Сериозни предизвици пред кои е исправена Македонската православна црква-Охридска архиепископија
Деновиве кај Македонската православна црква-Охридска архиепископија се направија неколку позитивни чекори, во насока на нејзиното заслужено интегрирање во широката православна екумена, во согласност со канонското (црковното) право, за приближување на МПЦ кон сестринските православни цркви, а и тие кон неа. Во тој контекст беше и заедничката света архијерејска литургија во прилепската црква „Свето Благовештение“, како и панихидата во селото Цапари. Но, од друга страна, истовремено со излегувањето пред јавноста на владиката Петар, преспанско-пелагониски митрополит, беа искажани зборови што повикуваат на исклучителна внимателност, имено дека „… Вселенската патријаршија всушност бара промена на името на МПЦ-ОА…“, поточно се бара „откажување на сѐ што ја носи придавката македонска или македонски“(?!). Меѓутоа, во врска со тоа, нашите соговорници брифираат дека „неговото блаженство господин господин Стефан, поглавар на Македонската православна црква-ОА, со индигнација ги отфрлил овие гласини за откажување на сѐ што ја носи придавката македонска или македонски и решително биле одбиени наводните „неформално испорачани барања на Вселенската патријаршија“… Во ваквиот контекст на топло-студени бранувања и предизвици околу МПЦ- ОА, во продолжение пишуваме за двата аспекта на премрежињата низ кои минува периодов нашата црква
Индикатори за интегрирање на МПЦ во православната екумена: сослужување со БПЦ и со ГПЦ
Изминатиов период пошироката јавност беше сведок на интензивна активност со која Македонската православна црква-Охридска архиепископија ги продолжува своите конструктивни чекори кон сестринските православни цркви. Меѓу првите чекори во тој правец беше процесот за интегрирањето на поранешната ПОА во МПЦ. Во таа конотација, по решавањето на црковниот спор помеѓу МПЦ и СПЦ во мај 2022 година, на 20 јуни 2023 година Јован Вранишковски беше назначен за митрополит на новоформираната Крушевско-демирхисарска епархија.
Позитивните чекори беа потврдени и со гостувањето на хорот „Прво белградско пејачко друштво“ на храмовата слава во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“ во Битола, со благослов на српскиот патријарх Порфириј. Во таа пригода, владиката Петар искажа благодарност до српскиот патријарх бидејќи покажал најголема смелост, најголема жртва и најголема љубов кон Македонците, како и дека ја признал под уставното име Македонска православна црква-Охридска архиепископија.
Дека Македонската православна црква-Охридска архиепископија се стреми кон позитивни и конструктивни односи со сестринските православни цркви покажува и последната заедничка света архијерејска литургија во прилепската црква „Свето Благовештение“, која беше по покана на владиката Петар. Имено, владиката Петар, преспанско-пелагониски митрополит, заедно со старозагорскиот митрополит Кипријан од Бугарската православна црква (БПЦ) и поранешниот владика на Артис, сега пензиониран Игнатиј од Грчката православна црква (ГПЦ), одржа заедничка света архијерејска литургија.
Позитивната атмосфера беше потврдена и од прилепскиот архијерејски намесник, отец Влатко Ристески, кој за настанот во храмот „Свето Благовештение“ во Прилеп рече дека заедничката света архијерејска литургија на тројцата митрополити е потврда на признавањето и рамноправноста на сестринските цркви.
– Сите заедно се причестија од светата чаша: и Грк и Бугарин и Македонец. За Христос не е битна националноста, туку љубовта помеѓу луѓето – рече отец Влатко Ристески.
Позитивен чекор од страна на Македонската православна црква-Охридска архиепископија беше направен и со панихидата во Цапари. Владиката Петар и бугарскиот владика Кипријан одржаа заедничка богослужба за помен на починатите војници од битката од 1917 година во текот на Првата светска војна. На литургијата беа присутни воени аташеа од неколку дипломатски претставништва во Македонија, бугарскиот амбасадор во Македонија и претставници на бугарската држава. Д.Ст.
Индикатори за саботирање на Македонската православна црква со испорачани „барања за откажување од придавката -македонска/македонски“
Наспроти позитивните сигнали што доаѓаат од Македонската православна црква-Охридска архиепископија, како гром од ведро небо дојде информацијата дека се негира нејзиното име, поточно придавката македонска. Според неформалните извори, кај кои ја проверивме веста, изворот на ваквото тврдење и барање не е било кој, туку тоа доаѓа директно од највисокиот врв на православието, од Вселенската патријаршија.
Набрзо по таквите информации, веста ја потврди од своја страна и преспанско-пелагонискиот митрополит, г. Петар.
Имено, владиката Петар, преспанско-пелагониски митрополит, деновиве имаше телевизиско интервју во кое зборуваше пред сѐ за позитивните исчекори на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, меѓутоа тој проговори и за барањата што се содржани во синодалниот акт на Вселенската патријаршија од 9 мај 2022 година со кој се прима МПЦ-ОА во евхаристиско единство.
Владиката Петар притоа укажа дека во синодалниот акт на Вселенската патријаршија има условувања за името на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, односно дека „се бара име за севкупна употреба што нема да го содржи зборот Македонија или изведенка од него“?!
– Секаде да го употребуваме тоа име. Да не го споменуваме името Македонија, македонско, во никој контекст или било која изведенка од тоа име, и да ја дадеме дијаспората – рече владиката Петар.
Владиката Петар исто така ги негираше наводите во синодалниот акт на Вселенската патријаршија дека некој со мастило и хартија презел обврска дека тие услови ќе бидат исполнети и побара писмен доказ за тој некој што го направил тоа, нагласувајќи дека во никој случај тоа не е синодот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија.
Тој исто така рече дека Вселенската патријаршија бара јурисдикцијата на МПЦ-ОА да биде само во рамките на македонската држава, односно синодот на МПЦ-ОА да се откаже од дијаспората, но тоа не е прифатливо за МПЦ-ОА.
Според владиката Петар, барањата на Вселенската патријаршија не се прифатливи за македонски народ, свештенството и монаштвото. Покрај потврдата на владиката Петар, нашите извори исто така кажуваат дека неговото блаженство господин господин Стефан, поглавар на Македонската православна црква-ОА, со дигнитет ги отфрлил тие барања на Вселенската патријаршија. Д.Ст.