Меѓународната заедница и странските дипломати често ги критикуваат нефункционалните институции, корупцијата и непотизмот, но истовремено свесно замижуваaт, па дури и самите тие се инспиратори на одредени негативни појави во државата. За ова има голем број примери, но веројатно највпечатлив е оној со гласањето за промена на името на државата, кога директно Брисел ни сугерираше да примениме балкански методи. Дали нефункционалните институции се нечија креација за полесно да се протуркаат поставените цели на поголемите центри на моќ
Како меѓународниот фактор придонесе за поттикнување на беззаконието и неефикасноста на институциите
Меѓународната заедница продолжува со својата лицемерна политика кон Македонија и наместо реално да помага поефикасно да се искоренат корупцијата, непотизмот и институционалната неефикасност, таа замижува пред нив сè додека се остварува нејзината поставена агенда. На тој начин, со замижување пред аномалиите, се добива впечаток како и самата таа да ги стимулира ваквите негативни појави.
Да биде проблемот уште поголем, токму таквата дволичност и инертност уште повеќе ги охрабруваат политичарите да прават буквално што сакаат и, притоа, беспоговорно да ги прифаќаат сите сугестии што доаѓаат од Париз, Брисел, Вашингтон или друг центар на моќ.
Последен таков пример, во најмала рака на неконзистентност во пораките, е и последната изјава на американската амбасадорка во заминување Кејт Мари Брнз, која посочи дека во земјава нема доволно одговорност и транспарентност, има непотизам, корупција и институционална неефикасност, за веднаш потоа да продолжи дека реформите мора да продолжат, без оглед на длабоките поделбите внатре во земјата.
– Американската администрација очекува засилени напори на надлежните органи во справување со прашања како корупцијата, непотизмот, институционалната неефикасност. Ве охрабруваме да продолжите со системските реформи дури и кога тие предизвикуваат одредени политички поделби – порача амбасадорката Брнз.
Изјавата сама по себе е контрадикторна, бидејќи длабоките поделби што и самата ги констатира не може да продуцираат функционалност на институциите и на државата туку, напротив, поделбите само ќе ги продлабочат корупцијата, непотизмот и нефункционалните институции. Истовремено, постојат редица примери на стимулирање и поттикнување на нефункционалноста, незаконското, па и коруптивно однесување на институциите токму од страна на меѓународната заедница, кога нешто нејзе ѝ е во интерес.
Поедноставно кажано, секогаш кога меѓународната заедница има интерес да ги оствари своите цели, тогаш не избира и не забележува какви средства ќе се применат тука, односно не се противи ниту на коруптивните дејства, како што беше случајот со поткупот на пратениците во 2019 година, кога се гласаа уставните измени, ниту на погазување на меѓународното право кога директно се задира во нечиј идентитет, а уште помалку на нефункционалните институции, кои им се потребни такви какви што се, за контролирано и полесно да се протуркаат поставените цели. Оттаму ваквите пораки се, во најмала рака, дволични, лицемерни и не соодветствуваат со искуствата и примерите од реалноста со кои се гледа дека токму меѓународната заедница со своето поведение понекогаш се јавува во улога на инспиратор и соучесник во погазувањето на институциите и владеењето на правото.
– Не се согласуваат сите во С. Македонија или пошироко, надвор од С. Македонија, дека моравме да платиме висока цена за почеток на пристапните преговори, но како што реков неодамна, времето ќе покаже дека оваа одлука била правна, стратегиска и уште еднаш покажа дека С. Македонија покажува континуирана будност кон дијалогот, кон културата на компромис, кон стратегиското одлучување и регионалната одговорност – истакна Османи во неодамнешниот говор за време на Бледскиот форум.
