Фото: Игор Бансколиев

Во светот започнува еден нов тренд, кој од светот на технологијата, полека се префрла и во сферата на политиката, поточно замена на политичарите со вештачка интелигенција, која е способна секогаш да ги носи најдобрите широкоопштествени и одговорни решенија, имуна е на корупција, на непотизам, на партиски влијанија, на Бадентерови мнозинства, на етнички квоти, едноставно постапува според сопствениот алгоритам што ги одбира најоптималното и, се разбира, законското решение, а не калкулантското и политикантското…

Реалност или утопија – Вештачката интелигенција како одговор на партизираноста, непотизмот, корупцијата…

Напредокот на една држава секогаш зависи од правилните одлуки што се носат за нејзината иднина, како и од волјата, посветеноста, компетентноста, знаењето и вештините на политичарите да работат во сеопшт интерес, во интерес на своите граѓани, што, за жал, во овие три децении самостојност во Македонија е редок случај.
Државата низ годините го загуби реформскиот, заеднички општобенефициски курс, ако воопшто таквата дефиниција била прифатлива за носителите, а политичките партии и политичарите се поставија над државните институции и, наместо според словото на законот, се постапува според волјата на партискиот лидер и интересите на самата партија.
Таквите состојби, кои од година на година стануваат сè повообичаени, ги навикнуваат граѓаните на други вредности, на толерантност на висока корупција, криминал, нефункционални институции, судство, здравство, образование, целосно ги разочараа македонските граѓани. На обичниот човек му се придава важност само на денот на изборите, за потоа да биде целосно заборавен и маргинализиран. Токму тоа резултира со сè поголема апатија меѓу гласачите, кои едноставно повеќе немаат доверба во политичарите и партиите, а тоа најдобро го потврдува одзивот на изминатите неколку изборни циклуси, кој во континуитет опаѓа.
– Имаме непрележана, стара болест- султан-партии! Партискиот лидер одлучува за сè. Тој ќе седне со два-тројца блиски соработници и одлучува кој ќе биде пратеник, кој градоначалник, кој директор… Кога партиите ќе се демократизираат, може да очекуваме демократијата да може да се аплицира и на државно ниво, прво во Собрание, утре во Влада итн. Но во овој момент нема премногу простор за оптимизам, па затоа тие си ставаат исклучиво лепачи на плакати и полтрони од општина, собрание, па до претседател на држава, се назначуваат само партиски кадри, друго не ги интересира. Нема Мерит-систем, не се вработува според квалитет, имаме огромна администрација, нема имплементација на законите, така што е нормална разочараноста на граѓаните, кои за овие три децении не видоа никакво фајде од политичките партии – смета универзитетскиот професор Борче Давитковски.
Со слични проблеми се соочуваат и многу други поразвиени држави во Европа, каде што, без оглед што корупцијата е многу помала и состојбите се многу посредени, сепак граѓаните не се задоволни од начинот на кој политичарите управуваат со нивните земји, инсистирајќи на уште повисоки стандарди во управувањето.

Пионерски тренд во политиката

Од тие причини во светот започнува еден нов тренд, кој од светот на технологијата, полека се префрла и во сферата на политиката, поточно замена на политичарите со вештачка интелигенција, која е способна секогаш да ги носи најдобрите решенија, која е имуна на корупција, на непотизам, на партиски влијанија, на Бадентерови мнозинства, на етнички квоти, едноставно постапува според сопствениот алгоритам, кој го одбира најоптималното решение за граѓаните и за државата.
Живот без корупција, еколошки чиста држава, со развиен здравствен систем и економија, каде што условите за живот на секој граѓанин ќе бидат на прво место, е политичкото кредо на новата Синтетичка партија во Данска, која планира да учествува на следните парламентарни избори во земјата, закажани за јуни следната година. Со оваа политичка организација управува вештачка интелигенција, а во тек е собирањето потписи што ќе ѝ овозможат на Синтетичката партија за помалку од една година да се најде на гласачкото ливче. Нејзините творци велат дека партијата е замислена како своевиден одговор на апстиненцијата на Данците, од кои само околу 15 отсто гласале на минатите општи избори, сценарио по кое почнува да се движи и Македонија, која на локално ниво во неколку општини не можеше да обезбеди ниту излезен цензус.
Сето ова најдобро говори дека „кога е гнило нешто во државата Данска“, тогаш може да се претпостави колкав е „гнилежот“ во Македонија, а тоа неодамна ни го кажа и американската амбасадорка во заминување Брнз, која јасно порача дека државата нема ниту ефикасни институции ниту судство, а уште помалку постои некаква борба со корупцијата.
– Обединувајќи ги пишаните публикации на сите маргинални партии во земјата од 1970 година, партијата нуди политичка програма што претставува „политичка визија на обичниот човек“ – изјави за АФП-уметникот Аскер Брилд Ставенс од колективот „Компјутер Ларс“.
Практично Синтетичката партија ги „осмислува“ и лансира софтверот и алгоритамот, а не политичкиот лидер. Синтетичката партија претставува предизвик за стотина маргинализирани партии што постојат во Данска, од кои многу не се сериозни конвенционални партии.

