Кандидатката за претседател од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова вечерва изјави дека ја прифаќаат Преговарачката рамка, но не и уставните измени. Во претседателската дебата заедно со кандидатот за претседател поддржан од СДСМ Стево Пендаровски на ТВ21, таа потенцираше дека уставните измени нема да го решат проблемот, туку дека напротив ќе го продлабочат.
– Преговарачката рамка ние ја прифаќаме. Ние не го прифаќаме само елементот врзан за уставните измени и мислиме дека со поинаква добрососедска интерпретација, дека ако се копенхагенски критериуми во прашање може вето, нека си разговараат комисиите инаку не може да се употреби тоа за вето и ги почитуваме европските темелни вредности и принципи и преговарачката рамка, ама и себе претседателе – рече Силјановска Давкова.
На новинарско прашање како земјава ќе го продолжи патот кон ЕУ и како ќе се надмине проблемот со закочените измени во Уставот, Силјановска Давкова рече дека ако некој ги закочил уставните измени, тоа е сегашниот технички премиер, бидејќи не го ставил во првата фаза на гласање предлогот за измени на Уставот, само помина во Комисијата.
– Тој го стави во фиока и со тоа се самопрогласи за американски претседател кој на некој начин во џеб ги стави уставните измени, а нема право на тоа. Јас сум за тоа и кажав оние кои можат да предложат уставни измени, тие тоа не го процесуираа, инаку ќе се видеше дека слично како и народот, и пратениците внатре, дури и од опозицијата некои мислат слично на мене, дека нема потреба од такви уставни измени на ваков начин – порача Силјановска Давкова.
Пендаровски, пак, истакна дека неговата противкандидатка нема одговор како ќе ја надминеме блокадата на патот на државата кон Европската Унија, односно како ќе се надмине проблемот со закочените измени на Уставот.
– Значи, вие не одговоривте, не кажувате како ќе се откочат тие промени, односно како ќе се деблокира нашата сегашна блокада кон Европската Унија, претпоставувам тоа е суштината на вашето прашање. Значи, партија која три години наназад правеше улични протести против европската преговарачка рамка и цело време изјавува дека само како Бугари сме можеле наводно да влеземе во Европска Унија не може да се вади на процедурални работи – потенцираше Пендаровски.
Во оваа насока, тој додаде дека ако државата сака да ги продолжи преговорите со ЕУ, мора да се направат уставни измени.
– Со овој став на сегашнава опозиција ако утре биде власт, па дури и ако остане во опозиција, а за уставни промени знаеме дека требаат две третини ние нема да стигнеме до 2050 да бидеме членки. Со оваа опозиција и со утрешната опозиција, или со утрешната власт која ја поддржува госпоѓата ние не можеме до крајот на веков да станеме. Тоа вие мислите дека ќе можете од позиција на нечленка да ги условувате овие кои се членки вака да направат. Еве ги заклучоците на букурештанскиот самит на НАТО, 2008, кога не одбиваат. Значи, тоа е една брутална формулација, тоа е меѓународна политика, вели оваа земја-кандидат за членство во НАТО, Поранешна Југословенска Република Македонија во тој момент ги исполни сите критериуми за членство остана уште спорот билатерален со Грција. При влез во Обединети Нации ние имаме услови за сите други членки, за нас имавме плус услов. И сега што требаше да направиме да останеме надвор од ОН? И денеска ќе бевме држава? Тоа се „сила Бога не моли“ во меѓународни односи. Ти кажуваш дека не треба така, дека тоа е услов кој не е за другите поставен, меѓутоа тој ти вели тоа е. Зборуваме за реал политика, не за правнички толкувања во кабинети – заклучи Пендаровски.