Претпазливост, но и поделени мислења и извинување, во однос на украинско-руската политичка криза, можеа да се забележат во изјавите на политичарите од регионот чии држави се членки на НАТО, наспроти изразените ставови за следење на одлуките на Алијансата, во ситуација кога постои загриженост од можен конфликт.
Новата македонска министерка за одбрана Славјанка Петровска во неколку наврати истакна дека Македонија ќе ги следи одлуките на НАТО, што е слично и на ставот што го изнесе бугарскиот премиер Кирил Петков, кој порачаа дека Бугарија за нејзините одбранбени планови ќе одлучува во координација со партнерите во НАТО, одговарајќи на барањето на Русија за безбедносни гаранции од Западот, кое вклучува повлекување на странските трупи и од Бугарија и Романија. Петков нагласи и дека бугарскиот Совет за безбедност ќе го има главниот збор за сериозните безбедносни одлуки.
– Ангажманот на нашата Армија, како и на армиите на сите други земји-членки на НАТО, се дефинира на конференциите за генерирање на сили, кои конкретно за оваа тема се одржуваат под координација на Врховната команда на сојузничките сили на НАТО во Минск. На овие конференции секоја земја-членка става на располагање сили, единици или опрема согласно сопствените можности. Во овој момент, нашата армија како дел од тие структури има обврска и веќе изготвува анализи за можностите за потенцијално наше учество, односно ангажман. Одлуката за евентуално учество е пропишана во која процедура се носи, тука е потребна одлука на Владата. Таквата одлука сè уште не е донесена. Целосно го подржуваме територијалниот суверенитет и интегритет на Украина. Секако, како земја членка на НАТО ја подржуваме и се залагаме за политиката на „отворени врати“ и правото на секоја земја, вклучително и Украина, за самоопределување – кажа Петровска во телевизиските гостувања на „Телма“ и „ТВ24“, додавајќи дека како држава се залагаме за дипломатско решавање на спорот помеѓу Русија и Украина.
На изјавите на Петровска вчера реагираше амбасадата на Руската Федерација во земјава.
– Со изненадување се запознавме со изјавите дадени последниве денови од министерката за одбрана г-ѓа Петровска во врска со „поставувањето на вооружените сили од страна на Руската Федерација што е провокативно и има дестабилизирачко дејствување“ (интервју за ТВ24 од 23 јануари) и „изготвување на анализи за можностите за потенцијално учество“ на Армијата на РСМ во случај на „руската инвазија на Украина“ (интервју за ТВ Телма од 24 јануари). Го обрнуваме вниманието на апсолутно јасните изјави на руското раководство – Русија никогаш никаде не му се заканувала на украинскиот народ и нема намера да презема никакви агресивни дејствија. Со други зборови, нема да извршиме напад, инвазија или да ја погодиме Украина. Во однос на руските трупи – тие се движат низ сопствената територија и имаат целосно право на тоа. Се надеваме дека раководителката на Министерството за одбрана на РСМ ќе ја земе предвид реалната состојба при поставувањето на приоритетите за работата на министерството на чело со неа – се вели меѓудругото во соопштението на руската амбасада.
Во Хрватска, пак, премиерот Андреј Пленковиќ јавно се извини за изјавите на претседателот Зоран Милановиќ, кој претходно порача дека Хрватска ќе ги повлече трупите од НАТО-силите во Источна Европа доколку дојде до ескалација на тензиите помеѓу Русија и Украина. Пленковиќ додаде и дека се вратил контингентот на хрватската војска кој бил стациониран во Полска. А на ставовите на претседателот се спротивстави и хрватскиот министер за одбрана Гордан Грлиќ-Радман. Сепак, треба да се истакне хрватскиот премиер и претседател не се во најдобри односи и дека и претходно имаа има јавни судири.
– Ако дојде до ескалација, ќе го повлечеме и последниот хрватски војник. Хрватска треба да побегне од тоа. Кога е пожар, затворете ја вратата. Ние немаме ништо со тоа, ниту ќе имаме. Тоа го гарантирам – категоричен беше Милановиќ.
Треба да се истакне дека и западните политичари нагласуваат оти се надеваат на дипломатско решение на кризата, додека сите вклучени страни во повеќе наврати ја отфрлија можноста за оружен конфликт. М.Ж.