Општина Маврово и Ростуште: Интересна средба меѓу институциите и граѓаните заради решавање на проблемот со агресивните диви животни
Сѐ позачестените случаи на влегување на мечки во приватните куќи и дворовите на граѓаните внесоа вознемиреност кај жителите на општината Маврово и Ростуше, кои бараат од надлежните да се најде соодветно решение за овој сериозен проблем. Тоа беше и повод за средба меѓу институциите и граѓаните, со цел низ дискусија да се види кои се можностите за надминување на ваквата состојба.
На средбата што се одржа во Маврови Анови, по иницијатива на јавната установа национален парк Маврово, учествуваа претставници на месните заедници, министерствата за земјоделство и екологија, градоначалникот Медат Куртовски и советници на општината Маврово и Ростуше, претставници на МВР, ЈПКД Маврово, како и пратеничката Белкиса Зекири.
– Во обемната дискусија се потврди дека е евидентна пренамноженост на кафеавата мечка, како на територија на паркот така и на целиот потег на Шар Планина, и ова станува сѐ поголем проблем за населението. Беше изнесен податок дека на територија на НП Маврово би требало да има седумдесетина мечки, но во моментов врз основа на постојните неофицијални податоци се проценува дека таа бројка е многу поголема и изнесува од 130 до 160 единки.
Претставниците на министерствата ја потенцираа потребата од почитување на постојните закони, како и обврските што институциите ги имаат преземено во согласност со европските законски регулативи, и притоа се согласија дека состојбата мора да се третира и да се дејствува многу брзо, како со носење нови законски решенија, подготвување акциски план и итно спроведување дополнителни мерки за заштита и превенција што ќе ја намалат опасноста по животот на луѓето – соопштија од националниот парк.
Од средбата произлезе заклучок со кој се повикуваат советниците на општина Маврово и Ростуше во најкраток можен рок да организираат вонредна седница. Советот на општината од страна на Владата т.е повиканите надлежни институции ќе побара прогласување кризна состојба на територијата на општината.
– Кризната состојба ќе се побара за преземање дополнителни мерки за заштита на населението, заштита на животот и имотот, а со тоа и обезбедување на уставно загарантираното право на секој граѓанин за безбедно, слободно и непречено движење и живеење на територијата на целата држава – се наведува во известувањето. П.Р.