Фото: Архива/Игор Бансколиев

Процесот на реинтеграција де факто ќе значи и згаснување на ПОА и нејзино целосно приклучување и обединување со МПЦ-ОА како единствена македонска автокефална црква

На дневен ред на Синодот на МПЦ-ОА
реинтеграцијата на ПОА

Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија заседаваше во текот на вчерашниот ден и донесе неколку одлуки со кои започна процесот на интеграција на Православната охридска архиепископија (ПОА) на Јован Вранишковски, која од 2002 година дејствуваше надвор од Македонската православна црква – Охридска архиепископија, на територијата на Македонија, а беше во единство со Српската православна црква (СПЦ).
Пред заседавањето на синодот, митрополитот преспанско-пелагониски Петар потврди дека ќе се расправа за интегрирањето, а одлуките што се однесуваат во врска со ПОА, се во правец на финализирање на договорот меѓу МПЦ-ОА и СПЦ, и се во насока на постигнатата согласност и во рамките на автокефалноста на македонската црква. Процесот на реинтеграција де факто ќе значи и згаснување на ПОА и нејзино целосно приклучување и обединување со МПЦ-ОА како единствена македонска автокефална црква. Според владиката Тимотеј, Архијерејскиот синод работел во полн состав, со мал исклучок на неколку архијереи што биле во странство и еден архијереј што не можел лично да присуствува, но имал свое полномоштво за да гласа доколку има потреба од тоа. Меѓутоа одлуките биле донесени едногласно, без никакви издвојувања, нагласи владиката Тимотеј.
По заседанието на Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА, владиката Тимотеј информира дека се донесени неколку одлуки што се поврзани со поделбата на епархиите, меѓутоа нагласувајќи дека претстои усогласување со СПЦ и дека „македонската и пошироката јавност ќе биде запознаена по усогласувањето со Српската православна црква (СПЦ)“. Според него, целосната интеграција на ПОА во рамките на Македонската православна црква – Охридска архиепископија може да ја очекуваме за време на Соборот на СПЦ, кој треба да се одржи на 14 или 15 мај.
Во текот на своето обраќање во јавноста, владиката Тимотеј исто така посочи дека Светиот архијерејски синод не дискутирал за менување на името, нагласувајќи дека останува името Македонска православна црква – Охридска архиепископија!
– Нема што да се разговара за административно име. Името е Македонска православна црква – Охридска архиепископија, тоа останува, независно кој како сака да нè нарекува. Ние ќе се викаме како што се викаме – рече владиката Тимотеј.


Конечни чекори кон целосна автокефалност
на Македонската православна црква – Охридска архиепископија

Минатата година СПЦ се согласи со статусот на целосна независност на МПЦ-ОА по заедничка литургија во Белград. Ова следуваше откако на 9 мај на заседание на Светиот синод на Вселенската патријаршија, предводен од вселенски патријарх Вартоломеј, се донесе одлука за отстранување на повеќедецениската шизма наложена врз древната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ. Тоа значеше дека Вселенската патријаршија ја признава црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспоставува канонско и литургиско општење со неа. Во таквиот контекст се остави на СПЦ со МПЦ да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу двете цркви, во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание.
На минатогодишниот собор на СПЦ беше одобрено канонското единство со МПЦ-ОА, со што беше решен спорот, кој датира од 1967 година кога МПЦ се одвои од СПЦ. На 19 мај минатата година во соборниот храм „Свети Сава“ во Белград беше одржана заедничка архијерејска литургија на помирување, со која чиноначалствуваа српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. Со неа беше потврдено надминувањето на 55-годишниот раскол меѓу двете цркви и возобновувањето на канонското и евхаристиското општење. На 24 мај српскиот патријарх Порфириј сослужуваше на заедничка литургија со aрхиепископот Стефан во Соборниот храм во Скопје. Тогаш Порфириј одобри и упати благослов за автокефалност на МПЦ-ОА.
– Она што беше раздвоено од 1967 година Господ нè удостои да биде исцелено – нагласи српскиот патријарх на литургијата во Скопје. Архиепископот г.г. Стефан, пак, по објавата за прифаќање на автокефалноста од страна на Порфириј, рече: „Бог ни даде ден во кој дочекавме да ја слушнеме одамна посакуваната и очекувана вест“.
На 5 јуни минатата година СПЦ го официјализираше прифаќањето на автокефалноста на МПЦ-ОА. Српскиот патријарх Порфириј му врачи акт на поглаварот на МПЦ-ОА, Стефан, со кој се потврдува одлуката на СПЦ, која беше објавена на 24 мај по сослужувањето на заедничка литургија во Скопје, со која Српската црква ја одобри и упати благослов за автокефалноста на МПЦ – ОА, ставајќи му крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви. Д.Ст.