Ивица Боцевски

„Дипломатски бележник“

Ќе се отелотвори ли „духот од Бандунг“ во проширениот БРИКС? Оваа седмица вниманието на сите дипломатски служби ќе биде фокусирано во Јоханесбург, каде што по три години конечно повторно се среќаваат лидерите на земјите–членки на БРИКС. Петнаесеттиот самит на овој глобален форум треба да ја донесе и историската одлука за проширување со нови земји од Африка, Азија и од Америка, развој на настаните што е целосно спротивен на злокобните предвидувања за скорешниот крај на БРИКС, инаку редовна тема во западниот печат.
Нашите дипломати од југословенскиот период низ магла ќе се присетат на „духот на Бандунг“. Во овој индонезиски град, во 1955 година, ќе се одржи конференција на новоослободените африкански, азиски и африкански држави, каде што по првпат глобалниот југ ќе се обиде да го исцрта својот меѓународен идентитет. Оваа средба ќе заврши со прочуената „Декларација за унапредување на светскиот мир и соработка“, која од десет точки повика на рамноправност во меѓународните односи, почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет, воздржување од интервенционизам од секој вид, натамошна деколонизација, глобално разоружување и нагласена економска соработка помеѓу земјите од тогаш породениот трет свет. Бандуншката конференција ќе добие свое продолжение во Каиро за да кулминира со белградската конференција од 1961 година кога ќе се создаде Движењето на неврзаните.
За жал, „духот од Бандунг“ остана само стремеж на херојските лидери од Третиот Свет, од генерацијата што ја водеше борбата против фашизмот во Втората светска војна, а потоа и битките за деколонизација на своите народи. Меѓународниот поредок немаше никакво разбирање за потребите на новите нации, па фокусот си остана на блоковската тензија на тогашниот биполарен свет, а потоа и на илузиите за „крајот на историјата“ при униполарниот момент на САД.
Што ги спојува земјите–членки на БРИКС? Ретко може да се најде форум каде што се среќаваат толку разнородни земји, па оттаму произлегуваат и апокалиптичните предвидувања за неодржливоста на БРИКС. Овие земји се распрскани низ Земјината топка, немаат интегрирани економии, а ни развиени синџири за снабдување, политичките разлики им се незамисливи, културолошките противречности уште поизразени, па навистина е логично прашањето каде се среќаваат. Сепак, точката на спојување на БРИКС е барањето за преобмислување на глобалната економска архитектура и реформа на меѓународните финансиски институции. На почетокот тие бараат зголемување на нивните удели во управувањето со Светската банка и со ММФ, но кога овие предлози останаа и натаму игнорирани, тие тргнаа кон создавање алтернативна глобална архитектура, отелотворена во Новата развојна банка (нагалено БРИКС-банка), со која сега раководи поранешната бразилска претседателка Дилма Русеф.

Во изминативе 15 години, БРИКС еволуира во соработката, па покрај грижливо подготвуваните лидерски самити, земјата–претседавач има напорна агенда од над стотина средби на разни нивоа, па некои амбициозни поддржувачи веќе зборуваат и за аквис на БРИКС, повикувајќи се на веќе прочуената збирка со законодавство на ЕУ. Многуслојната соработка на овој форум одамна завлезе и во најчувствителните подрачја, преку редовните годишни средби на советниците за национална безбедност на петте лидери.
Клучна тема на дискусија на лидерите на БРИКС ќе биде проширувањето на форумот. Според неофицијални извори од јужноафриканската дипломатија, над 40 земји изразиле интерес за влез во БРИКС, а биле добиени и формални барања за членство. Ќе биде интересно да се види дали лидерите во Јоханесбург ќе дојдат до второ проширување на иницијативата (првото беше во 2010 година кога БРИК стана БРИКС со влезот на актуелниот претседавач Јужна Африка) или само ќе бидат утврдени критериумите за проширување. Според гласините, Бразил и Индија се најпретпазливи и најскептични околу потребата за проширување, а и Јужна Африка не би сакала БРИКС да се зголеми со членки што би го продлабочиле јазот помеѓу форумот и земјите од првиот свет (пред сè САД и ЕУ). Влезот на Индонезија, Саудиска Арабија, Египет, Аргентина и некои други економски и политички џинови од Третиот Свет би го преобразил БРИКС во организација каде што членуваат држави што претставуваат над половина од светската економија, население, трговија и финансиски текови. Со други зборови, „духот од Бандунг“ конечно ќе се отелотвори.

