Во изминатиов период повторно можеше да се забележат растечкиот тренд и континуираниот притисок на бугарската држава за асимилација на македонското малцинство во Албанија. Овие активности особено се засилија по донесувањето на Законот за заштита на правата на малцинствата во Република Албанија од страна на албанските пратеници. Во законот беше нотирано постоењето на осум национални малцинства во Албанија, односно Грци, Македонци, Власи, Срби, Црногорци, Бошњаци, Роми и Египќани. Под притисок на Софија и можноста за вето за започнување на преговорите на Албанија со Европската Унија, албанските власти извршија промена и го вметнаа и бугарското малцинство. Сега врз основа на овој закон, бугарската држава преку своите дипломатски претставништва презема контроверзни дејанија што имаат цел да го претстават македонското малцинство како бугарско и долгорочно да се асимилираат Македонците во Албанија.
Последен ваков пример е активноста на бугарската амбасада во Тирана во селата Туминец, Долна Горица, Шулин и Леска во областа на Мала Преспа. Според информациите на бугарското министерство за надворешни работи, претставниците на бугарската амбасада, во придружба на Димитри Никола, претседателот на Друштвото за бугарско-албанско пријателство – Корча, посетиле повеќе од десетина училници во руралните училишта во споменатите населени места со Македонци. Во соопштението на бугарското министерство за надворешни работи исто така се вели дека по лична иницијатива на персоналот на амбасадата во Тирана биле набавени тетратки, пенкала, комплети за цртање, маркери за таблите, како и сложувалки со бугарски народни приказни за учениците, а како повод за целиот настан послужил бугарскиот национален празник Ден на будителите. Се посочува и дека реновирањето на споменатите училишта во Мала Преспа било со помош на амбасадата во рамките на програмата за поддршка на бугарските заедници во странство.
Досегашните вакви активности неколкупати беа осудени од страна на претставниците на македонското малцинство во Албанија. Со своја реакција за слични активности излезе и Васил Стерјовски од македонската партија во Албанија. Тој за овие активности истакна дека Бугарија денес врши агресија, не избира средства, со цел асимилација на Македонците во Албанија. Според Васил Стерјовски, по наводното „признавање“ на бугарско малцинство, започнала интензивна кампања на Софија за негација и асимилација на македонското малцинство во Албанија.
– Македонците во Албанија немаат интерес да го изучуваат бугарскиот јазик, затоа што нивен мајчин јазик е македонскиот јазик, затоа што тие пред сѐ се албански државјани, тие се Македонци по потекло. Апелираме до албанската влада и надлежните министерства и органи, но и до меѓународната заедница во нашата земја, да реагираат на овие активности на бугарскиот амбасадор и на официјална Софија, поради прекршување на принципите на Виенската конвенција за дипломатски односи и грубо мешање во внатрешните работи на Република Албанија – нагласи Васил Стерјовски за претходните слични активности на Софија и нејзините дипломатски претставништва.
За последниот скандал што е поврзан со активностите на бугарската амбасада во Мала Преспа, до затворањето на денешното издание на весникот сѐ уште немаше реакција од претставниците на македонското малцинство, вклучувајќи и од македонската политичка партија, кои најавија реакција во наредните денови. Д.Ст.