Посетите (во ист ден) на високи американски и руски (иако црковен) дипломати во Скопје создаваат доволно причини за размислувања и анализи од видот дали Македонија пристигна во фокусот на геополитичките интереси, што во еден ден може, а да не биде претенциозно, да се нарече дека е „центар на светот“. Актуелните предизвици на Македонија во контекст на евроинтеграциите (францускиот предлог и уставните измени), но и веќе ефектуираните решенија, како Преспанскиот договор (што сѐ уште предизвикуваат кошкање во македонското општество), го наметнуваат прашањето за капацитетите на македонската политичка елита да го капитализира овој геополитички интерес во придобивка за македонските меѓународни позиции
Еден ден, кога Македонија можеби личеше на центарот на светот
Во динамичната геополитика на денешницата со големи резерви се гледа на секоја случајност и совпаѓање. Често резервираноста прераснува во сомнеж заснован на „теоријата“ дека сѐ што личи на случајност е всушност добро планирано.
Гледано низ призмата на таквите теории за случајности во геополитиката, мошне индикативно беше што во ист ден во Скопје, на 10 јануари годинава, речиси истовремено, посета имаа двајца дипломати од висок ранг, навидум со различни мисии, но од спротивставен геополитички контекст. Во истиот ден кога советникот од Стејт департментот на САД, Дерек Шоле, со македонските (световни) власти разговараше за перспективите на евроинтеграциите на Македонија, потребата за уставните измени и борбата со корупцијата, висок претставник на Руската православна црква, митрополитот Антониј, директор на Одделот за меѓународни односи на Руската православна црква и викар на рускиот патријарх Кирил, беше во посета и „честитање на именденот“ кај архиепископот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, г.г. Стефан. Иако станува збор за посета на црковно ниво, навидум неповрзана со световната политика, познато е дека прашањето на признавањето и именувањето на МПЦ-ОА е составен дел од комплексните идентитетско-политички премрежиња на Македонија и македонскиот национален идентитет. Така што посетите (во ист ден) на високи американски и руски (иако црковен) дипломати во Скопје создаваат доволно причини за размислувања и анализи од видот дали Македонија е во фокусот на геополитичките интереси, што во еден ден може да се нарече „центар на актуелни збиднувања“. Процените и теориите за геостратегиската позиционираност и значење на Македонија еднаш се преценувани, а другпат минимизирани, но интересот на големите геополитички фактори за неа, секако, сугерира на некаква значајна вредност со која треба политички да се оперира. Актуелните предизвици на Македонија во контекст на евроинтеграциите (францускиот предлог и уставните измени), но и веќе ефектуираните решенија, како Преспанскиот договор (што сѐ уште предизвикуваат револт во македонското општество) го наметнуваат прашањето за капацитетите на македонската политичка елита да го капитализира овој геополитички интерес во придобивка за македонските меѓународни позиции.
– Сепак не би ги ставал во ист контекст посетата на американскиот дипломат, советник на Стејт департментот, Дерек Шоле, со онаа на митрополитот на Руската православна црква, г. Антониј, иако се случија во ист ден. Посетата на американскиот дипломат е поврзана со помошта што ни ја овозможуваат САД за нашите евроинтеграции и справувањето со проблемот на корупцијата и организираниот криминал. Додека посетата на рускиот митрополит, иако е од висок ранг, не е поврзана со световната политика, но секако е значајна за позиционирањето во православниот свет на МПЦ-ОА, како и за зачувување на автокефалноста и македонскиот идентитет во старата борба за превласт меѓу центрите на православието – вели геополитичкиот аналитичар Оливер Андонов, професор на Воената академија во Скопје.
Кога станува збор за фокусот на интерес на големите сили за Македонија, професорот Андонов смета дека тој фокус на САД за Македонија постои веќе триесетина години, постојано помагаат во нашето меѓународно позиционирање, но и во развојот на државата и општеството.
– За жал, нашите политичари не знаеја или не сакаа да ги применат на вистински начин интересот и поддршката на САД (често заложувајќи го својот меѓународен авторитет) за доброто на Македонија. Дури таквата поддршка често беше политички манипулирана и злоупотребена за прикривање на сопствените коруптивни активности од македонските политичари, обично додека се на власт. Со таквата злоупотреба во голема мера е причината за компромитација пред македонските граѓани на американската поддршка, како и за растечкиот скептицизам на јавното мислење, манифестиран како антинато расположение – вели Андонов.
За обидот безбедносно и геополитички да се испроблематизира посетата на рускиот митрополит Антониј во Македонија, професорот Андонов смета дека во овој настан нема потенцијал за таква опасност, во смисла на компромитација на македонската позиција на членка на НАТО и поддршката што ѝ ја дава на Украина во актуелниот руско-украински конфликт.
– Ќе повторам дека посетата на митрополитот на РПЦ, Антониј, на поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, нема поврзаност со световната политика, туку е насочена чисто на црковно-политичките прашања. Освен тоа, световната руска меѓународна политика е во многу подлабока „дупка“, за да се насочува на наметнување на своето влијание во Македонија и да се надева дека со тоа ќе добие некоја поповолна меѓународна позиција. Оваа посета на рускиот црковен великодостојник е од црковно-политички карактер да искористи шанса за придобивање на МПЦ-ОА во судирот, односно борбата на концепти за православието што Руската православна црква (но не и само таа) ја има со Цариградската патријаршија во Фанар. Додека Фанар се залага за еден вид „источно папство“ во православието, Москва инсистира за задржување на принципот на канонска соборност. Но тој судир на концепти за православието ниту започнал ниту ќе заврши со Македонија. Клучно за нас во оваа голема борба за превласт во православието е: МПЦ-ОА да ја задржи својата автокефалност, да се најде начин секаде каде што е можно да се зачува македонското име на црквата, односно никаде да не се потпише дека се откажуваме од македонското име – потенцира Оливер Андонов, кој заклучува дека иако двете посети што се случија на 10 јануари 2023 година имаат значајна важност за Македонија, односно потезите што македонските световни и црковни власти треба да ги повлекуваат во иднина, сепак е треба да се гледаат како спротивставени геополитички влијанија. А македонските политичари треба мудро да го искористат геополитичкиот фокус на големите „играчи“ за Македонија, за најдобри придобивки за македонскиот национален интерес.