Покрај тоа, ќе се следи и точката во заедничкото коминике каде што земјите од БРИКС ќе зборуваат за условите под кои ќе се одвива нивната трговска размена. Најавите за формирање алтернативна БРИКС–валута, секако дека се претерани, но најверојатно тие ќе повикаат на напуштање на доларот во нивната меѓусебна размена. Западниот економски и финансиски одговор на руската инвазија врз Украина, во форма на замрзнување на руските девизни резерви и злато во земјите од НАТО и ним најблиските сојузници, како и исклучувањето на Русија од СВИФТ-системот, предизвика итна потреба од алтернативни механизми во размената помеѓу земјите од Третиот Свет. Повеќето од нив се загрижени од влезот на агендата на „разбуденост“ (woke) во дипломатијата и во општествата на Западот, па не би сакале да завршат со санкции поради културните разлики со актуелната доминантна идеологија во САД и ЕУ. Таканаречената „дедоларизација“ во глобалната трговија е, исто така, точка на консензус на земјите–членки на БРИКС.
Трета значајна тема се кинеско–индиските односи. Уште не е потврдено дали ќе дојде до средба на маргините помеѓу претседателот Си и премиерот Моди. Внатрешната динамика во БРИКС и самата меѓународна политичка тежина на овој глобален форум најмногу зависи од танцот на змејот и тигарот. Постојат најави дека двете дипломатии работат на можен пробив во заемните односи, но засега единствено е извесно дека Моди од Јоханесбург лета за Атина, а Си ќе биде копретседавач на кинеско–африканскиот дијалог, со домаќинот Сирил Рамфоса. Сепак, и Индија и Кина сметаат дека БРИКС е значаен симбол за „остатокот од светот“ (повторно „духот од Бандунг“) и вложуваат сериозна дипломатска енергија во неговото одржување.

За жал, македонската дипломатија нема своја БРИКС-димензија. Овој пат, како и секоја петта година сме и дополнително инвалидизирани поради отсуството на македонска амбасада во Преторија, еден од десетте најголеми глобални дипломатски центри. Покрај тоа, иако навидум директоратот за воневропски земји формално ја следи темата БРИКС, во пракса нема ништо во архивите на МНР, освен една плитка и бајата анализа на некогашниот внатрешен геостратегиски институт на македонската дипломатија. Редно време е да се разбудиме од илузиите и да увидиме дека секоја држава најсебично ја води сопствената надворешна политика и секоја од нив има и своја БРИКС-димензија. Следниот понеделник сите дипломати во Преторија ќе се нацртаат во јужноафриканското МНР за да побараат брифинг за самитот и за да ги информираат своите главни градови што се случувало во Јоханесбург. Поорганизираните дипломатии ќе побараат и нивните амбасади во Преторија да се видат со сите колеги од БРИКС, а и да побараат брифинг и во Пекинг, Москва, Бразилија и во Њу Делхи. Покрај вечно интересните сочни гласини за вистинските и измислените скандали, интимни детали и слично, секако дека секоја дипломатија ќе си го пронајде и својот економски и политички интерес од БРИКС-самитот. Македонија, впрочем, има и дипломати што се специјализирале за соработка со Третиот Свет, а имала и што да им понуди на своите некогашни партнери во економската и техничката соработка преку некогашната југословенска дипломатија.
Петнаесеттиот самит на БРИКС, секако, е вододелница. Светот од 2023 година е далеку поинаков од светот во 1989 година или на светот од 1945 година. БРИКС станува сериозен соперник, но и уште посериозен партнер на западниот свет. Македонија својот геополитички идентитет одамна консензуално го врза со Европската Унија и со НАТО, но ништо не ја спречува да го следи подемот на Третиот Свет, а и да си го пронајде својот економски интерес во соработка со надоаѓачките светски економски сили. Светот уште долго нема да наликува на сништата на лидерите што го изнедрија „духот од Бандунг“, но секако дека самитот на БРИКС во Јоханесбург ќе биде еден од меѓниците на светот на утрешнината.

Ивица Боцевски