Фото: Архива

Загрижувачки се процените што велат дека со ваков интерес за стекнување академски статус на наставници по математика, физика и хемија, Македонија многу скоро ќе остане без наставен кадар по клучните науки. Ескалацијата на ваквата состојба со наставниот кадар по природните науки за основно и средно образование го поставува македонското општество пред предизвикот да се сведе на образовно-интелектуален капацитет за настава само до седмо одделение во образовниот процес, зашто од осмо одделение во основното образование веќе почнува да се изучуваат физика
и хемија

Уште една колосална последица на ефектите од политизираноста и партизираноста на општеството

Веќе неколку години податоците од уписите за нови студенти на македонските универзитети упатуваат на една загрижувачка дијагноза за перспективите на образовните капацитети во македонското општество. По информацијата за 16 запишани студенти на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет при УКИМ, прагот на куриозитетноста е надминат со сознанието дека оваа година за студирање математика, физика и хемија при Природно-математичкиот факултет на УКИМ се пријавиле по еден студент на наставната насока за физика, дури тројца студенти за хемија, а најмногу за математика – 12, иако квотата за овие насоки е од 20 до 25 студенти во секоја.

Неколку аспекти за неатрактивноста на наставните насоки за студии по математика, физика и хемија

Професорите на студиите по математика, физика и хемија, при Природно-математичкиот факултет на УКИМ, како утешно објаснување за овој феномен на незаинтересираност на младите за студии по физика и хемија (и покрај редовните стипендии од МОН од 18.000 денари) наведуваат дека, сепак, поголем интерес има за (по)применетите насоки на студии за овие научни дисциплини. Иако и така севкупната бројка на студенти заинтересирани за математика, физика и хемија е далеку од задоволителна, логиката за запишување на применетите насоки е дека со нив имаат поголеми перспективи за работа и градење кариера во странство. Загрижувачки се процените што велат дека со ваков интерес за стекнување академски статус на наставници по математика, физика и хемија, Македонија многу скоро ќе остане без наставен кадар по клучните науки. Во некои градови и сега веќе има недостиг од наставници по физика, хемија, математика. Ескалацијата на ваквата состојба со наставниот кадар по природните науки за основно и средно образование го поставува македонското општество пред предизвикот да се сведе на образовно-интелектуален капацитет за настава само до седмо одделение во образовниот процес, зашто од осмо одделение во основното образование веќе почнува да се изучуваат физика и хемија. Математика сѐ уште се учи од прво одделение.
Деканот на Природно-математичкиот факултет при УКИМ, Александар Скепаровски, кој доаѓа од Институтот по физика, согледува неколку аспекти за неатрактивноста на наставните насоки за студии, но, сепак, како првичен фактор на влијание ги наведува релативизираниот углед и статус на професијата наставник (професор) во општеството.
– Во моментов не можеме да зборуваме врз основа на резултати од некое поопсежно истражување за причините за неатрактивност на наставните насоки за студирање, но, секако, постојат лични искуства и перцепции за овој феномен, стекнати од искуството во работата со студентите. Односот спрема професијата наставник треба да се согледува како своевиден социолошко-политички феномен, поврзан со угледот на таа професија во општеството. А перцепцијата за значењето на оваа професија во општеството главно е сведена на потенцијалите за финансискиот аспект. Во општата јавност постои едно неисправно и извртено мислење дека професор во средно училиште станува некој што не може да работи нешто друго. За менување на таквата перцепција на професијата наставник/професор многу е важна улогата на медиумите – вели деканот на ПМФ, Александар Скепаровски.
Како отежнувачки елемент за враќање на угледот на наставната професија, Скепаровски ги наведува и притисоците врз образовниот процес од надворешни општествени фактори, кои се реално присутни и секојдневни.
– Не можеме да побегнеме од констатацијата дека сите аспекти на нашето живеење се исполитизирани, и тоа на сите нивоа. Таквата политизираност и поларизираност се одразува и како притисок врз наставниците и професорите при оценувањето на учениците. Како реакција на таквиот притисок, по линија на помал отпор, кај професорите добиваме генерации што излегуваат со просек 5.0, а со реално несоодветни знаења за такви оценки, што како слабост се откриваат многу брзо во понатамошното образование. Сепак, децата, односно идните студенти што сакаат да бидат професори, во голема мера и не се запознаени или заинтересирани со предизвиците со кои се соочуваат професорите. Но, секако, повеќе се под влијание на перцепциите за општествениот статус на наставничката професија и сметам дека тоа го дава пресудното влијание за неатрактивноста на наставните насоки на факултетите – смета Скепаровски.

