Илинденци оддаваат почит пред гробот на Гоце Делчев во Скопје

„Драги сонародници, денес, кога Гоцевиот идеал е веќе остварен од неговите следбеници, кога веќе постои Народна Република Македонија…, коските на водачот Гоце Делчев треба да почиваат во престолнината на нашата држава – Скопје“ – Акционен комитет за пренесување на коските на Гоце Делчев, Апел кон македонската емиграција и софиското граѓанство

Патешествието на посмртните останки на Гоце Делчев

Историјата потврдила дека патешествието на Гоцевите останки започнува со завршувањето на битката кај Баница, во која Делчев загинал. Имено, со дозвола на османлиските власти, телата на Гоце и Димитар Гуштанов биле погребани заедно. Во 1906 година, Михаил Чеков се вратил во Серско. Заедно со Таската Спасов-Серски, еден од најблиските соработници на Јане Сандански, одлучиле да ги откопаат коските на Делчев и Гуштанов и да ги приберат. Тие тајно ги откопале коските и ги однеле во куќата на Никола Мутафчиев, клисар во црквата „Св. Никола“. По барање на Чаков и Таската, тој изработил сандаче за коските и го сместил под престолот во црквата. Клисарот бил заколнат да ја чува тајната. Во 1907 година, Чаков заминал за Баница и го проверил сандачето со коските на Делчев.

Во текот на Првата светска војна, Никола Мутафчиев се преселил во селото Кијункој, во близината на Скеча, а таму, по некоја случајност, се префрлил и Чаков. Во текот на војната, Баница настрадала, а сандачето со коските на Делчев останало во црквата. Чаков ги прибрал коските и ги чувал во Скеча, Пловдив и Софија, сè до 1923 година. Во август 1923 година коските на Гоце биле изложени во црквата „Св. Недела“ во Софија, а потоа биле сместени на таванот во црквата. По еден месец биле прибрани во Илинденскиот дом на Илинденската организација во Софија, каде што биле сместени во саркофаг. На предната страна на споменатиот саркофаг била врежана заклетвата коските на Гоце да бидат пренесени во престолнината на идната независна Македонија.

Заклетвата била исполнета во 1946 година. Македонските власти побарале од Националниот комитет на Сојузот на македонските братства во Бугарија да се согласи останките на Гоце да се пренесат во Скопје. Националниот комитет го прифатил барањето и на 4 октомври 1946 година организирал поклонение на Гоцевите останки. За пренесувањето на коските во Скопје биле извршени посебни подготовки. Бил изработен нов саркофаг во резба од страна на македонскиот уметник Нестор Алексиев. На предната страна се наоѓал ликот на Гоце, на задната страна знамето на ВМРО, а на страничните грбот на Македонија и на Југославија.
Биле избрани посебна делегација и почесен одред предводен од генералот Кирил Михајловски-Груица. Според спомените на Груица, по официјалната церемонија во Софија, коските во придружба на околу 2.000 Македонци ја напуштиле престолнината на Бугарија. Саркофагот со коските минал низ Пиринска Македонија, а насекаде народот му оддавал последна почит на Гоце. Груица истакнува дека: „На пат меѓу Симитли и Петрич, во едно село каде што населението беше од Кукуш, машко и женско, старо и младо, празнично облечени – легнаа наземи кога лафетот поминуваше покрај нив“.

За овој настан, весникот „Македонско знаме“ напишал: „Една трогателна манифестација на еден народ, кој бил секогаш единствен во своите идеали и остана докрај верен на Гоце Делчев… Гоце – мртов се соедини со својот слободен народ во својата слободна држава.“

Биле одржани посебни манифестации во Македонија. Тие ја достигнале својата кулминација на 10 октомври 1946 година во Скопје, кога останките на Гоце пристигнале во престолнината на македонската држава. Коските биле положени во црква „Св. Спас“ – Скопје, а подоцна бил изработен монументален мермерен саркофаг, во кој почиваат земните останки на Гоце.

Д.Ст.


Кој е човекот што ги прибрал коските на Гоце?

Михаил Чеков е роден во селото Екши Су, тогаш во рамките на Отоманското Царство (денес Ксино Неро, Грција), во 1873 година. Рано се вклучува во активностите на Македонската револуционерна организација (МРО). На 2 мај 1903 година учествува на Смилевскиот конгрес, како претставник на леринскиот реон заедно со Георги Папанчев. Неколку дена подоцна организираат реонска конференција на раководителите од Леринско во селото Баница.
За време на Илинденското востание, Михаил Чеков, Георги Поп Христов, месниот војвода Тего Хаџиев и Георги Чакров од Банско, специјалист за експлозив, заедно со чета од 200 луѓе ја напаѓаат железничката станица во Екши Су. По востанието се враќа во Екши Су, каде што се крие до зимата, а потоа заминува за Грција, од каде што има намера да премине во Бугарија. Во Атина пристигнува на првиот ден на Велигден во 1904 година.
Се сеќава на една случка од Атина: „За време на прошетката влеговме во една пивница за да се почестиме. На масата имаше и други лица – Грци, кои мислеа дека сме Бугари, и извикаа: Зито Вулгарија. Но јас им кажав дека не сум Бугарин туку Македонец. И тие пак извикаа: Зито Македонија“.


Илинденската организација чувар и заштитник на Гоцевите идеали

Илинденската организација била македонска емигрантска организација на револуционерите учесници во Илинденското востание, како и во ослободителните борби за Македонија. Друштвото „Илинден“ било основано во Софија, во пролетта 1921 година, како доброволна и културно-просветна организација, независна од бугарските политички партии. Друштвото имало свој орган, весникот „Илинден“, кој од 30 јули 1921 година започнал да излегува под редакција на Александар Панов. По 19-мајскиот преврат (1934), Организацијата била забранета.
Илинденската организација како културно-просветна и добротворна била создадена во Пиринскиот дел на Македонија во 1921 година и нејзина цел било популаризирањето на илинденските и на револуционерните традиции меѓу македонската емиграција во Бугарија. На почетокот таа била ангажирана како организатор на одбележувањата на годишнините од Илинденското востание, но и на други значајни настани и личности од историјата на македонскиот народ. Исто така, Илинденската организација учествувала во акцијата за пронаоѓање архиви и знамиња на револуционерни реони и востанички чети, со избирање материјали, издавање книги, брошури, весници, списанија, со што најмногу придонела да не се прекине духовната врска на македонската емиграција со Илинден.