Италијанскиот весник „Ил темпо“, повикувајќи се на предупредување од италијанските разузнавачки служби, неодамна пишуваше дека на територијата на Балканот во моментов дејствуваат 20 џихадистички ќелии, чија главна цел е организирање терористички напади низ Европа. А токму Балканот, кој ЕУ со децении го држи на маргините од европските трендови и надвор од евроинтегративните процеси, се покажа како погодна почва за формирање ќелии во кои се регрутираат борци што се бореа во редовите на ИСИЛ, во Сирија, во Ирак, а сега и во Газа, кои се целосно задоени со радикални идеологии, прокламираат милитантен пристап и практикуваат терористички методи за реализација на своите идеологии. Токму тие луѓе се потенцијална опасност за безбедноста во секој момент
Во време кога растат тензиите на Блискиот Исток и ситуацијата е доведена до точка на вриење што може да резултира со глобален конфликт, масовно се „будат и мобилизираат“ терористичките ќелии низ светот, кои токму во ваквите турбулентни безбедносни моменти, според „повикот на соодветниот центар што ја согледал својата шанса“, се активираат и „деконзервираат“ за да ја исполнат својата радикално-милитантна мисија.
Внимателно, претпазливо и на штрек
Ова во последно време станува забележително на европска почва, при што сè повеќе европски земји се наоѓаат на удар на терористички закани и мораат да ангажираат значително поголеми безбедносни капацитети за да спречат евентуална ескалација. Многу европски аеродроми последниот месец се цел на терористички закани, во поголемите европски центри има масовни протести, така што полека се создава поволен амбиент за потенцијални терористички акции, кои лесно можат да ја втурнат Европа во војна од која тешко ќе излезе.
Суспендирањето на шенгенот меѓу Италија и Словенија, како и меѓу Словенија и Хрватска, говори дека опасноста од терористички акции расте и безбедносните служби преземаат сериозни мерки да превенираат инфилтрирање на терористите на своја територија, така што ќе контролираат кој влегува на нивна територија.
За многумина крајно радикално звучеше и отворениот повик до Словенците да се вооружат за да се заштитат, упатен од страна на поранешниот словенечки премиер Јанез Јанша, но оперативните сознанија на европските безбедносни служби говорат дека постои сериозен ризик од терористички напади по ескалацијата на судирите на Блискиот Исток и не се исклучуваат напади и врз цивилни цели.
Токму Балканот, кој Европа со децении го држи надвор од евроинтегративните процеси, се покажа како погодна почва за формирање ќелии во кои се регрутираат борци што се бореа во редовите на ИСИЛ, во Сирија, во Ирак, а сега и во Газа, кои се целосно задоени со радикални идеологии и ги прокламираат терористичките организации. Тие луѓе се потенцијална опасност за безбедноста во секој момент.
Европа им е главната цел?
Италијанскиот весник „Ил темпо“, повикувајќи се на предупредување од италијанските разузнавачки служби, неодамна пишуваше дека на територијата на Балканот во моментов дејствуваат 20 џихадистички ќелии, чија главна цел е организирање терористички напади низ Европа. Повеќето од овие групи, како што наведува весникот, се на територијата на Косово, Албанија и Босна и Херцеговина, но постојат и во Црна Гора, Србија и во Македонија. Тие претставуваат, како што се тврди, „инкубатор на безбедносни закани“ за цела Европа.
За разлика од повеќето европски земји, кои им го одзедоа државјанството на своите граѓани што отидоа да се борат во Сирија и Ирак во редовите на ИСИЛ, Македонија, Албанија, Косово и БиХ не се решија на таков чекор, туку започнаа со процес на репатријација, односно на враќање на овие луѓе во системот. Сепак, дел од овие борци и натаму се под постојано влијание на ќелиите, кои продолжуваат да ги индоктринираат со идеологијата на ИСИЛ, така што со избувнувањето на конфликтите во Украина и на Блискиот Исток, овие ќелии, како што констатираат и италијанските разузнавачки служби, стануваат сериозни организациски центри за потенцијални терористички напади низ Европа.
Овие ќелии се состојат од околу 500 повратници од ИСИС, од боиштата во Сирија и Ирак, но постојано се регрутираат нови, дури и меѓу мигрантите што ја минуваат балканската маршрута кон Западна Европа. Меѓу нив се издвојуваат таканаречените „балкански лавови“, мрежа чија задача е да ги зајакне „периферните зглобови“ на движењето и да иницира нови терористички акции во Европа, пишува „Ил темпо“.