Стеснетите перспективи ги прават неатрактивни наставните професии по природни науки

Освен статусот на наставната професија, деканот на ПМФ како дел од феноменот го согледува и аспектот дека во Македонија не сме навикнати на внатрешни миграции, во смисла на подготвеност на новите наставни кадри да го напуштат родното место за да работат (предаваат) во друго место, каде што има потреба од нивниот наставен профил. Всушност, миграцијата со таква причина донекаде е можна, во смисла на преселба од внатрешноста на Македонија во Скопје, но речиси никогаш нема подготвеност некој наставник да го напушти главниот град за да предава на друго место и нема нормална флуктуација на кадри.
– Нашиот систем на студии е во поголема смисла насочен, односно уште на почетокот се одредуваат наставните насоки. Во други земји нема наставни насоки, па ако некој се одлучи да студира физика, хемија или математика, ги изучува само како научни дисциплини. За да може да биде вклучен во образовниот процес, откако ќе ги заврши студиите од одредена дисциплина, треба да помине обука (дополнителни студии) од уште две години, од кои една година со практика во училишта – ги објаснува Скепаровски студиските практики во странство за обука на професори по природни науки.
Во контекст на целосната политизираност со големи примеси на партизираност на општеството и влијанието, односно притисокот на овој феномен врз образованието, универзитетскиот професор и филозоф Ферид Мухиќ смета дека тоа е конкретна социјална реалност.
– Генерално, немањето интерес кај младите студенти за студии во наставните насоки е можеби посредно последица на ефектите од политизираноста и партизираноста на општеството, но дефинитивно е резултат на екстра-политичките мотиви прелеани како конкретна социјална реалност. А во таквата реалноста што ја живееме, професијата наставник е целосно деградирана. Порано, средношколски професор имаше висок општествен углед, а универзитетски професор поголем углед од министер. Притоа угледот на професорите не зависеше од политиката, тие беа над политичките влијанија. Сега политичката курентност речиси директно влијае на можностите за професионален развој и кариера во образованието на секој степен. Притоа, не смее да се игнорира и дека професорите се финансиски потценети, а не може да се игнорира ни фактот за општествено вреднување во денешно време преку „угледот на парите“. Тоа оди дотаму што и да си многу паметен, не ти вреди ако немаш пари. Таквиот општествен амбиент, во кој израснале и се образовале претендентите за нови академски граѓани го насочува и интересот за високото образование. Кога станува збор за студиите по математика, физика и хемија, не е неважно тоа дека нивното изучување бара голема посветеност и труд, а според сегашните општествени состојби нема некои изгледи за валоризација на вложениот труд преку вработување во образованието. Стеснетите перспективи ги прават неатрактивни наставните професии по природни науки – вели професорот Ферид Мухиќ.


Неопходни се поголема општествена поддршка и импулс
за перспективност за студиите по македонски јазик

За алармантната незаинтересираност за студиите по македонски јазик (16 запишани студенти во првиот уписен рок), професорот Ферид Мухиќ смета дека значително влијание има и неизвесноста на статусот на македонскиот јазик, предизвикана од неговото оспорување од Бугарија во евроинтегративните процеси на Македонија.
– Отворањето на веќе утврденото прашање за автентичноста на македонскиот јазик преку политичкиот притисок од Бугарија, кое веќе неколку години е наметнато како дебата во јавноста во Македонија, не е можно да не предизвика дилеми кај младите луѓе при носењето одлука за избор на своите професионални перспективи. Создадениот амбиент на неизвесност на статусот на македонскиот јазик како во европерспективата, но, за жал, и во македонското општество, неминовно се одразува на повеќе општествени нивоа – од кои едното е токму нерешителноста за избор за професијата наставник (професор) по македонски јазик. Резултатите од уписите за високо образование треба да бидат сериозна порака за оние во образовната политика и воопшто за политиката дека е потребен порешителен став и поддршка за издигнување на статусот на македонскиот јазик, како во односите со Бугарија, во процесот на евроинтеграциите, но и во Македонија. Првиот чекор е засилена поддршка на студиите по македонски јазик и пристојна перспектива за тие што ќе ги завршат студиите – вели професорот Мухиќ.