Клучното прашање што деновиве си го поставува македонската јавност е врз каква основа Самоопределување ќе учествува на избори во Македонија и, уште повеќе, како таа партија ќе ги брани и застапува интересите на македонските граѓани кога нејзиниот фокус се Косово и албанските интереси. Тоа значи дека целите и идеите за кои ќе се залага оваа партија се исклучиво етнички, што од друга страна е сериозен удар врз унитарниот карактер на Македонија и директно мешање во внатрешните работи на една земја
Исцртува ли Курти граници на голема Албанија или им подготвува амандмани на Албанците кога ќе се отвори македонскиот устав?!
Идеите за големи држави на Балканот не само што не се мртви туку почнуваат сè повеќе да заживуваат, така што веќе почна да се воспоставува заедничка политичко-партиска инфраструктура како основа за создавање единствена политичка сцена преку која ќе се манифестираат заложбите исклучиво на албанската етничка заедница, што на крајот треба да резултира со обединување во заедничка држава.
Идеите за големи држави на Балканот не само што не се мртви туку почнуваат сè повеќе да заживуваат, така што веќе почна да се воспоставува заедничка политичко-партиска инфраструктура како основа за создавање единствена политичка сцена преку која ќе се манифестираат заложбите исклучиво на албанската етничка заедница, што на крајот треба да резултира со обединување во заедничка држава.
Најдобра потврда дека работите се движат во таа насока е неодамнешната објава на Изет Меџити од партијата Демократско движење, кој најави дека партијата Самоопределување на актуелниот косовски премиер Аљбин Курти ќе биде четврта политичка партија во коалицијата Европски сојуз во Македонија и ќе учествува на претстојните избори во земјава.
Оваа партија пред извесно време најави ангажман и во соседна Албанија, така што станува јасно дека главната цел е таа да се профилира како носечка албанска политичка опција, како на Косово така и во Албанија, но и во Македонија.
Клучното прашање што деновиве си го поставува македонската јавност е врз каква законска основа Самоопределување ќе учествува на избори во Македонија и, уште повеќе, како таа партија ќе ги брани и застапува интересите на македонските граѓани кога нејзиниот фокус се Косово и албанските интереси. Тоа значи дека целите и идеите за кои ќе се залага оваа партија се исклучиво етнички, што од друга страна е сериозен удар врз унитарниот карактер на Македонија и директно мешање во внатрешните работи на една земја. Ако се земе предвид и неодамнешната партиска посета на Курти на Тетово, сето тоа овековечено под знамињата и иконографијата на голема Албанија, тогаш учеството на неговата партија на македонските избори добива конотација во насока на остварувањето на оваа големодржавна идеја.
Според македонските закони, не смее да се дозволи учество на странска партија во изборниот процес
Универзитетската професорка Мирјана Најчевска смета дека, според македонските закони, не смее да се дозволи учество на странска партија во нашиот изборен процес.
– Според нашите закони, не може странска партија да учествува на избори, не може странски државјанин да биде на изборна листа и не може некој што членува во друга партија, освен таа што е носител на листата, да биде на листа. Така што не ми е јасно што им е идејата – пишува професорката Најчевска на социјалните мрежи.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека ова е само обична претстава за придобивање на албанските гласачи и ништо повеќе.
– Ова е само шарада и претстава за албанските гласачи што се поддржувачи на Курти. Ова е невозможно и треба да се престане да им се дава внимание на вакви изјави што доаѓаат од албанските политичари во земјава – истакнува Пекевски.
Според него, во овој момент нема опасност за Македонија, туку сите потези се во насока на билдање на нечиј рејтинг.
– Само билдање на рејтингот кај определени гласачи. Нема никаква опасност за Македонија, ваквите изјави се само обичен театар и привлекување внимание – констатира Пекевски.
Обид за артикулирање на мегалополитичките амбиции на албанското малцинство да стане државотворно
Други, пак, соговорници сметаат дека дури и како најави, овие идеи во иднина можат да станат опасни за државата и за нејзиниот унитарен карактер, но загатнуваат и еден друг момент, Курти да се профилира како обединувачки фактор меѓу раскараните албански политички субјекти во земјава во насока на остварување на големополитичките амбиции на Албанците во земјава при евентуално идно отворање на македонскиот устав.
– Самоопределување пред извесно време покажа политички аспирации и во Албанија. Сега слични пројави има и во Македонија. Прво треба да се испита правниот аспект, односно да се провери дали таква партија воопшто е регистрирана во земјава, оти поинаку не може да учествува на избори. Лично мислам дека во овој момент повеќе е во насока на кревање на рејтингот кај албанската опозиција во земјава, но не смее да се занемари фактот што оваа партија има многу поддржувачи меѓу младите Албанци во Македонија и можеби веќе на некој нареден изборен циклус и оваа партија ќе се појави како некој сериозен политички фактор. Сега прашање е кон што ќе се стреми таа партија, но гледајќи го однесувањето на нивниот лидер за време на неодамнешната посета на Тетово, повеќе од јасно е дека работите би можеле да добијат и несакан тек. Впрочем, како може некој што е од Косово да ги знае и да се бори за потребите на граѓаните од Тетово, Гостивар, Чаир или некое друго место во Македонија? Тој ќе работи на сосема друга агенда – велат соговорниците.
Според нив, со тоа што токму сега Самоопределување се појавува како фактор на македонската политичка сцена не е ниту малку случајно, туку зад сето тоа се крие една поинаква агенда на косовскиот премиер Курти, тој да биде факторот што ќе ги култивира сите заложби и барања на албанското малцинство во земјава, за тие да станат составен дел од Уставот како носители на државноста во контекст на дводомност, при евентуално негово отворање во блиска иднина.
– Курти несомнено ја ужива поддршката на меѓународната заедница без оглед што во јавноста се остава впечаток дека е во конфликт со странците, така што ќе се обиде да го искористи својот кредибилитет и да се претстави како некој поголем фактор во насока на обединување на партиите на Албанците во Македонија. Мегалополитичките амбиции на албанското малцинство во земјава се веќе познати, бришење на 20 отсто, воспоставување на албанскиот јазик како официјален на целата територија на државата, како и одредување државотворен карактер на албанското малцинство. Албанските политички претставници во земјава веќе го манифестираа тоа во неколку наврати како услов за нивна поддршка на уставните измени. Со ова што сега го прави Курти, тој се обидува да ги артикулира сите тие позиции кај разделениот албански политички кампус во земјава, за да можат заеднички да притиснат со овие барања при отворање на Уставот во блиска иднина и тие да се протнат и да се реализираат, а Курти да ги добие сите признанија, во насока на олеснување на идните фази за сепаратизам од сегашната унитарна Македонија кон дводомна држава, а подоцна и кон сеалбанска регионална интеграција – заклучуваат соговорниците.