А каде е рајот? Рајот постои но не му се знае локацијата. Некои велат дека е скриен некаде на Земјата, повеќето дека е на небото, но, премногу високо, сѐ уште никој не стигнал до таму. Други, пак, мислат дека рајот е кај што се парите, односно онаму кај што се парите таму се рајските острови. Некои мислат дека рајот е само човечка измислица, други веруваат дека тоа е градина со многу задоволства каде што праведните луѓе живеат вечен живот
Нова година е, 2025. Да читаме добри текстови, да слушаме убави вести. Триесет години наназад, како што се менуваат властите во Македонија така ни соопштуваат дека само што не сме стигнале до рајските градини. Се разбира, благодарение на владата или способноста на партијата. Иако не веруваме, но да претпоставиме дека некој ден, некоја вечер, некоја генерација ќе чуе дека е постигната и таа цел. Голема ќе биде радоста на сите поданици, кои од сегашниот земен, ќе живеат иден, рајски живот. Ќе се чуе, ама нема да се види, зашто вистинскиот рај, во суштина, е повеќе фикција отколку реалност.
А каде е рајот? Рајот постои, но не му се знае локацијата. Некои велат дека е скриен некаде на Земјата, повеќето дека е на небото, но премногу високо, сѐ уште никој не стигнал до таму. Други, пак, мислат дека рајот е кај што се парите, односно онаму кај што се парите таму се рајските острови.
Не е невистина ако се каже дека ретко кој мит заинтригирал толку луѓе како митот за Рајската градина, во кој, наводно, сѐ почнало и каде што настанала човечката раса. Додека чекаме да стигнеме таму кај што ќе стигнеме, да се потсетиме како, според митологијата и теологијата, е создаден, како изгледа и како се живее во рајот.
Некои мислат дека рајот е само човечка измислица, други веруваат дека тоа е градина со многу задоволства каде што праведните луѓе живеат вечен живот. Библијата вели дека рајот е таму кај што е Господ, дека постои само на небото, но во иднина повторно ќе биде на земјата. Таму ќе нема умирање, ќе се живее вечно, ќе нема ни болка, ни лелек, ни грижи, насекаде ќе владеат мир и слога. Луѓето ќе може да уживаат во чудата и убавините на природата.
Можеби од тоа мноштво дилеми, многу сликари, поети, фрескописци и иконописци со посебна творечка фантазија го имаат сликано и опишувано до најситните детали.
Рајот најчесто се прикажува како градина со бујна и разнобојна вегетација, со разгранети дрвја, мирисливи билки, бистри води изворски. Во него владеат вечна пролет и светлина. Низ Рајската градина бликаат извори што мирисаат на камфор и ѓумбир, течат потоци со брзи води, течат мед и млеко, вино и мед, кој што сака, со тоа може да се послужи. На плодната земја со блага клима, распослани се широки зелени ливади, се берат (или паѓаат од дрво) сочни плодови, секој празник започнува со гозба. Се носат скапоцени облеки, се прскаат впечатливи парфеми, се служат деликатесни јадења сервирани во златносребрени садови. Послужуваат бесмртни девојки, убави како штотуку извадени бисери, шетаат стотици чедни девици што ги чекаат своите херои-саможртви…
Во митовите е опишано дека еден рајски ден вреди колку илјада дена на земјата. Во рајските градини реките се полни со злато, со бисери и рубини и скапоцениот камен оникс. На коњ што галопира му се потребни сто години за да излезе од сенката на дрвјата со банани. Меѓу луѓето шетаат божји ангели, летаат, 39 на број, рајски птици. Во рајот лицата на сите жители блескаат од задоволство, насмевката не им се симнува од лице, зашто сите од ред имаат чист образ. Луѓето живеат среќен, спокоен и безгрижен живот, каде што не се неопходни ниту работата ниту страдањето за да се опстане. Најверојатно и во рајот има социјални разлики, но сиромашни и незадоволни нема, зашто сепак се живее во мир, невиност и наивност.
Таму свири прекрасна музика, се пеат многу песни зашто рајскиот народ е многу музикален. Освен тоа, има високоразвиена агрокултура, хортикултура, сточарство, техника. Особено се посветува внимание и се развива медицината иако во рајот нема ниту болни, ниту недостиг од лекови, ниту мој термин. Во него и животните живеат слободно, рамноправни се со луѓето, зашто човекот го разбира нивниот јазик и со нив комуницира.
Според верувања кај некои народи, влезот во рајот има осум врати, секој рајски кат има сто скалила. Највисокиот степен е седмото небо, симбол резервиран за најзаљубените, за најуспешните, за шампионите и за највознесените. Клучот што ги отвора сите врати има три запци: него го поседуваат оние што се единствени во верата со бога, оние што се покорни кон него и оние што се воздржуваат од какви било недозволени работи, сето тоа во еден човек. За другите, таму влезот е забранет.
Други легенди кажуваат дека некаде постоел рај каде што луѓето живееле 800 – 900 години, дека на училиште тргнувале со наполнети 20 години, дека се женеле по навршената стота. Луѓето биле високи над три метри, сите нивни поими биле предимензионирани, преувеличени. Сѐ било трипати поголемо, повисоко, потешко и поуспешно од нормалното на земјата. Зрното грозје било големо колку портокал, јаболкото имало големина на глава, влакното било ортома, пердувот тежел колку цел петел.
Не мора да се биде верник, за да се верува што пишува во Светото писмо. А во него пишува дека Бог, откако за шест дена го создал светот, и откако седмиот отпочинал од уморот, насадил рај во Едем, на исток, каде што израснале од земјата секакви дрвја, убави за гледање и со плодови добри за јадење. Таму ги населил сите птици небески и сите полски и водни животни. Во таа рајска градина ги создал првиот човек со име Адам и првата жена Ева. Притоа му дал заповед од секое дрво на градината да може да јаде, освен од Дрвото за познавање на доброто и злото, кое растело до Дрвото на животот. Плодот, наводно, бил јаболко, од кое каснале Адам и Ева, со што го направиле првиот грев. Потоа Бог ги избркал затоа што не го послушале. И штом Адам (човекот) се доближил до бога, веќе знаел да разликува што е добро, што е зло, што е вистина, а што лага.
Според народните верувања, Свети Петар ги држи клучевите од рајот. Едно од вечните прашања е кој оди во него. Верата вели дека во него одат само добрите луѓе и праведниците. Но проблемот е што постојат различни мислења што значи да си добар и праведен. Не се народни верувања, но не се без основа и мислењата дека човек е во рајот ако има добро здравје, брак, семејство, работа, пари и животна среќа.
Среќна ви Нова година, почитувани читатели.