квазиживот и празното месечарење во нашите небулози. И пак ќе заборавиме на нашите деца, зашто ќе броиме лајкови и ќе лајкаме коментари во сајбер-просторот и ќе хејтаме неистомисленици и ќе се надмудруваме кој е поголем експерт и ќе бараме виновници во насилниците, во жртвите во родителите, наставниците, педагозите, психолозите, медиумите.
И никој нема подлабоко да навлезе во решавање на коренот на проблемот.
Зашто, што би рекол еден познат надреалист, „имагинарното има тенденција да стане вистинско“ и границата меѓу илузијата и реалноста е фиктивна, а нашата имагинарна фикција ни стана пореална од реалноста. И сега се чудиме што децата не ни разликуваат реалност од сајбер-простор, фикција од вистински живот и што копираат и се идентификуваат со ликови од виртуелната реалност или станале „психопати“ или жртви на разни предатори од сајбер-просторот или жртви на насилството од своите врсници и што нема никој сериозно да ги сослуша што им се случува во нивните кревки души и што им се насадило во нивните невини срца и каква болка или тајна кријат.
И така додека оние што треба да се грижат за нив, нивните родители и наставници, нивните блиски, се изгубени во дигиталната безличност и далдисани во типките на тастатурата на расфрланите пиксели на живот меѓу изгубените координати на (без)времето, децата меѓу себе ќе ни се (само)убиваат.
Психолозите особено се сведоци на тажните животни приказни и судбини што секојдневно ги слушаат на многубројните сеанси, кога просто човек се прашува што се случува, што да прави, на што да се потпре, за кое здраво ткиво да се фати во семејниот систем за да ја даде својата професионална помош и поддршка. И тогаш во такви моменти на соочување со тешките случаи и животни и човечки судбини, просто да се запраша дали нешто сериозно се сменило во човечката природа.
Невини чисти детски души засекогаш згаснаа. И чуму сега сѐ? Чуму сите мудрувања како требало? Зарем ќе ги вратиме тие невини детски души, зарем некој наш изречен напишан збор ќе ги врати тие деца ангели или ќе им даде утеха на нивните родители??? Оваа трагедија ако не нѐ освести сите нас дека „камбаните бијат и за нас“, и дека ако сериозно не се самопреиспитаме каде сме кинисале, и да направиме комплетен „ресет“ и „рестарт“ на системот, само прашање на време е кога ќе ни се повтори и ќе ни се повторуваат слични сценарија.
Ова веќе не е кримисценарио од грд американски филм, туку ужасна реалност креирана од секој од нас без исклучок. Сите ние го создадовме мозаикот на распадот, на сеопштиот распад. Зашто сите немо или активно учествува(в)ме во разнебитувањето на сѐ што беше убаво, вредно и добро во минатото. И ова не е носталгија за минатото, туку последен крик за една поубава иднина да им создадеме на нашите деца и да ги спасиме од понорот во кој ги втурнавме и да ги спасиме од црната дупка на современото општество и технологијата, која полека нѐ проголта сите.
Време е да ги стопираме Јутјуб и Тик-ток и да почнеме да зборуваме, „емотиконот“ да го замениме со вистинска емоција, „лајкот“ со прегратка, а „блутутот“ и „вајфајот“ со допир, Фејсбук со вистинскиот лик, инстаграмираната, фотошопирана, ботоксирана илузија со реалната слика на мачното секојдневие.
Зашто „бјутифицираната“ и „филтрирана“ (не)реалност ни се акна од глава со грдосијата на стварноста што ја живееме. Сликата на Доријан Греј ни огрди од грдоста на времето, зашто си ја продадовме душата на ѓаволот.
Да си ги осмислиме (обмислиме) повторно нашите обесмислени животи и да ги потсобереме расфрланите пиксели од нашите животи, кои си ги бараме некаде во изгубените галаксии на сајбер-универзумот, зашто животот ни се ведне во виорот од заблуди и полека ни потонува во својот ламент. Во бели ковчези ја закопуваме нашата црна реалност, ја плаќаме најскапата цена како цивилизација, со невини чисти детски души.