За една средба на Тито со раководството на „Нова Македонија“
Претседателот на СФР Југославија и командант на нејзините вооружени сили Јосип Броз-Тито во своето претседателствување со комунистичката партија и со државата, за време од 34 години, официјално ја посети Република Македонија 16 пати. Првата средба со македонските граѓани ја имаше на 11 Октомври 1945 (празникот се именуваше како Денот на востанието на македонскиот народ). Тогаш на Градскиот плоштад одржа говор што во живо го следеа над 60 илјади луѓе. За Македонците и другите народи и народности ликот на другарот Тито беше речиси непознат. Дотогаш прва и единствена негова фотографија имаше објавено во првиот број на весникот „Нова Македонија“ излезен на 29 октомври 1944 година.
Последната визита на Македонија и Скопје ја направи на 5 и 6 октомври во 1978, година и половина пред смртта.
Од 7 до 10 ноември 1972 Тито ја оствари четиринаесеттата посета на македонската социјалистичка Република. Беше во Куманово и во Тетово, ги посети фабриката за цевки „11 Октомври“ и „Тетекс“, а во Скопје ја виде Стакларницата (која сега ја нема) и водеше разговори во Градското собрание. Во Скопје вечераше во новоотворениот хотел „Континентал“, наредниот ден во Тетово ручаше во ресторанот во „Арабат баба теќе“. Нему и на делегацијата им беше претставена мала модна ревија со најубавите тетексови манекенки. Меѓу високите гости била и Јованка, сопругата на Јосип Броз.
Разговор наместо интервју
По горните кратки информации, сега доаѓаме до главната тема.
Тито во својата резиденција на Водно на 9 ноември прими претставници од редакцијата на „Нова Македонија“, на кои им одговараше на актуелни прашања. Средба што била подолго барана и на крајот се остварила. Сепак, со една мала забелешка, со едно нужно појаснување.
Уредништвото на „Нова Македонија“ во неколку наврати, преку преписки, барало интервју со Тито, кој начелно давал ветување. Меѓутоа, во последен момент другарот Тито откажал интервју, но се согласил да прими новинарска делегација, да води отворен разговор без претходно доставени прашања и од тоа да се селектира што би се објавило во весникот. Од „Нова Македонија“ сакале средбата да биде во просториите на редакцијата, но победиле строгите бирократи од протоколот со образложение дека на Тито му треба повеќе одмор и комоција поради здравствените проблеми што ги имал со шеќерот и простатата. Се разбира дека разменетите информации за здравјето на Маршалот биле строга тајна.
На средбата биле Анте Поповски, генерален директор на „Нова Македонија“, Илија Зафировски, главен и одговорен уредник на весникот, Душко Малевски, заменик-главен уредник и надворешнополитички коментатор, и Радослав Огњановски, уредник-коментатор за внатрешна политика. На разговорот, не како контролор или цензор, туку како почесен гостин, присуствувал и Ангел Чемерски, претседателот на ЦК СКМ. Веста за таа средба е објавена на страниците на весникот (на првата, се разбира) на 10 ноември, со соодветна фотографија, како што прилега за една таква висока средба.

Неколку проверки за сигурност
Било договорено содржината од разговорот што траел 45 минути да ја обработи и да ја состави уредникот Радослав Огњановски. Тој го сторил тоа професионално, совесно, уредно и брзо. Како што е хиерархиски ред во новинарството така важниот текст го виделе, го коригирале и го одобриле главниот уредник и генералниот директор. Како што било ред тогаш (а и сега не е поинаку), текстот бил испратен на одобрување во кабинетот на Тито во Белград. Шефот на кабинетот му го испратил на Чемерски да го погледа и ако има забелешки нив да ги изнесе.
