Фото: Маја Јаневска-Илиева

Кај земјите од регионот нема видливи сигнали на некаква емпатија, солидарност и грижа кон Македонија поради непримерниот притисок, уцени и страдања на кои е изложена таа со барањата да го прифати таканаречениот француски предлог, кој во својата суштина е и антиевропски и спротивен на стандардите и критериумите на ЕУ. Според аналитичарите, со секоја посилна изјава за наша поддршка, земјите од регионот би се соочиле со слични блокади од земјите-членки на Унијата

МАКЕДОНИЈА и во регионот без вистински сојузници ПРОТИВ НЕПРАВДИТЕ ОД ЕВРОПА

Дали и колку Македонија добива реална поддршка од балканските држави во однос на нашите напори, но и нашите предизвици и искушенија на планот на евроинтегративните процеси, или регионалната солидарност што се искажува од земјите од регионот е само дел од вообичаениот дипломатски протокол? Потребата од забрзување на пристапните преговори со земјите од Западен Балкан повторно беше искажана на првата средба меѓу новиот словенечки премиер Роберт Голоб и германскиот канцелар Олаф Шолц, на која двајцата лидери се согласиле дека овој процес е премногу „бавен“! Во извештаи од оваа средба беа преповторени веќе познатите ставови за тоа дека овие земји веќе 20 години се во чекалницата за членство во ЕУ, додека Шолц потсетил дека во 2003 година на шест земји од Западен Балкан им била ветена брза и реална перспектива за членство во ЕУ. Германскиот канцелар посочил дека може да се постигне договор за понатамошни конкретни чекори за европската интеграција на Западен Балкан, на самитот за Западен Балкан што ќе се одржи во ноември годинава во Берлин, со цел да се даде нов поттик на таканаречениот „Берлински процес“.

Досегашните иницијативи од соседните и од балканските земји, кои се членки на Европската Унија, кога станува збор за поголемо европско интегрирање на регионот, не ги дадоа очекуваните ефекти, барем што се однесува и во случајот со Македонија, која во моментот ја води најголемата битка за зачувување на националниот идентитет и јазик, со притисоците да се прифати француско-бугарскиот предлог. Но освен неколку декларативни изјави од страна на хрватски и грчки високи претставници, за давање согласност за почеток на преговори со Македонија и со Албанија, се чини дека земјите-кандидатки од Западен Балкан се препуштени самите на себе да го расчистуваат патот кон Европската Унија. Ни предлогот на словенечката влада од јуни годинава, за забрзување на процесот на проширување на ЕУ на Западен Балкан, не предизвика поголемо внимание во Брисел. Барањето од Љубљана доставено до другите 26 земји-членки, за отпочнување на преговорите со Македонија и со Албанија, како и за воведување визна либерализација за Косово и кандидатски статус за Босна и Херцеговина, не предизвика никаков напредок.

Нема видливи сигнали ниту на некаква емпатија, солидарност и грижа кон Македонија поради непримерниот притисок, уцени и страдања на кои е изложена таа со барањата да го прифати таканаречениот француски предлог, кој во својата суштина е и антиевропски и спротивен на стандардите и критериумите на ЕУ.
За политичкиот аналитичар Синиша Пекевски е неоспорна поддршката за европското интегрирање на регионот, која доаѓа од земјите од регионот, но ако се гледа низ призмата на Македонија, тие се само со краткорочно влијание.
– Реално гледано, земјите од регионот што се во Европската Унија не нѐ чувствуваат за доволно блиски за да се заложат посилно пред европските институции во забрзувањето на европските интеграции. Ова се должи и на слабата активност на македонската дипломатија, која не успеа да воспостави поблиски релации со земјите од нашето поблиско опкружување. Грција, која претходно беше главниот кочничар за зачленувањето на Македонија во НАТО и во ЕУ, го доби тоа што го бараше со Преспанскиот договор и сега не чувствува потреба силно за застане зад позициите на Македонија. Истото тоа се случува и со Бугарија, со која имаме отворени прашања околу идентитетот и историјата – вели Пекевски.

Што се однесува до другите земји од Западен Балкан, нивното влијание во европските институции е ограничено, затоа што и тие се соочуваат со бариери на патот кон ЕУ. Во тој контекст се и последните изјави што доаѓаат од српскиот претседател Александар Вучиќ, кои се однесуваат на тоа дека треба да се продолжи со напорите за изнаоѓање решенија за отпочнување на пристапните преговори.
– И Албанија и Србија се соочуваат со истите проблеми како и Македонија, Затоа и нивните изјави се повоздржани, кога станува збор за давање поддршка за Македонија во однос на спорот со Бугарија. Со секоја посилна изјава за наша поддршка, тие би се соочиле со слични блокади од земјите-членки на Унијата. Антагонизмот во политичките кругови не е толку изразен меѓу луѓето од двете земји, кои остваруваат економски и блиски релации на пониско ново – нагласува аналитичарот Синиша Пекевски.

Последниот регионален состанок на кој погласно се говореше за забрзување на процесот на интегрирање на земјите од Западен Балкан се одржа минатата година во рамките на конференцијата Брдо кај Крањ. И тогаш лидерите од регионот, поддржани од претседателите на Хрватска и на Словенија, потпишаа заедничка изјава со која се повикува Европската Унија на регионот да гледа како на целина во пристапниот процес. Притоа од Европската комисија се побара да ги забрза постапките за интеграција на регионот, а државите-аспиранти да ги забрзаат реформите. Меѓутоа, ни во текот на последното шестмесечно претседателство на Франција со Европската Унија не беше постигнат видлив напредок во процесот на проширување кон Западен Балкан.

М.Ј.