Некои светски воени и економски аналитичари во јавноста излегоа со интересна теза. Имено, поаѓајќи од премисата дека актуелната констелација на меѓународни односи веќе е во фаза на еден „глобален хаос“, постојат низа индикатори што идентификуваат тенденции дека „некои ќе сакаат да бараат излез од кризата преку ризична игра (по принципот ’оние што не ризикуваат не профитираат’): со продолжување или ескалација на безбедносните тензии или, пак, со започнување нови војни или со вклучување во постојните“. Според аналитичарите, „тоа е веќе стар докажан рецепт – главно од првите две светски војни“!
Анализа: Индикатори на ризична глобална игра на големите светски сили
Европејците сѐ повеќе се загрижени за она што се случува во Европската Унија: и во однос на безбедноста, и во однос на економијата, и во однос на енергијата, а и во однос на падот на социјалниот статус на граѓаните.
Според економско-енергетските показатели, а и според низа широки анкети меѓу европските граѓани, „работите не изгледаат добро во ниту еден од тие сегменти“. Резултатите од сондираните мислења на Европејците велат дека „веќе не е 5 до 12“, туку е „12 и 5“…
Европските енергетски предизвици и проблеми продолжуваат
Според информациите на Гасната инфраструктура на Европа, исполнетоста на складиштата за природен гас во ЕУ е намалена во однос на претходниот месец поради студеното време. Стапката на искористеност на складиштето на гас во ЕУ се намали на 87,3 отсто заклучно со 13 декември (а во Обединетото Кралство на 87,7 отсто). Пополнетоста на магацините во Германија, која има најголем капацитет за складирање меѓу земјите на ЕУ, на 13 декември беше 92,4 отсто, во Италија 87,2 отсто и во Франција 88,1 отсто. Летонија има најниска стапка на искористеност на складиштето на природен гас, од 51,6 отсто, додека Естонија, Финска, Грција, Литванија, Луксембург, Малта, Словенија и Ирска немаат складиште за природен гас. Стапката на искористеност на складиштето на гас во Украина, од друга страна, е само околу 28 проценти.
Проблемите се дотолку поголеми, бидејќи покрај студот недостига и ветер за ветерниците, а има и проблеми поврзани со работата на атомските централи.
Ана Марија Јалер-Макаревич, европска аналитичарка во Институтот за енергетска економија и финансиска анализа (ИЕЕФА), вели дека „и покрај зголемената потрошувачка на гас, Европа засега може да управува со процесот“. Но таа исто така додава: „Постои ризик од прекини на струја, но зависи од тоа колку ќе биде сурова зимата и од ситуацијата во погоните за производство на електрична енергија, на пример, во Франција, која е поранешен извозник на струја. Во моментов има проблеми во производството на струја поради проблеми во нуклеарните централи“.
Не е тешко да се заклучи што мислат европските индустријалци и сопственици на големите бизниси за ваквите „утешни“ зборови и зошто погледите им се вперени кон другата страна на Атлантикот, каде што енергетските проблеми засега поуспешно се менаџираат.
Деиндустријализација на Европа и одлив на капитал од ЕУ кон САД
Покрај сите проблеми, безбедносни (војна во Украина) и економски (инфлација, затворање компании, енергетска криза), за ЕУ се појави уште еден. Имено, тој проблем е поврзан со „американскиот закон за намалување на инфлацијата“, според кој американските зелени компании, како што се производителите на електрични возила, ќе добијат субвенции и даночни олеснувања во вкупен износ од 369 милијарди долари. Според тоа, овој закон директно го загрозува забрзаниот одлив на капитал и инвестиции од ЕУ преку Атлантикот, односно деиндустријализација, поради што, според економските аналитичари, во ЕУ се создава вистинска паника.
Токму овој американски закон стапува во сила околу Нова година. Економските аналитичари предупредуваат дека „Вашингтон нема намера да го приспособи истиот тој на интересите на ЕУ“!. Поради тоа, некои членки на ЕУ веќе прибегнуваат кон протекционистички мерки (поблаг термин за ова се субвенции) за своите големи компании (индустрии), како што е Германија. Тоа предизвика голем број забелешки од земјите на ЕУ упатени до Берлин, имајќи предвид дека германската влада инвестира огромни финансиски средства пред сѐ за да ги заштити своите компании, додека „преостанатиот дел“ од ЕУ тоне се подлабоко и подлабоко во проблеми.
Затоа, аналитичарите истакнуваат дека „не е ни чудо што и Франција страсно се бори за државата со субвенциите како неопходен инструмент“.
Аналитичарите нагласуваат дека „пред неколку дена на истиот потег се приклучи и Чешка – субвенционирање на компаниите со ограничување на цените на гасот и струјата – оправдувајќи го со обидот да ја спречи неконкурентноста на своите извозни компании во однос на оние на Германија“!
„Блумберг“: Поглед на кризата и надвор од ЕУ, во Велика Британија и во Русија
Минатата недела медиумите предупредија и на многу лоша економска и социјална ситуација во Обединетото Кралство, Британија.
Во објавената длабинска анализа на Џо Статон, директор за стратегија за клиенти во ГфК (GfK), се вели дека „реалните плати паѓаат бидејќи инфлацијата продолжува да добива на интензитет. Тоа дополнително ги ограничува буџетите на многу домаќинства, особено во екот на предбожиќното купување“.
