Кој е подготвен да се бори заедно со нас? Не гледам никого. Кој е подготвен да ѝ даде гаранции на Украина за членство во НАТО? Сите се уплашени, гласно повика украинскиот претседател Володимир Зеленски кон членките на НАТО да помогнат во одбраната на Украина…

Зошто Украина остана сама да се справува
со руската воена интервенција?

Воената операција на Русија врз Украина предизвика несомнена лавина од осуди за чинот, како од многубројните западни центри така и од страна на повеќе помали земји во светот. Забележителна е мобилизацијата на геополитичките фактори за изнаоѓање начин Русија да биде казнета токму од тој, не мал дел на светот, за својата постапка. Но рака на срце, некако тие размислувања за санкционирање на Русија се движат повеќе во економско-финансискиот домен, а Украина во моментов се справува со оружен напад. Таквите санкции тешко дека инстант ќе ги прекинат крвопролевањето, страдањата, материјалните штети и воопшто воените трауми.
Во таквиот контекст, украинскиот претседател, Володимир Зеленски, уште на првиот ден на нападот од Русија, упати очајничко-обвинувачки крик до сојузниците.
– Оставени сме сами да ја браниме нашата држава, додека сојузниците гледаат од далеку. Кој е подготвен да се бори заедно со нас? Не гледам никого. Кој е подготвен да ѝ даде гаранции на Украина за членство во НАТО? Сите се уплашени – кажа Зеленски и ги повика источноевропските членки на НАТО да помогнат во одбраната.
– Најмоќните сили во светот гледаат од далеку. Дали вчерашните санкции ја убедија Русија? Слушаме на нашето небо и слушаме во нашата земја дека тоа не е доволно – изјави во ТВ-обраќање украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој информира дека Русија продолжува со ракетните напади врз Украина, но дека нејзините војници се запрени да напредуваат во повеќето правци.
– Целта на овој напад е притисок. Притисок врз вас, драги граѓани. Притисок врз целото наше општество. Нагласувам: не само врз властите туку и врз сите Украинци – рече Зеленски.

Украина можеше да учи од македонското искуство со зачленувањето во НАТО

Повикот за помош на украинскиот претседател, иако можеби предизвика емотивна поддршка во светската јавност, сепак се чини не наидува на конкретен одговор од директно повиканите. Некои светски аналитичари се повикуваат на рационалните аргументи, (со прикриена зачуденост за наивноста на украинскиот претседател) дека Украина сепак не е членка на НАТО и Алијансата не може да го активира членот 5 и со воени сили да интервенира во одбраната на Украина.
– Дури и да беше Украина активна членка на НАТО ќе беше прашање колку време ќе ѝ беше потребно на Алијансата за активирање на членот 5, во смисла на конкретно одбранбен одговор на агресијата, но и со колкави воени сили би била димензионирана помошта со внимателна процена да не предизвика провокација и ескалација на судирот. Агресијата никако не може да се оправда, но државите во меѓународните односи треба внимателно да ги влечат потезите во согласност со својата позиционираност во геополитичката зона на прагматичен интерес. Украинскиот претседател Зеленски требаше да знае, а и беше предупредуван дека неговата земја е во најдиректната зона на рускиот геополитички интерес и дека неговата земја ќе биде оставена на некој начин сама да ја бие битката за ширење на влијанието на НАТО. Во поглед на барањето гаранции за членството на Украина во НАТО, Зеленски можеше многу да научи од македонското искуство со зачленувањето во Алијансата: од долготрајноста на целиот процес, преку опструкциите од другите земји-членки. Дури и да не ескалира руско-украинскиот антагонизам во сегашната воена интервенција и Украина да ги имаше поминато сите процедури за членство во НАТО, многу е веројатно дека Русија ќе најдеше земја-членка во Алијансата што ќе го опструираше нејзиниот прием, како што Грција ѝ правеше на Македонија. Долг е патот до НАТО, а САД може да се закануваат дека ќе ја казнат Русија, но цената ќе ја плаќа Европа. Во таква геополитичка позиционираност, украинскиот претседател не успеа да направи процена за добар баланс меѓу интересите за зоните на влијание на големите центри на моќ и Украина „изгоре“ од близината до линијата на огнот – вели военополитичкиот аналитичар Оливер Андонов, професор на Воената академија во Скопје.
Според Андонов, подобар политички избор за Украина ќе беше наместо инсистирање на членството во НАТО, да се посветеше на зачленувањето во ЕУ (да работеше на искоренување на корупцијата и криминалот во својата држава, како и на владеење на правото), па на тој начин преку договорот Берлин плус (за ЕУ да ја користи инфраструктурата на НАТО во случај на цивилна и воена загрозеност), ќе беше заштитена во ваква ситуација. Согледувањето на актуелната руско-украинска ситуација, на професорот Андонов му укажува дека целта на Русија не е окупација на Украина за да избие на нејзините западни граници (меѓу другото тоа е скапа опција и за самата Русија), туку преку формата – воена операција за заштита на населението остава простор за политички преговори, во кои би издејствувала некаква широка автономија за отцепените области на Украина со големо руско население, но не е исклучена ни опцијата што пред извесно време ја обзнани белорускиот претседател Лукашенко, за некаква конфедерација меѓу Русија, Белорусија и Украина. Ниту во постинтервентната разврска, Украина не би имала некоја голема помош од НАТО и од ЕУ.

