Содејство на руски и украински војник за обезбедување на нуклеарната централа „Чернобил“

Годинава одбележувањето на големиот христијански празник Прочка доаѓа во ек на најголемата воена криза и братоубиствена војна меѓу Русија и Украина, која со себе носи опасни ризици и последици врз целиот свет.
Но моќта и суштината на овој празник се да помирува во тешки времиња, да сплотува, да испраќа силна порака дека за секоја грешка има покајание и прошка. Ќе стигне ли таа порака и до оние што треба први да ја слушнат во интерес на иднината и за доброто на човештвото

Подобро прошка отколку прокси

Православните христијани, оние што се раководат по јулијанскиот календар, в недела го прославуваат големиот верски празник Прочка, духовен празник наменет за простување на гревовите, длабока христијанска димензија што допира до секое човечко битие и му овозможува да погледне длабоко самокритички во себе и да ги увиди своите грешки, но истовремено да побара прошка од оној кому нешто му згрешил.
Ако минатата година овој празник се затекна во екот на пандемијата на ковид-19 и верниците во најголем дел беа затворени во своите домови, барајќи прошка од најблиските преку социјалните мрежи, оваа година Прочка доаѓа во време на олабавени пандемиски мерки, но во период на најголема светска воена криза по Втората светска војна. Во 21 век, на тлото на Европа се води голема конвенционална војна меѓу две, за многумина, братски христијански земји, Русија и Украина, војна во која простувањето е заменето со меѓусебно убивање, разорување, бегалски егзодус, очај…
Рефлексиите од овој крвав конфликт допираат секаде низ светот, вклучувајќи ја и Македонија, а луѓето сè почесто забораваат на основната христијанска доблест, да се побара прошка и да се простува и во тој дух сплотено да се повикува кон запирање на насилствата.
Суштината и силата на овој празник се токму да се надминат тие поделби, сите меѓусебно да си погледнат во очи, да побараат прошка и да простат, искрено и длабоко.

Политичарите и нивната одговорност

И годинава овој голем празник го затекнува македонското општество уште повеќе поделено и раскарано, што, несомнено, е резултат на еден подолг процес што се одвива со децении, а за што одговорноста лежи исклучиво кај политичарите, кои наметнаа еден начин на однесување што не подразбира признавање на грешките и барање прошка од народот. Тоа доведе до поларизација меѓу оние што се за оваа или за онаа партија, беспоговорно прифаќајќи ги нивните политики, дури и кога знаеја дека тие не се најдобри и се погрешни. Со таквиот однос беше посеано семето на раздорот и поделбите во македонското општество.
Низ годините се случија многу грешки и несреќи во оваа држава, политичарите грешеа, а граѓаните беа тие што ги трпеа и сѐ уште ги трпат последиците на гревовите што некој друг ги прави во нивно име. Но дури и тогаш овој народ е способен да прости, зашто опстојал со векови благодарение на неговата посветеност кон христијанските вредности и доблести, меѓу кои највисока е таа да се простува.
Истиот тој македонски народ ги простувал во минатото многуте гревови направени кон него, ги простува и денес, иако „грешниците“ никогаш не се покајале и не побарале прошка. Грција, на пример, 30 години ја спречуваше евроинтеграцијата на земјава, за на крајот да посегне по нејзиното вековно име, Македонија. Тоа сега го прави и Бугарија, посегнувајќи по идентитетот и јазикот на овој народ, за кој велат дека им бил братски. Ќе побараат ли прошка нашите соседи од македонските граѓани на нивниот однос кон Македонија.
Неодамна холандскиот премиер Марк Руте ѝ се извини и побара простување од Индонезија, бидејќи холандската војска пред 70 години користела системско насилство, вклучувајќи и врз цивили, за време на индонезиската војна.
Би било доблесно и христијански, во духот на Прочка, тоа сега да го сторат и грчките и бугарските власти и да побараат прошка од Македонија за злоделата направени врз македонскиот народ, првите за егзодусот на стотици илјади Македонци од родните огништа во егејскиот дел на Македонија, вторите за злосторствата направени за време на Втората светска војна, но и за бесмислените блокади и уцени со кои три децении спречуваат еден цел народ да зачекори кон некоја подобра европска иднина. Прошка треба да побара и самата Европа, која системски ја опструира земјава од нејзината самостојност до денес. Со тоа ќе покажат дека духот на христијанството е жив. Кога веќе не функционира меѓународното право, како што е замислено и поставено, барем да профункционира човечноста како универзално право.