Банката на Англија ги зголеми стапките девет пати во текот на изминатата година и има намера да продолжи да ги заострува условите за да ја ограничи инфлацијата, која изнесува 10,7 отсто, повеќе од пет пати повеќе од поставената цел од 2 отсто! Во врска со тоа, американскиот медиумски магнат „Блумберг“ се надоврзува дека „повисоките трошоци за задолжување ќе го зголемат притисокот врз приходите на домаќинствата, ќе ги намалат заштедите и ќе ја намалат куповната моќ“!
Зачудувачки, истиот медиум во друга своја статија посочува на уште еден парадокс. Според анализите на „Блумберг“, „и покрај огромните и невидени санкции, рускиот буџетски суфицит се зголеми за повеќе од четири пати во ноември и покрај одливот на средства поради конфликтот во Украина“ (за воени цели). Во анализата се забележува уште еден месец на подобрување, главно поради дивидендите и непредвидениот данок што го плати „Газпром“ (кој и покрај намалувањето на испораките на гас, оствари огромни и рекордни профити и беше принуден за првпат од руската влада да ги изврши гореспоменатите буџетски плаќања).
„Буџетскиот суфицит достигна 557 милијарди рубли (9 милијарди долари) во првите 11 месеци од оваа година, соопшти во понеделникот Министерството за финансии, во споредба со 128,4 милијарди рубли пријавени во периодот јануари-октомври. Приходите од нафта и гас вртоглаво растат, веќе ја надминуваат годишната цел во првите 11 месеци“, според „Блумберг“.
Војната како „ефикасен инструмент“ против повеќеслојната глобална криза?!
На почетокот на 20 век, британскиот писател Норман Енџел во својата позната книга „Големата заблуда“ ја нарече војната застарена, поради промената на светот поради економскиот напредок, брзиот развој на трговијата и економската меѓузависност на државите. Тој веруваше дека војната станала скапа и дека веќе нема можност државите да се збогатат преку воени освојувања, дека индустриските работници повеќе не можат да бидат експлоатирани како селани и дека дури и малите земји можат да напредуваат со увоз на суровини и продажба на стоки на светските пазари. Авторот смета дека помеѓу економски меѓусебно зависни земји, војната е исто така исклучително скапа.
Сепак, веројатно добронамерниот Енџел набргу беше демантиран од Првата и Втората светска војна, но не помалку – од глобалните процеси што се случуваат во последните месеци. Всушност, излезе сосема спротивно во актуелните глобални односи: започна војна во Украина, на европскиот континент; почнаа трговски војни меѓу силно меѓузависни земји (САД – Кина, можеби и САД – ЕУ) со можност (во случајот на САД и Кина) да се продлабочат во некакви конвенционални прокси-воени судири…
Со други зборови, се создава глобален хаос (а веќе е создаден во голема мера), од кој некои ќе сакаат да бараат излез преку ризична игра (по принципот „оние што не ризикуваат не профитираат“): и со ескалација на безбедносните тензии, и со започнување нови војни или со вклучување во постојните. Тоа е веќе стар докажан рецепт – главно од првите две светски војни. Но проблемот е што сегашните геополитички околности се сосема различни и без историски преседани во однос на веродостојното пресметување на конечниот резултат на глобалниот мегаконфликт, кој веќе не е пред нас – тој е веќе во тек!
Директна вклученост на Британија (и планови на САД) во украинскиот конфликт
За тоа директната и непосредна вклученост на војската на Британија пишува британскиот медиум „Тајмс“ од 13 декември, насловен „Кралските маринци распоредени на ’ризични тајни операции’ во Украина“. Во него првпат генералот Роберт Мегован го призна учеството на „кралските маринци во тајните операции во Украина“.
– Командосите биле вклучени во „дискретни операции“ и извршувале задачи во „многу чувствителна средина – изјави генерал-полковникот Мегован, заменик-началник на Генералштабот на британската армија и поранешен шеф на кралските маринци. Нивните мисии беа „високо ниво на политички и воен ризик“.
Од друга страна, американскиот НБЦ њуз“ минатата недела напиша дека Пентагон размислува да испрати американски војници во Украина. Наводно, тоа би бил „едноцифрениот број“, потребен за да се осигурат американските граѓани што веќе работат во таа земја, но обично така почнува. Некои доаѓаат да ги заштитат оние што се веќе таму, потоа други доаѓаат да ги заштитат оние што ги штитат првите итн. Во такви услови, спиралата брзо ротира кон интервенција. Не е тешко да се погоди што би значело ова на украинското бојно поле. Тоа дефинитивно би ја искомплицирало состојбата, а сѐ погласни би биле сценаријата за т.н. „трета светска војна“ со сите нејзини последици, кои секој сака да ги избегне. Затоа не е ни чудо што претседателот Џо Бајден набргу по објавувањето на таа вест ја отфрли можноста за каква било операционализација на плановите што би воделе во насока на испраќање американски војници во Украина! „За Бајден, верижна реакција што би довела до директна американска интервенција и сеопфатна војна би била катастрофална“, наведува „Блумберг“ во својот текст и заклучува дека „за Зеленски влегувањето на Америка во конфликтот најверојатно би значело спас на Украина“.