Ако сакаа НАТО и ЕУ имаа време да ја примат Украина уште од Портокаловата револуција

Едногласноста на светските анализи е содржана во процените дека главната причина за воената интервенција на Русија врз Украина е запирање на ширењето на НАТО до нејзините граници. Но исто така, ниту НАТО, односно Западот, во анализите не е амнестиран од одговорноста за воената ескалација, во смисла на подгревање на надежите на Украина за нејзино членство во Алијансата, што беше сфатено како провокација од страна на Русија, за во критичниот момент поддршката да се сведе на вербално охрабрување.
– Западот имаше време, ако сакаше да ја интегрира Украина во НАТО и во ЕУ, тоа да го направи уште од 2004 година, кога се случи Портокаловата револуција, па Евромајдан… и во текот на сите политички превирања што ги предизвикуваа таму. Западот имаше и време од осум години да ги убеди украинските власти да ги спроведат договорите од Минск од 2014 и 2015 година… Но наместо конструктивно да дејствуваат во демократизација на украинското општество, од поголем интерес им беше да поддржуваат провокации во смисла на залажување за членство на Украина во НАТО… Украина имаше шанси за развој преку наплата на транзит за гасот на нејзина територија, но сега остана и без тоа, а и без членството во НАТО. Според развојот на настаните, се чини дека по завршување на воената интервенција, Русија ќе настојува во преговорите да издејствува избори во Украина за да добие проруска влада… А западните сили се чини нема да можат да ѝ помогнат многу ни понатаму на Украина – вели Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес.


Ердоган: НАТО требаше да преземе поодлучни чекори

Западот и неговите институции, посебно НАТО, требаше да преземат поодлучни чекори во врска со руско-украинската криза, кажа турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, додавајќи дека на украинскиот претседател Володимир Зеленски му е потребна поконкретна поддршка од советите што ги добива од западните престолнини.
Изјавата Ердоган ја даде неколку часа пред виртуелниот состанок на лидерите на НАТО, на кој требаше да се дискутира за мерките што Алијансата ќе ги преземе во врска со руската инвазија на Украина.
– НАТО требаше да преземе поодлучни чекори. ЕУ и остатокот од Западот не успеаја да покажат одлучен и сериозен став. Тие ѝ даваат многу совети на Украина. Не е можно да се добијат резултати со овие совети – изјави Ердоган за турските новинари.
САД, ЕУ и Велика Британија веќе објавија дека воведуваат санкции против Русија, но Зеленски кажа дека се оставени сами против Русија. Украинскиот претседател го критикуваше Западот дека доцни со понудите за конкретна помош.