Ги има и треба будно да се следат активностите на сите ќелии за кои се знае, во Санџак, Албанија, Косово, БиХ, Црна Гора, но и во Македонија
Познавачите на состојбите во делот на борбата против тероризмот сметаат дека денеска многу лесно оди индоктринацијата на млади луѓе да извршат напади во Европа и дека од тие причини сите служби треба да бидат постојано будни, без оглед дали нивната земја може да биде цел на таков напад или, пак, е само место каде што постојат ќелии во кои се регрутираат борци и се шири деструктивна идеологија.
– Лесно е да се најдат жртви меѓу муслиманите бидејќи живеат во сиромаштија и го обвинуваат Западот за таквиот живот. Во последните седум години пристигнаа три милиони муслимани, од нив 20 илјади се дел од заспаните ќелии на ИСИЛ. Нивниот екстремизам сега сè повеќе се засилува, особено по војната во Израел и страдањето на палестинските цивили – вели Марко Ницовиќ, член на светската асоцијација на шефови на полиции.
Според него, нашиот регион не смее да остане лежерен во врска со алармите што пристигнуваат од италијанските разузнавачи, туку треба будно да се следат активностите на сите ќелии за кои се знае како во Санџак, така и во Албанија, Косово, БиХ, Црна Гора, но и во Македонија.
– Постои една ќелија на Ал каеда што и натаму е активна во Албанија. Исто така, муслимански екстремисти има и во Косово, Македонија, Црна Гора, БиХ и во Санџак. Проблемот е што е многу тешко да се одбраниш од тероризам. За жал, секој може да купи нож и да убие тројца луѓе. Се работи за судир на цивилизациите – констатира Ницовиќ.
Тој, сепак, смета дека фокусот на екстремистите би биле европските центри, а не земјите во кои се наоѓаат ќелиите.
– Покрај големиот број мигранти, во Европа се роди и „третата генерација муслимани“. Без оглед на тоа, тие и натаму не се адаптираа на животот во Европа. Живеат изолирани во сиромаштија како во енклави, особено во Белгија и во Франција. Сличен проблем сега има и Германија, во која влегоа 1,2 милион муслимани од северна Африка, Пакистан, Сирија… Сите тие ги гледаат западните земји како непријатели одговорни за тоа што живеат во сиромаштија. Од тие причини им е лесно да се жртвуваат – објаснува Ницовиќ.
И самиот директор на американското ФБИ, Кристофер Вреј, минатиот петок на состанокот на светската асоцијација на шефови на полиции што се одржа во Сан Диего предупреди дека очекува повеќе терористички напади од страна на муслиманите на американска почва.
Безбедносно-разузнавачките служби е неопходно поотворено и подинамично да разменуваат информации
Владе Радуловиќ од Центарот за геостратегиски истражувања и тероризам вели дека ваквите ќелии именувани како „балкански лавови“, за кои пишува италијанскиот весник „Ил темпо“, се мошне конспиративни и често немаат многу членови, од пет до осум луѓе.
– Најчесто овие единици немаат никаква меѓусебна комуникација, туку секоја ги координира активностите само со претпоставените. Причините за тоа се да не ги откријат разузнавачките служби и да ги спречат во намерите – појаснува Радуловиќ.
Според неговите зборови, постои оска на потенцијални терористи на Западен Балкан на која треба да се обрне внимание.
– Таа оска се протега од БиХ, преку Санџак, кој ги опфаќа Рашка и дел од Црна Гора, кон Косово и Метохија, со краци кон Македонија и Албанија. Според податоците на одредени служби, вехабии постојат и меѓу Ромите и Ашкалите дури и во Белград, Смедерево, Нови Сад, Крушевац и други српски градови – истакнува Радуловиќ.
Тој уште додава дека радикалниот исламизам ги користи малите и сиромашни заедници за да ја развие својата идеологија.
Ставот и на дел од домашните експерти во делот на борбата со тероризмот е дека предупредувањата на италијанските разузнавачки служби треба да се сфатат сериозно и овдешните служби будно да ги следат состојбите на терен.
– Македонија е членка на НАТО, како и на други европски безбедносни структури, пред сè полициски, така што размената на разузнавачки информации мора да се одвива континуирано. Нашите служби знаат за овие ќелии, соработуваат и со безбедносните служби од регионот, така што сите оперативни сознанија мора да ги споделуваат со партнерите во НАТО и во Европол бидејќи целта на исламските радикалисти се европските центри, бидејќи на тој начин го свртуваат вниманието на светската јавност. Затоа е клучно да се добијат навремени информации за да се спречат напад и човечки жртви, без оглед што тој напад би бил некаде подалеку. За жал, она што сега се случува на Блискиот Исток е само иницијална каписла за многубројните ќелии уште посилно да ги организираат луѓето во Европа да предизвикаат напади и да сеат страв и паника наоколу – заклучуваат соговорниците.