Фото: Принт-скрим

Почина Равил Маганов (67), шеф на вториот по големина руски производител на нафта „Лукоил“, пренесуваат агенциите.

Маганов починал вчера откако паднал од прозорец на болница во Москва, изјавил извор на „Ројтерс“. За смртта на Маганов објавија и дел од руските медиуми. Од „Лукоил“ немало коментар за случајот.

– Телото на потпретседателот на нафтената компанија „Лукоил“ Равил Маганов е пронајдено во Москва. Телото е пронајдено во близина на Централната клиничка болница на улицата „Маршал Тимошенко“. Бизнисменот пристигнал во медицинската установа пред неговата смрт. Телото било пронајдено од болничкиот персонал – пишува руска „Правда“.

Маганов работел во „Лукоил“ од 1993 година, веднаш по основањето на компанијата, надгледувајќи ја нејзината обработка, производство и истражување.

Тој стана директор на „Лукоил“ во 2020 година. Неговиот брат Наил Маганов е на чело на рускиот производител на нафта „Татнефт“.

Равил Маганов бил близок соработник на еден од основачите на „Лукоил“, Вагит Алекперов. Алекперов, поранешен советски заменик-министер за нафта, поднесе оставка од функцијата претседател на „Лукоил“ во април, една недела откако Британија ги замрзна неговите средства и му воведе забрана за патување како дел од санкциите против Русија.

Во соопштението за печатот на рускиот производител на нафта објавено во март на официјалната веб-страница на „Лукоил“, од компанијата истакнаа дека се загрижени за трагичните настани во Украина и ги поддржуваат преговорите за прекин на конфликтот.

Надзорниот одбор на компанијата тогаш повикал на итен прекин на огнот.