Фото: „Нова Македонија“

Од понеделник, 29 јануари, се очекува да започне мандатот на третата т.н. пржинска влада, законски проектиран на сто дена, за организирање фер и демократски избори. Секако, тоа ќе се случи доколку во текот на викендов се успее да се спроведат потребните (донекаде и договорени) собраниски процедури, за претседателот на државата Стево Пендаровски да може да му го додели мандатот за техничката влада на донеодамнешниот претседател на Собранието, Талат Џафери. Џафери веќе поднесе оставка од функцијата претседател на парламентот за да го прифати премиерското столче (според партиско-коалициски договор) на владата со мандат за спроведување избори

Преодната влада (владата за спроведување избори) – под лупа

Според т.н. пржински договор, за надминување на политичката криза од 2015 година, сто дена пред парламентарните избори се воспоставува т.н. преодна влада, која треба да обезбеди фер и демократски избори. Со учество на министри од опозицијата, во таа популарно наречена техничка влада, се очекува да бидат спречени евентуални манипулации на власта, со кои би си обезбедила логистичка предност во изборниот процес. Процедурата за воспоставување на преодната влада, односно официјално влада за спроведување избори, започнува со оставката на претседателот на политичката влада, што, според пропишаното во Уставот, повлекува оставка на целата влада.
Потоа, заради организирање избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, Собранието на Република Македонија по предлог на претседателот на Владата на Република Македонија сто дена пред денот на одржувањето на изборите за пратеници во Собранието избира министер за внатрешни работи и министер за труд и социјална политика, по предлог на опозицијата, со мандат што трае до денот на објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за спроведените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, по што мандатот им престанува по сила на закон.
Министерот за внатрешни работи го предлага партијата во опозиција со најголем број пратеници во Собранието, по претходна консултација со двете политички партии со најголем број пратеници во парламентот.
Министерот за труд и социјална политика го предлага партијата во опозиција со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија, се пропишува во Законот за владата, во одредбите што се однесуваат на изборот на т.н. пржинска влада, како договор меѓу политичките партии.
Пржинската влада најчесто се третира како „техничка“ или преодна влада и овие термини некако се сметаат за синоними, што би требало да означат дека станува збор за влада со која треба да се премости одреден период меѓу две политички влади, односно политички состојби во една држава.

Примопредавање на функцијата: Димитар Ковачевски и Талат Џафери
/ Фото: Влада на РМ

Некои теоретски аспекти на една преодна (транзициска, привремена) влада

Иако во светот постојат повеќе дефиниции за тоа (транзициска, привремена, техничка), заедничко на сите нив им е дека се преодни влади, кои имаат мандат за строго определени цели. Една упростена, но општоприфатена дефиниција за преодна влада е дека тоа е влада што привремено се поставува за да се подготви патот за постојана влада.
Сепак, иако терминолошки синоними, техничката и преодната влада може да бидат различни според структурата и важноста (рокот на траење). Техничката влада обично се воспоставува за извршување одредена (една) обврска, за прецизно дефиниран временски период, со строго ограничени ингеренции за носење одлуки. Па, така, т.н. пржинска влада има ограничен мандат од сто дена, како влада за спроведување избори.
Теоретски, една преодна влада може да има и поширок контекст на дејствување, иако првенствено таа треба да подготви терен за некоја нова политичка влада. Преодната влада не мора да има ограничен мандат, ниту министрите во неа да бидат политички експоненти, односно партиски предлози, туку може да претставува и некаква експертска влада. Последнава, пак, експертска влада не мора да има ниту политички корпус за поддршка во парламентот, но се разбира дека мора да постои согласност да биде изгласана таквата влада. Во теоријата се среќава и размислувањето дека и преодната влада може да функционира и да носи одлуки како политичка влада, но кај нас не е таков случајот. Моделот на пржинската влада е ограничен на преодна, транзициска влада, со точно назначен делокруг на одговорности и тежиште на организирање фер и демократски избори, за да се подготви патот за функционална политичка влада, во точно определен рок од сто дена.


Што (не) треба да се очекува од техничката влада

Мандатот и надлежностите на оваа пржинска влада се тесно ограничени за организирање и спроведување на претстојните парламентарни избори, кои сепак ќе бидат распишани подоцна, но начелно е проектиран терминот на одржување за 8 мај 2024 година.
Во тој контекст, премиерот и техничките министри имаат ограничувања во надлежностите за носење одлуки.
Издвојуваме еден карактеристичен пример: Иако, во надлежност на (политичката) влада се назначувањата во Агенцијата за национална безбедност (АНБ), техничкиот премиер со својот мандат сепак не може да го смени директорот на АНБ! Секако, според функцијата, техничкиот премиер има обврска да учествува на состаноците за координација на безбедносните служби, но не може да дава предлози, ниту да носи одлуки!
Втор пример: Техничкиот премиер не може да ги користи „правата“ на политичката влада – да прелага амбасадори, директори на јавни претпријатија под надлежност на владата, членови во управни одбори.
Но да издвоиме дека секако остануваат надлежностите за носење одлуки за тековно функционирање на државата, спроведување на веќе започнати политики и програми, тендери…
Во контекст на работењето на преодната влада би издвоиле уште еден карактеристичен детаљ што би можел да предизвика одредена дисфункционалност во општеството на штета на граѓаните.
Имено, во услови на функционирање на преодната влада, со структура како што е конструирана пржинската влада (со министри, заменици и дополнителни заменици од различни партии, но со врзан потпис за носење одлуки), се покажува дека е многу важно кој ќе присуствува на седниците на владата. Евентуалното бојкотирање на седниците од назначениот министер од некоја партија значи дека на седницата ќе присуствува неговиот заменик од другата партија, што секако создава услови да биде донесена некоја одлука на владата, која подоцна треба да биде спроведена и од „отсутниот“ министер. Неспроведувањето на одлуката би можело да предизвика одредена дисфункционалност во општеството на штета на граѓаните.