Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС, во рамките на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, го промовираа Речникот на медиумската писменост. Ова лексикографско издание е прв сериозен обид за систематизирање на термините што се појавија во дигиталната ера и новите начини на комуникација, со развојот на медиумите и со појавата на нови алатки и активности во онлајн сферата.
– Целта на креирањето на оваа онлајн публикација е да се пополни празнината со која со години се соочуваат медиумските професионалци, јазичарите, комуниколозите, наставниците, но и сите корисници на медиумите. Затоа го создадовме овој речник, кој има две главни карактеристики: интердисциплинарност и обид да се држи чекор со развојот на новите технологии – рече Александра Теменугова од Институтот за комуникациски студии, кој го координираше создавањето на публикацијата.
Михајло Лахтов, директорот на проектот за УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ со кој медиумската писменост стана дел од формалното образование, рече дека овој ресурс ќе служи како примарна јазична база за сите едукатори, наставници во основното, средното и високото образование, за новинарите, медиумите, учениците и студентите, родителите.
Емил Ниами, главниот редактор на Речникот, објасни дека тој содржи толкување на повеќе од 700 поими од областа на медиумската писменост, комуникологијата, новинарството, лингвистиката, филозофијата, антропологијата, правото, економијата итн. Достапен e како онлајн публикација на македонски и на албански јазик, а за секој термин е дадена и неговата англиска варијанта. Кај поголемиот број термини дадена е и дополнителна информација за нив (историски факти, функционални информации, фреквенција на употреба, стилски карактеристики итн.), со цел корисникот да добие целосна претстава за самиот термин. Со оглед на тоа што станува збор за специфична интердисциплинарна материја, во неговото креирање учествуваа 15 докажани теоретичари и практичари од различни области и образовни институции.
– Идејата е оваа публикација да се ажурира и да се збогатува со нови поими и во иднина. Денешната промоција е само почеток на еден сеопфатен и подолготраен процес – изјави Ниами.
Симона Груевска-Маџоска, редакторка на Речникот и професорка на Институтот за македонски јазик, истакна дека оваа публикација е од огромно значење за домашната лексикографија.
– Се обидовме да го исцрпиме што повеќе постојниот лексикографски корпус, но и да го осовремениме земајќи ги предвид околностите коишто ги диктираат современите комуникациски и лингвистички процеси – рече Груевска-Маџоска.
Институтот за комуникациски студии го координираше речиси едногодишниот процес на креирање на Речникот за медиумска писменост во рамките на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, кој го спроведува ИРЕКС во партнерство со Институтот за комуникациски студии, Македонскиот институт за медиуми и со Младинскиот образовен форум. Р.Н.М.