Враќање кон христијанските вредности

Ова што сега се случува во Украина, но и тука во земјава, е аларм дека човештвото треба да се врати кон оние стари вредности што повикуваат на разум, но и на признавање на грешките и барање прошка. Истовремено, она што се случува во Украина е доказ дека и меѓу тие луѓе постојат човечност и христијанска солидарност. Украински и руски војници заеднички ја чуваат нуклеарната централа „Чернобил“ како закана по безбедноста на целото човештво, на дел од боиштата војниците од двете страни го оставаат оружјето и братски си подаваат рака, па дури и украинските и руските делегации што деновиве преговараат за прекин на непријателствата, на последната средба срамежливо се ракуваа, што е првиот чекор што води кон помирување.
Тоа е моќта на Прочка, да помирува во тешки времиња кога се чини дека мирот е недостижен, да сплотува, да испраќа силна порака дека секој може да згреши, но и дека за секоја грешка има покајание и прошка. Ниту еден народ не е закрвен меѓу себе за да војува, туку тоа го прават поединци. Затоа за обичните луѓе простувањето било и ќе остане симбол на длабока христијанска вера и воопшто на една човечка димензија во сите нас. Можеби Прочка е вистинскиот момент кога сите треба да го положат оружјето и да си простат.
Владиката Тимотеј при Македонската православна црква-Охридска архиепископија се согласува дека овој голем христијански празник треба да води кон меѓусебно помирување и дека секој од нас длабоко во себе го носи тоа индивидуалното чувство да побара прошка и да прости.
– Барањето прошка и простувањето се индивидуален чин, не може да се генерализира. Има луѓе што тоа го примаат сериозно, има луѓе што тоа го прават формално, има луѓе што воопшто не му даваат значење на сето тоа. Тоа важи и за политичарите во светот и кај нас, тоа е лично чувство, да признаат дека згрешиле и да побараат прошка – вели владиката Тимотеј.
Тој понатаму додава дека човекот мора самиот длабоко во себе да открие и да почувствува кога згрешил и да побара простување.
– Сосила никого не можете да го натерате да бара прошка, ако тој не го чувствува тоа во себе. Со други зборови, се работи за човештина и нечовештина. Имаме и луѓе и нелуѓе во сите структури, во сите животни метежи. Никој не е ангел, но никој не е ниту ѓавол за да не може да се поправи и затоа се даваат тие можности, како што е празникот Прочка, за да може човекот да го коригира своето однесување – појаснува владиката.
Александар Кржаловски, првиот извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, смета дека уште долго време ќе се расправа дали ова што сега се случува на тлото на Европа, но и кај нас, можело да се спречи и дали може да се прости.

– Уште долго откако оружјето во Украина ќе стивне (а се чини дека нема наскоро да се случи тоа), кога конфликтот неминовно ќе заврши со некаков „мировен“ договор и кој на Украинците, секако, нема да им се допаѓа (кому помалку, кому повеќе)… ќе се расправа како се случи ова и зошто се дозволи да се случи, а поретко и – кој го дозволи тоа! И покрај полните усти „европски вредности“, „борби за слобода и демократија“ и слично, ќе остане прашање како Европа (особено ЕУ), „Западот“ и НАТО (сосе нас во него) – не ја спречија военава инвазија на Русија… и зошто – вели Кржаловски.
Коментирајќи го сето ова во некаков македонски контекст и во духот на големиот христијански празник Прочка, тој ја наметнува дилемата дали нашето загубено достоинство било вистинскиот избор и дали треба да им се прости на оние што одлучувале во наше име.
– Веројатно и ние тогаш, по многу години, сè уште ќе се прашуваме дали избравме „мир“ по цена на (загубеното) достоинство(то) или требаше и ние да се бориме докрај и „јуначки да загинеме“ во процесот, но, секако, достоинствено! И дали ќе треба да им простиме на тие што во наше име одлучиле за едното или другото – заклучува Кржаловски.
Несовршеноста на човекот го прави да греши, притоа да е убеден дека постапува исправно. Но неговиот разум му овозможува да проникне длабоко во себе и да ја увиди грешката, да побара прошка и да му биде простено. За тоа никогаш не е доцна. Прочка тоа го носела со векови и ќе продолжи да го носи и во сите времиња идни. Да побараме прошка и да простиме, оти тоа е единствената надеж за човештвото.


Значењето на Прочка

Прочка (Велики поклади) е ден во православното христијанство на меѓусебно простување помеѓу верниците пред почетокот на велигденските пости. Датумот на Прочка се менува во зависност од датумот на Велигден и секогаш е точно на седум недели пред Велигден (најголемиот христијански празник).
Од религиозен аспект, Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвувана љубов кон ближните, која треба да го следи примерот на Исус за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето.
Според традицијата, прошка бара помладиот од постариот со зборовите „прости ми“, а постариот одговара „простено да ти е од мене и од Бога“.