фото: Илустрација

Отворањето на пазарот на трудот на земјите од Европската Унија токму за профилот на човечки ресурси што професионално се занимава со управување камиони и автобуси се одрази неповолно во целокупниот сообраќаен сектор во Македонија. Ударот се почувствува во севкупното стопанство и во целиот сектор за транспорт и дистрибуција. Последиците ги чувствуваат производствените компании, кои мораат да направат разни дополнителни комбинаторики, да потрошат дополнителни средства и време за навремен и редовен транспорт, кој е предуслов за секоја успешна национална економија

Македонското стопанство со недостиг од професионални возачи во транспортот и дистрибуцијата

Недостигот од професионални возачи претставува сериозен ограничувачки фактор за развојот на македонските транспортни компании. Отворањето на пазарот на трудот на земјите од Европската Унија за возачите на камиони и автобуси неповолно се одрази и во целокупниот сообраќаен сектор во Македонија, а последиците ги чувствуваат и производствените компании, кои мораат да посветат повеќе време за навремен и редовен транспорт, кој е крвотокот на секоја национална економија. Дополнителен одлив на професионален возачки кадар се очекува и при отворањето на регионалниот пазар на работна сила, преку иницијативата „Отворен Балкан“, каде што активно партиципираат Македонија, Албанија и Србија. Само кај нашиот северен сосед се чувствува недостиг од седум до десет илјади професионални возачи, а дел од нив можат да обезбедат и со миграција на македонските возачи. Засега од здруженијата на транспортни превозници велат дека миграцијата на возачите на товарни возила од земјите од Западен Балкан е насочена главно кон земјите-членки во Европската Унија, во кои платите се многу повисоки од тие што можат да бидат понудени од земјите во регионот.
– Законските ограничувања на земјите од соседството сѐ уште се присутни. Идејата за слободен пристап на работниците од земјите од „Отворен Балкан“ не е реализирана. Потребно е да се ревидираат постојните билатерални спогодби со Албанија и со Србија за да може да профункционира слободниот пазар на трудот. Проблемот со недостиг од квалификувани возачи е присутен од поодамна, по олеснувањето на процедурите за работни дозволи во земјите од ЕУ. Сега не е потребно да се поседува пасош од некоја земја на Унијата, па затоа се почувствува силен одлив на возачи на товарни возила. Тоа сериозно се одразува на редовното извршување на услугите, затоа што речиси 95 отсто од транспортот на производи од македонската економија се одвива со камионскиот превоз – ни изјави Биљана Муратовска од „Макам-транс“.

Од Здружението на товарни превозници со години предупредуваат на неусогласената политика за подобрување на условите за развој на транспортниот сектор, кој во последно време е насочен, главно, кон подобрување на сообраќајната инфраструктура, без притоа да се води сметка и за факторот за обезбедување квалитетен кадар. Како што велат во „Макам-транс“ во последните седум-осум години во стручните средни училишта во Македонија нема насока за образовање ученици што би биле идни возачи на тешки товарни возила, но и за управување на индустриските машини, за што, исто така, има голем недостиг од работници.
– Како здружение предложивме до државата да се одобруваат субвенции за обука на ваков кадар. Сега имаме состојба, кога млади лица се обучуваат со кратки курсеви, се стекнуваат со потребните документи, ќе поработат по два-три месеца во некоја транспортна компанија и набргу заминуваат. Со стекнувањето на искуството полесно се вработуваат во странски компании. На ваков начин домашните транспортери се изложени на деловна неизвесност, без да постојат минимум обврски новите возачи да работат за домашна компанија, а која и учествувала во практичната обука на возачите на камиони. Овде посебно е важно што покрај возачкото искуство, тие стекнуваат и знаења од другите области, како што се царинските процедури и други законски прописи што важат во земјите од ЕУ. Со нивното заминување, домашните превозници губат и значителни финансиски средства, кои ги дале во обуката на возачите – појаснува Муратовска.

За да ги привлечат македонските камионџии, странските компании нудат и еднократни поволности за доселување на семејствата за возачите, со што и подолгорочно ги врзуваат да работат за превозните компании во земјите од ЕУ. Во однос на повисоките плати во странство, во „Макам-транс“ напоменуваат дека платите во домашните транспортни компании не се ниски и тие зависат и од тоа колку возачите се подготвени да заработат, односно од времето поминато на пат во текот на еден месец.
На проблемот со континуираниот одлив на работници од транспортната дејност укажуваат и од здруженијата на работодавачи, од каде што апелираат на преземање посериозни мерки од Министерството за сообраќај, за намалување на транспортните трошоци кај македонските економски субјекти.
– На целата мака на компаниите со високите цени на енергентите, дополнителен проблем се и високите транспортни трошоци. Компаниите се соочуваат и со обезбедување континуитет во транспортот на суровини и производи. Тоа што го бараат бизнисмените е предвидливост. За жал, во последно време, транспортните компании се изложени и на конкуренција од надворешни компании, кои преку разни начини дејствуваат на нашиот пазар. Факторот плата е исто така важен, но не треба да заборавиме дека и прво треба да се обезбеди повисок обем на работа и производство, па потоа и платите ќе бидат повисоки – ни изјави Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија.


Железничкиот сообраќај незадоволителен

Главните проблеми на кои се наидува при превозот на стока со железницата се сигурноста, флексибилноста, точноста, управувањето со информациите и просечната брзина на сообраќајот. Сите овие фактори влијаат на потенцијалните купувачи во одредувањето на начинот на превоз на стока. Искористеноста на капацитетот на железничките пруги во Македонија е недоволна. Најголема искористеност има на железничката делница Скопје – Велес, со околу педесет отсто. Квалитетот на услугите што ги нуди „МЖ транспорт“ не е задоволителен и патниците во најголем број случаи го користат железничкиот сообраќај само затоа што билетите за воз се поевтини од билетите за автобуси, се наведува во Национална транспортна стратегија 2018-2030 во делот за состојбата на железничката мрежа во Македонија.