Како последица на манифестираното европско разногласие околу условите, потребите и прогнозите за (не)проширување на Европската Унија, и во нашата држава се создаде една појава на политичко толкување (во пакет со аргументирање) на секоја изјава на ЕУ во врска со проширувањето и европските интегративни процеси. Се лицитира со толкувања од страна на државни институции, на функционери, портпароли, толкувања од политички партии, па и од експерти… Во зависност од нивната општествена позиција и стремежи во македонското општество, толкувањата постигнуваат висок степен на разногласие, исто како и изворните изјави за проширување на ЕУ лиферувани од бриселската администрација
Уставни измени во Македонија за почеток на преговорите со ЕУ – сега, подоцна или никогаш? Оваа трилема е присутна во македонскиот политички простор практично од објавувањето (и согласноста на Владата) на т.н. француски предлог за преговарачката рамка, но и неодамна манифестираното европско разногласие околу условите, потребите и прогнозите за (не)проширување на Унијата. Како последица на европското разногласие за (не)проширување на Европската Унија, и во нашата држава се создаде еден феномен на „политичко толкување на секоја изјава на ЕУ во врска со проширувањето и европските интегративни процеси“. Врие од „толкувања на изјавите од ЕУ“ од страна на државни институции, на функционери, портпароли, толкувања од политички партии или експерти…
Опозицијата, која не дава поддршка за уставните измени, ниту во Собранието, ниту нејзините претставници со јавните изјави, главно испраќа пораки дека со изјавите на францускиот претседател Макрон за „реформи на Унијата, па проширување“ и критиката на претседателката на ЕУ, Урсула фон дер Лејен, до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, за „избрзаните датуми за проширување“, им ги извлекле од рака аргументите за брзи уставни измени на актуелната власт, како носител на тој проект.
Од друга страна, министерот за надворешни работи Бујар Османи се обидува да докаже дека опозицијата погрешно ја интерпретирала изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон за „Европа со различни брзини“. Османи настојува да докаже дека Макрон зборувал за динамиката на членство, а не за Европа на различни нивоа и смета дека за Македонија е поважна изјавата на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој кажа дека ЕУ до 2030 година треба да биде подготвена да прими нови членки.
– Изјавата на Мишел вчера одекна во Македонија и помогна во дебатата што ја почнавме таму. Додава дополнителна енергија, која не можете да ја вкалкулирате во табела и тоа е вистинскиот начин. За мене тоа е историска изјава. Ако ги следевте вестите вчера во Македонија, изјавата на Шарл Мишел беше насекаде. Веднаш потоа попладнето верзијата на изјавата на Макрон доминираше на политичката сцена и беше презентирана како студен туш, главно од опозицијата. Тие велат: гледате, ви рековме дека нема кредибилен процес, правиме болни компромиси без јасна перспектива. Но, кога Макрон зборуваше за Европа во брзини, зборуваше за вистинската брзина, за динамиката на членство, а не за Европа во нивоа, Европа во слоеви. Ова е важно, затоа што имаме борба со пропаганда дома. Тешко е да ги презентираме вистинските аргументи – кажа Османи на панелот на Стратегискиот форум во Словенија.
Но упатените познавачи на европските процеси од Македонија ги анализираат повеќето контексти на потребата за проширување во самата ЕУ, како и македонскиот интерес во целата ситуација и заклучуваат дека „брза промена на Уставот за брзо членство во ЕУ е, во најмала рака, несоодветна и неумесна“.
– Дека нема да има проширување без реформа на ЕУ веќе потврдија сите релевантни претставници на ЕУ. И тоа го повторуваат конзистентно подолго време. Од друга страна, реформата досега требаше да започне, по завршената конвенција за иднината на Европа минатата година, но не се случува тоа. Јасно е дека европското предизборие не е најсоодветното време за дискусија за реформите. Макрон сепак најавува повеќе детали за идејата за „Европа во повеќе брзини“ пред изборите во ЕУ идниот јуни, што значи дека е можно ова прашање да биде дел од темите на кампањата. При ваков изборен контекст и ваква дискусија во ЕУ, аргументот на македонската влада – брза промена на Уставот за брзо членство во ЕУ – е во најмала рака, несоодветен и неумесен – вели Малинка Ристевска-Јорданова, експертка познавач на ЕУ, со децениско искуство во следење и анализа на европските процеси.
Поранешниот амбасадор на Македонија Ристо Никовски е уште покатегоричен дека францускиот претседател Макрон практично му ставил крај на проширувањето.
– Веќе 10 години нема нови членки. Созреа и оцената дека Унијата мора прво да се реформира, и тоа длабински, што е процес што ќе трае неизбежно долго, можеби 10 и повеќе години. Ќе се реформираат основните права на членките, и брзи промени не се реални. Практично, Макрон му стави крај на проширувањето. Оттаму, чиста бесмислица е Македонија да го менува Уставот заради влез во ЕУ. Унијата уште долго нема да се проширува, а на ист начин како досега – можеби и никогаш повеќе… – вели поранешниот амбасадор на Македонија Ристо Никовски.