Ова е уште една потврда за односот на македонските власти кон меѓународната заедница и е во целосна корелација со пораките што ги упати Брнз, дека она што е важно за ЕУ и САД мора да се спроведе, а поделбите и мислењата меѓу македонските граѓани околу прашањата што директно ги засегаат и задираат во нивните најинтимни чувства се најмалку важни, без оглед што предизвикуваат поделби. Ако чекаме, како што вели Османи, времето да покаже дали нивната одлука била исправна, тогаш веќе ќе биде доцна да се констатира дека некој погрешил ако македонскиот народ ги загуби сопствениот идентитет, јазик, култура и историја.
Впрочем, како што се покажаа погубни за државата многу меѓународно сугерирани одлуки од минатото, како на пример рамковните вработувања, Бадентеровото мнозинство, територијалната поделба, Договорот за пријателство со Бугарија и Спогодбата со Грција, францускиот предлог итн. За сите овие работи времето покажа дека народот бил во право кога не се согласуваше со однадвор наметнатите решенија, кои и ден-денес скапо ја чинат државата и, наместо да ја стабилизираат, постојано се извор и повод на нови недоразбирања и поделби. Затоа, колку и да е болна вистината во однос на нефункционалноста на институциите, непотизмот и корупцијата во државата, треба да се посочи и дека меѓународната заедница има свој удел во сето тоа, со својата неконзистентна и дволична политика кон нашата држава.
– Нема што да очекуваме од странците на тоа поле. И да, треба да имаме предвид дека тие (особено амбасадорите) се тука за да ги бранат интересите на своите држави (кои може да се совпаѓаат и со нашите, но и не мора). И да, кога тие интереси се совпаѓаат или се проценува дека е поважно нешто (пр. напредување во евроинтеграции, па макар и со непопуларни уставни измени), од на пример корупцијата, ќе го приоретизираат својот интерес (пр. спречување на понатамошното руско влијание со членство на Македонија во НАТО и/или ЕУ) – вели првиот извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка Александар Кржаловски.
Според него, истите тие странци нема да кажат ништо за начините на кои е постигната некаква цел, особено кога тоа е во интерес на нивната земја.
– Тие нема да кажат ништо во смисла на поддршка на такви (коруптивни или присилни) начини за постигнување на целта, ниту смеат, ниту сакаат… но исто така, нема да коментираат или, пак, санкционираат некого ако такво нешто се случи (нели, секогаш може да се тврди дека некој е разубеден во нешто само со разговор и спротивставување на аргументи, па гласа во сопствена волја и убедување), секако кога е во рамките и на интересот на нивната држава – нагласува Кржаловски.
Тој додава дека овие системски проблеми, како непотизмот, корупцијата и нефункционалните институции, треба да си ги решаваме сами, но нагласува дека не гледа доволно волја кај домашните политички чинители за такво нешто, бидејќи власта им носи големи лични бенефиции.
– Кај нас ниту има доволно разбирање дека така треба (сами да ги решаваме проблемите), ниту има политичка (и друга) волја за тоа (напротив, голем дел луѓе се во политиката за своја лична бенефиција, односно токму од коруптивни причини) и, конечно, нема ни доволно капацитети за решавање проблеми (бидејќи ни во самите партии нема т.н. мерит-систем, т.е. напредување по заслуги), што понатаму се пренесува во функциите на државната администрација, па наместо компетентност, има тотална партизација и појави какви што ги опишува амбасадорката Брнз – заклучува Кржаловски.
Рот: Има непотизам и корупција, ама поважно е да ги направите уставните измени
Михаел Рот, пратеник од германскиот Бундестаг и претседател на Комисијата за надворешна политика, вчера во Скопје порача дека е потребно политичарите во земјава да ја засилат демократијата, да продолжат со борбата против корупцијата и непотизмот, да создадат работни места, но истовремено и тој нагласи дека е клучно да се продолжи понатаму со напредокот со следните чекори како што се уставните измени.
-Тоа е наша обврска, на политичарите од ЕУ и од Германија, да ги охрабриме Македонците и Македонките да го направат следниот чекор во правецот на ЕУ и да знаат дека тоа навистина вреди – порача Рот.