Чемерски немал суштински забелешки, освен што не му било драго што Титовите критики за македонското раководство да се појават прво во весник наместо на партиски состаноци. „Тој политички момент е малку незгоден, јавноста да го разбере тоа од разговорот со новинари, а не од разговорот со републичкото политичко раководство, зашто немаше соопштение бидејки така се договоривме со другарот Тито“, рекол Чемерски. Тој таа забелешка му ја изнел на шефот на Титовиот кабинет, признавајќи дека не било можно да се направи поголема интервенција во самиот текст. Така текстот телепринтерски и на други комуникациски начини патувал меѓу Скопје и Белград седум дена. Во весникот се појавил на 17 ноември истата 1972 година.
Критики за македонското раководство
Извадоците од разговорот објавени во весникот, освен што значеа големо новинско достигнување, понудија одговори на неколку тогашни предизвици, но не беше соопштено ништо ново или претенциозно. Класична презентација на состојбите во Југославија: економската состојба, надворешната политика, односите меѓу републиките, дејствувањето на непријателските пропаганди, улогата во одбрана на системот. Сепак, необично, да не се рече сензационално за тоа време и за таквите услови, беше што низ неколку реченици се појави критиката на Тито за влошените односи во македонското највисоко раководство поврзани со прашањата за либерализмот и национализмот, јавни и горливи теми во другите републики, особено во Хрватска и во Србија. Слични критички зборови беа упатени и за кадровската политика. При одговорите Тито поголемиот дел од критиките го упатуваше на адреса на раководствата на Сојузот на комунистите, а не кон државните органи.
За тоа сведочат негови зборови од разговорот кога вели дека „мораме да признаеме дека кадровската политика не ни чинеше и дека таа треба да се постави на нови основи. Поинаку треба да се однесуваме спрема кадрите. Не смееме да дозволиме разни функции да се делат по пријателство и само едни исти луѓе да се вртат во круг. Што се однесува до интелигенцијата, навистина е дрскост тоа што мене ми го подметнуваат. Јас никогаш не сум бил против социјалистичката интелигенција. Но има и лоша интелигенција“.
Така рекол Тито.
Она што само се насетуваше и во шепотења се најавуваше се случи мошне брзо по таа посета на Тито. Имено, само два месеца подоцна Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Македонија ги одржа „историските“ 36. и 37. седница. Не беа историски само по траењето, по конспирацијата и по шпекулациите туку и по епилогот што предизвика сериозни промени на идеолошкиот курс и по кадровската пресметка. На тие седници се отвори големиот судир меѓу таканаречените либерали предводени од Крсте Црвенковски и конзервативци на чело со Лазар Колишевски.
Струјата на Крсте се залагала за длабоки структурни промени, за социјалистички плурализам, право на критика, право на штрајк и воведување повеќе мерки за демократизација на партијата и на општеството. Другата, конзервативната, останувала на линијата на одбрана на воените, револуционерните и социјалистички определби, на одбрана на самоуправувањето и зачувување на стекнатите придобивки. Познато е дека победи струјата на Лазо и на Чемерски, кој ги водеше седниците.
Брзи историски промени
Црвенковски беше идеолошки и политички дисквалификуван, а со него и една голема група млади професори од Правниот факултет во Скопје, означени како либерали, а некои како националисти. Според некои извори, околу 2.000 луѓе, политичари, директори, градоначалници, уметници, новинари и други кадри, биле пензионирани, сменети од функции, елиминирани од јавниот живот. Тој бран на промени се одрази и во НИП „Нова Македонија“, кога во ноември 1973, една година по средбата со Тито, беше сменет генералниот директор Анте Поповски, а на истото место не остана долго ниту главниот уредник Илија Зафировски.
По тие промени сѐ што се случуваше е дел од поновата историја на социјалистичка Југославија и Република Македонија. Во разговорот со новинарите на „Нова Македонија“ Тито инсистираше на улогата на партијата, на самоуправувањето и на пропагандите што ширеа информации за распад на Федерацијата.
По неговата смрт се случи спротивно од сето она за што тој се залагаше. Југославија се распадна крваво, комунистичката партија угасна како никогаш да не била, наместо самоуправување, со системот завладеа суровиот капитализам, странските пропаганди и агентури наместо да се смират, станаа уште поактивни во сите поранешни републики, сега самостојни држави.
Република Северна Македонија е таква слика и прилика.
pande. [email protected]