Во извештајот на МНР за спроведување на Стратегискиот дијалог се вели дека „во делот Одбрана и безбедност беа одржани заеднички обуки и вежби со САД, вклучувајќи и со регионалните сојузници, обезбедена беше американска поддршка за континуиран развој на способностите на Македонија за постигнување на НАТО-целите, како и соработка за јакнење на способностите за киберодбрана“. Сепак, и покрај заедничките обуки и вежби со САД, безбедносните експерти сметаат дека вистинската внатрешна безбедносна закана за Македонија се корупцијата и организираниот криминал
По извештајот на МНР за спроведување на Стратегискиот дијалог со Вашингтон
Петнаесет години од документот за Стратегиско партнерство со САД и нешто повеќе од една по почетокот на Стратегискиот дијалог, се чини дека во Македонија е поприсутна дилемата колку се искористени можностите или, пак, уште подобро кажано, привилегиите од ова партнерство и дијалог за реформирање и унапредување на државата на внатрешно-општествен план, како и за меѓународното позиционирање?!
Петнаесет години од Декларацијата за стратегиско партнерство меѓу Македонија и САД
Декларацијата за стратегиско партнерство меѓу Македонија и САД е потпишана во 2008 година, веднаш по дебаклот на самитот на НАТО во Букурешт, кога Македонија доби вето од Грција за пристапување во членство во Алијансата, иако на почетокот на самитот тогашниот американски претседател Џорџ В. Буш го најави приемот на земјава, заедно со Хрватска и Албанија. Поради тогашниот „инцидент“, односно неможноста да си го одржи зборот поради ветото на Грција, долго време се сметаше дека документот за стратегиско партнерство од страна на американскиот претседател Буш е некаква компензација за Македонија. Всушност, договорите за стратегиско партнерство се практика на САД со речиси сите членки на НАТО, а во тој миг на НАТО-дебаклот за Македонија беа доказ за искрената посветеност на САД за поблиска безбедносна соработка со нашата земја.
Минатата година, веќе Македонија како членка на НАТО го започна Стратегискиот дијалог со САД, во кој како клучни области се дефинирани: „Регионални иницијативи“, „Одбрана и безбедност“, „Врски меѓу луѓето“, „Билатерална соработка“, „Добро владеење и владеење на правото“, „Трговија и инвестиции“. Како што беше наведено – целта на Стратегискиот дијалог е преку потесна соработка да се зајакне придонесот на САД во рамките на спроведувањето на домашната реформска агенда, зајакнување на демократскиот напредок и развој на земјава, зголемувањето на нивото на безбедноста, подигнување на животниот стандард на граѓаните, како и остварување на заемните интереси на двете земји од регионален и глобален аспект.
Неодамна, на почетокот на изминатава седмица, на седница на Владата беше презентиран првиот извештај за статусот на имплементацијата и реализацијата на активностите во рамките на Стратегискиот дијалог помеѓу земјава и САД. Во извештајот на Министерството за надворешни работи (кое е координатор на процесот), меѓу другото, се посочува дека „во тек е реализација на проектите од областите Билатерална соработка, Добро владеење и владеење на правото, со посебен акцент на борбата против корупцијата, за што се реализирани многубројни посети од високи претставници на САД“… Тоа беше и непосредниот повод да се консултираме со соговорници интелектуалци, професори, дипломати и аналитичари за мислење во врска со потенцијалот, можностите и искористеноста на капацитетот на волуменот билатерални односи на релацијата Македонија – САД.
Не ги користиме правилно или воопшто не ги користиме можностите на дипломатски план што ни ги нуди тоа партнерство
– САД мислам дека имаат потпишано билатерални стратегиски договори со сите земји членки на НАТО, отворајќи простор за поблиска и подиректна соработка, во заеднички интерес. САД, секако, имаат свој стратегиски интерес за таквите партнерства, но останува на партнерите да ги дефинираат и своите цели и интереси во рамките на шансите што се нудат со тоа партнерство. Актуелниот интерес на САД за Македонија е да влеземе во Европската Унија, да ги достигнеме стандардите на Унијата, што е и наша стратегиска цел. Но во нестандардните услови што ни се поставуваат до постигнување на таа цел, не ги користиме правилно или воопшто не ги користиме можностите на дипломатски план што ни ги нуди тоа партнерство. Тоа е само еден аспект од неискористените можности на стратегиското партнерство со САД. А не ни се искористени ни можностите за развој на економијата, инвестициите, напредните технологии, во образованието и културата. Во областа на владеење на правото, резултатите се мошне контроверзни. И покрај сите декларативни заложби за спречување на корупцијата со помош на истражен експертски тим од САД, во реалноста добивме „ненадејни“ законски решенија со кои практично се амнестира, т.е. драстично се ублажуваат казните за корупцијата и организираниот криминал. За 15 години стратегиско партнерство со САД немаме никаков напредок во однос на визната либерализација за македонските граѓани, што можеби би била некоја највидлива придобивка за нас – вели универзитетскиот професор и поранешен амбасадор Јован Донев.
