Познавачите и експертите посочуваат дека доколку се земат предвид случувањата на меѓународната политичка сцена во изминативе неколку децении, очигледно е дека Обединетите нации неуспешно се обидуваат да ги остварат своите цели, како во однос на зачувувањето на светскиот мир така и во однос на заштитата на помалите држави што се членки на најголемата светска организација. Во изминативе години повеќепати беше прекршена и Повелбата на Обединетите нации, а во неколку наврати и Македонија ги почувствува двојните стандарди на ОН на својот грб
ПОВОД: 77 ГОДИНИ ОД ОСНОВАЊЕТО НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ
Обединетите нации деновиве одбележија 77 години од своето постоење како глобална светска организација. Обединетите нации беа создадени со намера да се зачува светскиот мир и да се избегне воен конфликт меѓу големите сили, но и да им се даде одредена заштита на помалите држави. Ова е евидентно во Повелбата на Обединетите нации, која стапи во сила пред 77 години и во себе вклучува важни одредби за одржување на светскиот мир и безбедност. Споменатата повелба исто така беше замислена и како инструмент што требаше да им обезбеди заштита на помалите држави, што е евидентно од членот 2, во кој се вели дека „организацијата е заснована врз начелото на суверената еднаквост меѓу сите членки“ или дека во „меѓународните односи, сите земји-членки се воздржуваат од закани со сила или користење сила против територијалниот интегритет или политичката независност на која било држава, или на кој било начин што не е усогласен со целите на Обединетите нации.“ Но колку вака декларираните заложби и определби на ОН функционираат и во практика? Или, со други зборови, колку ОН се вистински чувар и бранител на суверената еднаквост на сите држави еднакви и колку се применува и почитува меѓународното право?
Познавачите и експертите посочуваат дека доколку се земат предвид случувањата на меѓународната политичка сцена во изминативе три децении, очигледно е дека Обединетите нации неуспешно се обидуваат да ги остварат своите цели, како во однос на зачувувањето на светскиот мир така и во однос на заштита на помалите држави што се членки на самата светска организација. Во изминативе години неколкупати досега беше прекршена Повелбата на Обединетите нации, а во неколку наврати и Македонија ги почувствува двојните стандарди на својот грб, што особено беше видливо при нејзиниот прием во ОН.
За оваа проблематика, Билјана Ванковска, доктор на политички науки, вели дека моќните држави ги злоупотребуваат Обединетите нации за остварување или заштита на сопствените интереси. Таа како пример ја посочува блокадата на Вашингтон во Советот на безбедност на резолуцијата што се однесуваше на Израел, односно израелската политика кон палестинскиот народ. Според Ванковска, меѓународниот светски поредок дефинитивно не функционира, а во овој момент има редефинирање на светскиот поредок.
– Македонија е класичен пример дека Обединетите нации не функционираат. Класичен пример е токму македонската држава. Македонија ги исполнуваше сите услови за да стане полноправна членка ОН, но Советот за безбедност додаде дополнително барање дека Македонија треба да разговара со Грција за наметнатиот проблем за името – посочува Ванковска.
Според неа, на хартија малите држави, како што е Македонија, можат да ги заштитат и остварат своите интереси, но не и во реалноста. Таа како пример ја посочува одлуката на Меѓународниот суд во Хаг, кој пресуди во полза на Македонија, односно дека Грција ја прекрши Привремената спогодба со ветото. И покрај пресудата, не постојат меѓународни механизми што можат да ја реализираат судската одлуката на Хаг, следствено Македонија само на хартија ги заштити своите интереси и право, посочува Ванковска.
Во овој момент е потребна реорганизација на Обединетите нации, затоа што меѓународниот поредок не функционира, што е евидентно со случувањата во Украина, каде што Западот и Русија се во индиректен судир, вели Ванковска. Според неа, светот е мултиполарен и малите држави се принудени да изберат страна, но на тој начин тие стануваат цел.
Некој од познавачите посочуваат дека доколку малите држави сакаат да ги заштитат или да ги остварат сопствените интереси, потребна е внимателна дипломатска активност. Дипломатијата бара и избегнување грешки во надворешната политика, бидејќи грешките во еден подолг период се удвојуваат, а тоа е на штета на националните интереси, посочуваат експертите. Според нив, Обединетите нации се суверенистичка организација што е основана врз принципите на антифашизмот, но од сопствената дипломатија на малите држави зависи дали тие ќе ги остварат или ќе ги заштитат сопствените интереси. Д. Ст.