Во најновиот годишен извештај на Јавното обвинителство се забележува дека, освен обвинители, недостигаат и стручни соработници, референти, истражители… Искажано во бројки, од 1.180 предвидени работни места во оваа област, во моментов биле пополнети само 345 места, што е помалку од една третина од потребниот кадар. Можна ли е функционална правна држава без кадар и како ќе исчекориме кон ЕУ кога клучното поглавје за Брисел е токму функционирањето на правосудниот систем во државата
НЕДОСТИГОТ ОД ЧОВЕЧКИ РЕСУРСИ – ХРОНИЧНА ДИЈАГНОЗА НА МАКЕДОНСКИОТ ПРАВОСУДЕН СИСТЕМ
Македонските правосудни институции, судовите и обвинителствата се соочуваат со големи тешкотии во работата поради хроничниот недостиг од професионален кадар. Токму оваа пречка дополнително го отежнува функционирањето на правосудниот систем на Македонија, кој, пак, е една од најзначајните области и клучното поглавје во преговорите со Европската Унија, на чиј почеток се надева државата.
Најновите информации покажуваат дека континуирано правосудниот систем работи со недостиг од обвинители, судии, поротници, правобранители, референти и стручни соработници во македонските судски инстанци.
Во годишниот извештај на Јавното обвинителство, кој изминатата недела се најде пред собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу задниците, е нотирано дека покрај недостиг од обвинители има недостиг и од стручни соработници, референти, истражители… Извештајот истакнува дека од 1.180 предвидени работни места во оваа област, во моментов биле пополнети само 345 места, што е помалку од една третина од потребниот кадар.
Пред два месеца, тогашниот министер за правда, сега вицепремиер за евроинтеграции, Бојан Маричиќ, информира дека македонското судство ќе мора да почека до јуни 2022 или до октомври 2022 година за да добие нови кадри. Тоа, според Маричиќ, се должи на недостигот од кадар, кој државата планира да го пополни со новата генерација што треба да заврши на Академијата за судии и обвинители.
– Се работи за околу 60 кандидати. Дотогаш немаме начин да избираме нови судии. Дотогаш ќе треба со организација на работата во договор со Судскиот совет и апелациските подрачја да се справат судовите со бројот на предмети и со обемот на работа – изјави Маричиќ.
Во контекст на актуелните случувања, за обележување се информациите што доаѓаат од Кривичниот суд, во кои се вели дека му недостигаат 150 судии и поротници. Дополнително, неодамна Уставниот суд информира дека функционира отежнато само со пет уставни судии, бидејќи на остатокот од вкупно девет судии веќе им завршил мандатот. Причината за недостигот од кадар во ова највисоко судско тело, пак, лежи во изборот на нови судии, со кој се доцни во Собранието.
Во светло на актуелните случувања, за нотирање се констатациите на истражувањето на оваа тема во земјата поврзани со предвидувањата за функционирањето на македонското правосудство во 2022 година. Имено, според документот на Центарот за правни истражувања и анализи, државата ќе се соочи со сериозен недостиг од човечки ресурси во правосудството, со кој ќе се отежни ефективно функционирање на судовите во земјата.
– Анализата на актите за систематизација и организација во судовите покажува дека нема целокупен предвиден кадар на судии и судски службеници, особено стручни судски службеници и раководители на судските служби, што покажува дека судовите немаат јасно дефиниран механизам за управување со човечките ресурси, во кои би се вклучиле следењето и оценувањето на ефектот од нивната работа. Преку анализата за комплетирање и извештајот за различни категории вработени во основните судови се нагласува дека е потребно разгледување на потребниот број, критериуми во актите за систематизација на судските службеници, судската полиција и помошниот персонал за исполнување на реалните потреби на судовите – стои во истражувањето.
Во меѓувреме, правниците со кои се консултиравме велат дека државата што поскоро треба да го промени начинот на кој се врши изборот на судии, поротници, обвинители и правобранители во земјава, бидејќи, очигледно, актуелниот механизам не функционира.
Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, вели дека не може да разбере како сме се нашле во ситуација во која државата не може да избере 50 лица да бидат судии.
– Во земјава имаме околу 4.500 адвокати, а некои од нив повеќе од 20 години си ја работат работата и се одлични познавачи на правниот систем. Адвокатите се искусни, тие веќе ги имаат поминато сите неопходни образовни процеси и можат за краток рок да ја пополнат празнината на кадарот што ни недостига – вели судијата.
Тој објаснува дека актуелната Академијата за судии и обвинители е многу лошо системско решение за кадровските политики во судството и колку поскоро биде заменета со ефективен државен механизам толку подобро за државата.
Според Илиев, сите празнини на целокупниот кадар на правници во моментов може да се решат само со еден мудар потег на државата, кој овој кадар може да го повлече и дообразова од актуелните адвокати, кои и онака се постручни од новопечените политички решенија за судии во Македонија.
Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска, вели дека кога се говори за недоволниот кадар на правници во судовите, без разлика дали станува збор за судии, обвинители или за поротници или други правни стручњаци во Македонија, треба да се знае дека тоа е проблем што не е од вчера и се провлекува со години низ сите политички структури.
– Имено, недостигот од кадар во основните и апелациските судови е најверојатно лош резултат на менаџирање на државата, а сето тоа може на големо да го попречи системот врз кој функционира правосудството. Проблемот со немањето судии во основните судови не е само кадровски, бидејќи е многу тешко да се најдат судии во помалите судови, затоа што честопати тоа би подразбирало преселување на некои истакнати правници од поголемите градови во помалите – вели Николовска.
Таа советува дека е неопходно оваа практика да прекине што поскоро, системот за избор на судии, правобранители и обвинители да се ревидира, а решавањето на овие состојби да стане приоритет за државата.