Привилегиите во финансиска смисла дефинитивно се користат, но отсуствуваат конкретни резултати за реформирање на општеството во доменот на владеењето на правото
Американска амбасадорка во Македонија, Ангела Агелер, уште пред да стапи на должност, а особено по нејзиното официјално доаѓање во Скопје, во секоја пригода ја нагласува својата посветеност на помошта во справувањето во македонската борба против корупцијата. Првиот конкретен потег беше работниот престој во Македонија на американскиот тим за санкции против корупција во државата. Некаков конкретен резултат од работата на американскиот тим за санкции беше ставањето на нивната црна листа на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко и бизнисменот Јордан Камчев. Но умерената реакција од страна на американските стратегиски партнери за контроверзните измени на Кривичниот закон некаде во македонската јавност се проценува како „прогледување низ прсти“ за корупцијата и организираниот криминал. Поранешниот судија и денес адвокат Владимир Туфекџиќ смета дека перцепцијата за лоши резултати во доменот на владеење на правото и покрај сета поддршка од стратегиското партнерство со САД се должи на отсуството на систем за контрола на проектите финансирани од САД.
– Македонското општество несомнено ги користи во значителна мера привилегиите од стратегиското партнерство и дијалогот со САД, пред сѐ во финансиска смисла. Но од моментот на потпишувањето на Декларацијата за стратегиско партнерство, како и во периодот пред тоа до денес, имаме состојба на отсуство на конкретни резултати во смисла на реформирање на општеството во доменот на владеењето на правото, правната држава и борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Причина за ваквата состојба е пред сѐ отсуство на реална политичка волја на сите политички чинители да се сменат работите, во смисла на воспоставување правен поредок и владеење на правото без политичко влијание.
Останува впечатокот дека нашите политички избраници со години само деклараторно се залагаат за владеење на правото, а реално одредени политички групации сакаат состојбите да останат непроменети и затоа не постои политички консензус за вистински промени, иако во оваа смисла постои значајна поддршка од страна на САД и меѓународниот фактор воопшто.
САД со години вложуваат значајни финансиски средства во проекти за владеење на правото и правосудството, но сведоци сме дека состојбата на работите од година на година е сѐ полоша, а довербата во судството е на најниско ниво.
Очигледно е дека отсуствува систем на контрола на проектите финансирани од САД, во смисла на конкретните ефекти од финансираните проекти во делот на владеењето на правото и правната држава, бидејќи просто е неверојатно да имаме вакво ниво на доверба во делот на владеењето на правото во состојба на сериозна меѓународна поддршка веќе со години.
Во смисла на погоренаведеното, доволно е да се споредат ефектите во правосудството, во делот на поддршката за обуката на судиите и јавните обвинители финансирани од САД, поточно колкав број судии и јавни обвинители, кои ги поминале и завршиле обуките финансирани од САД со највисоки оценки, напредувале во кариерата и каде и на кои позиции во судството денеска се наоѓаат, особено дали некои од нив си заминале од судството поради несогласувањето со воспоставениот вредносен систем за напредување во кариерата и политичките влијанија.
Како и да е, сѐ додека не се воспостави систем на вредности каде што политичките калкулации и реални влијанија на правосудството и владеењето на правото ќе бидат изолирани до ниво да бидат сведени на минимум, не можеме да очекуваме реален напредок дури ни со двојно поголема финансиска помош од стратегискиот партнер САД и меѓународниот фактор воопшто.
Едноставно, за да тргнат работите во вистинска насока ќе мораме да го смениме менталниот пристап кон работите и да покажеме искрена политичка волја за создавање високопрофесионални институции, како основен темел на општеството, како што тоа го налагаат критериумите на развиените правни системи, а не профили моделирани и проектирани исклучиво по волја и во интерес на дневната политиката – вели адвокатот и поранешен судија Владимир Туфекџиќ.
И во областа на безбедноста, стратегиското партнерство има уште многу неискористени можности за Македонија
Во извештајот на МНР за спроведување на Стратегискиот дијалог се вели дека „во делот Одбрана и безбедност беа одржани заеднички обуки и вежби со САД, вклучувајќи и со регионалните сојузници, обезбедена беше американска поддршка за континуиран развој на способностите на Македонија за постигнување на НАТО-целите, како и соработка за јакнење на способностите за киберодбрана“. Сепак, и покрај заедничките обуки и вежби со САД, безбедносните експерти сметаат дека има уште голем и неискористен простор за соработка.
– Надворешната безбедност, како држава во најголема мера, не ни е загрозена, во смисла дека границите ни се претежно со земји членки на НАТО. Вистинската внатрешна безбедносна закана ни се корупцијата и организираниот криминал, а во таа смисла не само што не ги користиме можностите на стратегиското партнерство со САД туку, напротив, ги злоупотребуваме. Ги злоупотребуваме можностите на американските закони, Магнитски и Рико, наменети токму за борба против корупцијата, работејќи спротивно од нивните препораки, со интервенциите во членот 353 од Казнениот законик, со кои практично се амнестираат овие безбедносно загрозувачки криминални појави во македонското општество – вели безбедносниот експерт Оливер Андонов, професор на Воената академија во Скопје, кој не ја поштедува од одговорност ниту опозицијата, за која смета дека дала поддршка со кворум во Собранието, за носење на спорните измени на Кривичниот законик.