Како што се зголемува притисокот од внатрешните етничко-политички фактори во земјава, поддржани од надвор, но и непринципиелните барања од меѓународната заедница врз Македонија и Македонците, се покажува како неопходна потреба една македонска платформа за македонските аксиомски вредности, за кои нема преговарање. Во ова мракобесие од политички и геополитички притисок за релативизирање и редефинирање на македонството, таква платформа треба да биде последната брана и за да запре деградирањето на поимот држава, за Македонија
Во потрага по политичка рамка на сеопфатна согласност, разбирање и едномисленост
Дејствувањето на соседските политики спрема Македонија, со нескриени освојувачки и асимилаторски тенденции, изразени во разни платформи (албанската), институционални декларации (бугарската), билатерални договори (со Грција и Бугарија), како и неодамна отворено декларираната намера за инфилтрација на партија од Косово во македонскиот изборен процес…, предизвикува загриженост и прашања дали е потребно и на каков начин да се активира македонскиот „одбранбен механизам“ од притисоците за самобришење.
Македонските аксиомски вредности
– Се додека ние, како македонска нација, немаме македонска платформа, пандан на таа тиранската, или онаа софиската – ние ќе бидеме монета за поткусурување. Но за да го имате тоа, треба да имате политичка мудрост да го направите. Тоа не е многу. Тоа се пет точки за кои нема преговарање. И од таа страна – не Касами, не Али Ахмети, не Албин Курти, кој сака нека биде – треба да се знае дека за тие пет точки нема преговарање. Не се преговара за химна, име, знаме, устав, секуларизам. Тоа се пет точки за кои не преговараат Македонците, кои сакате бидете. Но ние го немаме тоа… и така ја изгубивме државата… – директно лидерот на Левица, Димитар Апасиев, ги наведе во јавноста рамките на една семакедонска (натпартиска) платформа со чие прифаќање Македонците ќе престанат да бидат „монета за поткусурување“.
И досега во Македонија, т.е. во македонското собрание беа изгласувани резолуции, кои требало да бидат своевидни црвени линии во преговарачките процеси со Грција и со Бугарија, но и покрај тоа беа потпишани билатерални договори, кои се читаат како македонска согласност за асимилаторско-националните и државно-територијалните претензии на соседите.
Со македонската платформа треба да кажеме дека сме тука, дека постоиме, имаме свои обележја како народ, кои треба да ги почитува меѓународната заедница. Таква македонска платформа е потребна за да декларираме дека како Македонци, со своја суверена држава, ги имаме истите права и истите очекувања од меѓународната заедница и од меѓународното право како другите народи и држави…
– Како што се зголемува притисокот од внатрешните етничко-политички фактори во земјава, поддржани од надвор, но и непринципиелните барања од меѓународната заедница врз Македонија и Македонците, се покажува како неопходнa потреба една македонска платформа за македонските аксиомски вредности, за кои нема преговарање. Во ова мракобесие од политички и геополитички притисок за релативизирање и редефинирање на македонството, таква платформа треба да биде последната брана и за да запре деградирањето на поимот држава, за Македонија. Тоа што претходно се погазени резолуциите на македонското собрание само ја потенцира потребата од една таква јасна и категорична платформа, со набројани вредности од кои Македонците не треба да отстапат за да ја зачуваат државата за која самите се избориле. Кога другите би ги признавале и почитувале интегритетот и постоењето на македонскиот народ и држава, секако не би имало потреба од вакви платформи, резолуции, декларации. Но континуираното негирање и обиди за разнебитување на македонската држава и народ од соседството, со премолчена поддршка од меѓународниот фактор, природно ја наметнува потребата од реакција за одбрана на сопственото постоење, како платформа за вредностите од кои не смее да се отстапи за да биде почитувана рамноправноста на македонскиот народ и држава во меѓународната заедница – вели поранешната амбасадорка,- Мелпомени Корнети.
Зошто е потребна македонска платформа?
Историчарката Наде Проева, универзитетска професорка по античка историја, смета дека таква македонска платформа е потребна за да декларираме дека како Македонци, со своја суверена држава, ги имаме истите права и истите очекувања од меѓународната заедница и од меѓународното право како другите народи и држави.
– Кога сите околу нас прават платформи, а само ние не правиме, се создава перцепција – дека немаме поим како се прави, т.е. како се чува државата. Бидејќи ние, Македонците, сепак имаме направено држава! За волја на вистината, меѓу политичарите има такви коишто не знаат или се прават дека не знаат како се чува државата. Некои зашто „така им чини“ – и ним и на оние на кои им „слугуваат“ поради сопствен интерес. Само од општа политичка култура, познато е со кои национални и државни вредности не смее да има пазарење. Молчењето, кога се прави „трговија“ и разнебитување на тие вредности, изгледа како Македонците да не се заинтересирани за својата држава. Со нашата платформа треба да кажеме дека сме тука, дека постоиме, имаме свои обележја како народ, кои треба да ги почитува меѓународната заедница. Таква македонска платформа е потребна за да декларираме дека како Македонци, со своја суверена држава, ги имаме истите права и истите очекувања од меѓународната заедница и од меѓународното право како другите народи и држави – вели професорката Наде Проева.