Кисинџер со предупредување: Технологијата ја гази класичната политика

Последните години на Западот или на Истокот е сè позастапен трендот на технократизација на политиката. Во прв план повеќе не се идеолошките расправи, капитализмот или социјализмот, суверенизмот или либералната демократија, туку најважна е ефикасноста во управувањето.
За темата за вештачката интелигенција Хенри Кисинџер се заинтересира уште во 2016 година, по едно предавање на конференцијата Билдерберг. Човекот својата богата дипломатска кариера ја темелеше врз способноста на дипломатијата да го креира светскиот поредок, било преку војна или со мирнодопски методи, но секогаш врз основа на човечките мотиви и потреби.
Изминатите повеќе од два милениума прераспределбата на моќта се случувала на мировни конференции, со дипломатска умешност и интелектуална сила. По сериозните промени во Кина, но и на Западот, сè поизвесно е дека е можно во иднина за мирот да одлучуваат алгоритми, а дека судбината на светот ќе им биде препуштена на машини што ќе се самоусовршуваат.
Кисинџер предупредува дека досега вештачката интелигенција, која е производ на човечката генијалност, го поништува приматот на човековиот разум, бидејќи истражува и забележува аспекти на светот многу побрзо од луѓето. И тоа го прави на поинаков начин од оној на луѓето, а во некои случаи, дури и на начин што луѓето не го разбираат.
– Влегуваме во нов период на човечката свест, кој сè уште не го разбираме во целост. Во просветителството постоеше концептуален свет, заснован врз верата. Така, Галилеј и подоцнежните пионери на просветителството имале доминантна филозофија против која морале да го тестираат размислувањето. Можете да ја следите еволуцијата на тоа размислување. Живееме во свет во кој всушност нема филозофија, нема доминантно филозофско гледиште. Така што, технолозите можат да „дивеат“ – предупреди Кисинџер.

Технологијата како одговор на неинтелигентните партиски
политики

Според Станко Црнобрња, теоретичар и публицист во областа на масовните комуникации, скандинавските земји нè навикнаа на отвореност кон новите животни решенија и стилови, а голема веројатност е идејата за формирање на Синтетичката партија да дошла како резултат на заситеност од неинтелигентните политики што ги нудат нивните домашни партии.
– Но не станува збор само за нивните локални дански партии туку и за партиите во ЕУ. Иднината, секако, ја вклучува вештачката интелигенција во сите области од животот. Политичкиот и партискиот живот тука не може да останат исклучок – вели Црнобрња.
Тој додава дека компјутерите можат да водат сметка за интересите на обичните луѓе токму затоа што се сосема спротивни од она што се луѓето, како неподеленото внимание кон безброј детали, имуни се на одвлекување на вниманието, прецизни се и доверливи, ги вршат најсложените калкулации.
– Целосно лесно, без грешка, во милионитиот дел од времето што му е потребно на човекот, немаат емоции (барем засега), не познаваат досада или замор, доволно им е да им се каже само еднаш, а потоа ќе го паметат тоа засекогаш, додека не им се наложи да го заборават тоа. Забораваат моментално и апсолутно. Со интелигентните алгоритми, ваквите машини се идеални за наоѓање политички патокази во сите можни ситуации – истакнува Црнобрња.
Негово мислење е дека станува збор за забрзување на времето и информациите, што ги надминува човечките капацитети.
– Луѓето не се создадени за ерата што претстои. Во краен случај, преоптовареноста со информации веројатно ќе ја надмине способноста човекот да обработи сè што се случува околу него. Новите технологии се развиваат молскавично. Клучното прашање е што ни носат тие. Што ни наметнуваат? На што нè обврзуваат? Важно е да се разбере дека тоа се хибридни направи (затоа и името Синтетичка партија), кои нам, на обичните луѓе, ни наметнуваат дополнителни прашања, а тоа се: дали тие направи се алати, дали се територијални, дали се органи (организми) – наведува Црнобрња.

Крај за корупцијата, непотизмот, непотребните трошоци

Политичкиот аналитичар Дејан Вук Станковиќ истакнува дека, без оглед колку на прв поглед изгледа шокантно, контроверзно и чудно, овој дански експеримент не е нешто што не треба да се сфати сериозно. Тој уште додава дека грешките што ги прават политичарите се многу поголеми, поопасни и пофатални, отколку грешките што би ги направиле роботите. Тие, со соодветни инпути, веројатно многу поефикасно и пооперативно би ја спроведувале нивната програма.
– Често имам впечаток дека таквите решенија, колку и да изгледаат бизарно, се многу подобри од демагогијата што ја слушате од човекот. Степенот на декаденција во политиката е толкав што е подобро да ѝ се препуштиме на вештачката интелигенција. Се сомневам дека многу одлуки од нашиот политички живот, ако со нив се занимаваше вештачката интелигенција, воопшто и ќе беа спроведени. Таа данска идеја воопшто не изгледа лошо – заклучува Станковиќ.
Некои од политичките аналитичари во земјава се согласуваат дека вештачката интелигенција може многу повеќе да придонесе за напредокот на Македонија како држава, за разлика од она што со години го гледаме во македонското собрание, во судовите, во другите државни институции.
– Дефинитивно ни е потребна вештачка интелигенција во политиката, бидејќи таа нема да може да биде корумпирана, нема потреба да зема плата и огромни дневници, нема да ги прави грешките што ги прават политичарите, нема да има институционални блокади, нема етнички квоти, неквалитет, така што, иако во овој момент Данска е далеку и сè ни изгледа како во научнофантастичен филм, повеќе од сигурно е дека ќе биде подобро од политичкиот хорор во кој тоне македонското општество со години – анализираат соговорниците.