Почнува 15-от самит на земјите-членки на БРИКС
Јужна Африка од денеска до 24 август ќе биде домаќин на групата БРИКС на големите економии во развој – Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, која во градскиот конгресен центар „Сендтон“ во Јоханесбург ќе го одржи својот 15-ти самит на шефови на држави и влади, откако земјата го презеде едногодишното ротирачко претседавање со групата БРИКС во јануари.
Според најавите, се очекува најмалку 40 шефа на држави и влади да им се придружат на јужноафриканскиот претседател Кирил Рамафоса, кинескиот претседател Си Џинпинг, премиерот на Индија, Нарендра Моди, и на бразилскиот претседател Луис Игнасио Лула да Силва. На самитот нема да присуствува рускиот претседател Владимир Путин поради можно апсење од страна на Меѓународниот кривичен суд за наводни воени злосторства, па на негово место доаѓа рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Покани за учество на самитот биле упатени и до 67 лидери низ Африка, Латинска Америка, Азија и Карибите. Поканети се и 20 достоинственици, вклучувајќи го и генералниот секретар на Обединетите нации, претседателот на комисијата на Африканската унија и претседателот на Новата развојна банка. Се очекува да присуствуваат и повеќе деловни лидери.
– Кога станува збор за еднаквост на глобалната моќ, Африка и глобалниот југ сè уште се аутсајдери. Таканаречениот западен либерален поредок што беше создаден по Втората светска војна не сака да направи простор за нови играчи – вели јужноафриканскиот амбасадор на БРИКС, Анил Сукал.
„Блумберг“ наведе пет работи за кои ќе се зборува во следните два дена на лидерскиот самит во „Сандтон“, деловен центар во богатите северни предградија на Јоханесбург.
1. Проширување
Можеби најважното и најконтроверзно прашање за кое се очекува лидерите да разговараат е проширувањето на БРИКС со додавање нови членови, вклучувајќи ги критериумите за прием и водечките принципи.
Но, поделбите меѓу актуелните членки на БРИКС околу критериумите за прием на нови членки може да оневозможат какви било големи најави на самитот, бидејќи блокот одлучува со консензус.
Кина, која сака да ја зајакне својата геополитичка моќ во време на тензии со САД, е главен двигател на експанзијата. Русија исто така го прифаќа проширувањето како начин за надминување на изолацијата поради војната во Украина, а Индија полека почнува да омекнува кон оваа идеја за поголем број членки во блокот. Засега единствено Бразил е најскептичен кон проширувањето.
Јужна Африка, најмалата во блокот во однос на економското влијание и населението, беше првата земја што имаше полза од своите амбиции за проширување кога официјално присуствуваше на првичниот самит на членките на БРИКС во 2011 година.
Групата беше формирана во 2009 година. Јужна Африка се приклучи една година подоцна, а сега има 23 други земји што официјално се подготвуваат да му се приклучат на блокот, вклучувајќи ги Индонезија, Саудиска Арабија и Египет.
Овие земји сега треба да договорат правила и критериуми за прием.
2. Заедничка валута
Блокот ќе ја оживее идејата за намалување на доминацијата на доларот во плаќањата, што беше дискутирано на претходните самити. Дебатата повторно се разгоре откако американските каматни стапки се зголемија и санкциите против Русија поради, како што ја ословува официјална Москва, специјалната воена операција во Украина, ги зголемија цените на стоките во долари.
Предлозите што треба да се разгледаат вклучуваат зголемување на употребата на националните валути за трговија и воспоставување заеднички платен систем. Целта за создавање заедничка валута се гледа како долгорочен проект.
Неколку членки на БРИКС веќе почнаа да ги решаваат билатералните трговски договори во локални валути. Индија има договор со Малезија за зголемување на употребата на рупијата во прекуграничните трансакции. Бразил и Кина претходно оваа година постигнаа договор за решавање на трговијата во нивните локални валути, а Индија и Русија пристапија кон Јужна Африка за поврзување на плаќањата во нивните сопствени валути.
3. Нова развојна банка
Трговијата меѓу членките на БРИКС порасна за 56 отсто, на 422 милијарди долари во изминатите пет години, а нивниот комбиниран номинален бруто-домашен производ од 25,9 трилиони долари е еднаков на 25,7 отсто од глобалното производство, покажуваат податоците на Високата школа за економија во Москва.
– Новата развојна банка (НБД), која ќе биде канал за такви трансакции, процени дека најмалку една третина од заемите ќе бидат во локални валути до 2026 година – рече Суклал.
Претседателката на Новата банка за развој, Дилма Русеф, на состанокот ќе ги презентира најновите информации за плановите за диверзификација на изворите на финансирање. НДБ, формирана како алтернатива на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка во 2015 година, се соочува со пречки поради санкциите на Западот против Русија – основачка членка на БРИКС.
– Исто така, постои желба да се прошири „кошничката за задолжување“ на банката и неколку земји од Блискиот Исток и на други места во Азија се заинтересирани да придонесат капитал во НДБ – рече Суклал.
Тој додаде дека 12 земји сакаат да станат полноправни членки.
4. Украина
На дневен ред ќе биде ситуацијата во Украина. Земјите од БРИКС главно се држат заедно, а само Бразил гласаше за резолуцијата на Обединетите нации во февруари што повикува на прекин на конфликтот и бара од Русија да се повлече. Кина, Индија и Јужна Африка беа воздржани.
5. Безбедност на храната
Зголемувањето на цените на храната погодува милијарди најсиромашни, па безбедноста на храната ќе биде на агендата на самитот.
Индија, која сочинува 40 отсто од светската трговија со ориз, ги зголеми извозните граници за да го заштити својот локален пазар. Русија се повлече од договорот за житото бидејќи не беа исполнети меѓународните гаранции дадени на Москва. Двете земји ветија дека ќе помогнат житото и оризот да стигнат до оние на кои им е најпотребно. Р.Н.М.