Она што не е мистерија и што е видливо со голо око, тоа е човечкиот фактор, кој во огромна мера влијае врз состојбата на езерото. Копањето огромен број бунари за наводнување и од македонска и албанска страна има сериозно влијание врз нарушувањето на подземните водни текови, а сериозен импакт имаше и интервенцијата на грчката страна со изградбата на брана на Мало Преспанско Езеро, со што се спречи природниот тек на прелевање на езерата едно во друго, како еден вид регулатор на езерското ниво
Нецивилизиран однос кон природното национално богатство (2)
Ако за празнењето на Дојранско Езеро своевремено се најде решение со кое најмалото македонско природно езеро во последен момент беше спасено од пресушување, агонијата на Преспанско Езеро продолжува и натаму, така што од ден на ден континуирано продолжува драматичната загуба на водна маса.
Од почетокот на 80-тите години на минатиот век до денес Преспанско Езеро е речиси непрепознатливо, водата од крајбрежниот појас е повлечена за неколку километри, а повлекувањето продолжува и натаму, без да биде откриена вистинската причина за овој процес.
Цикличен процес или нешто друго?
Според некои кажувања на локалните жители, станува збор за природен циклус на езерото кога тоа се повлекува толку многу, што во некој момент повеќе личи на голема река, отколку на езеро.
– Постарите кажуваа дека езерото се имало толку повлечено на времето, што жените што переле алишта од дупенска страна се довикувале со жените од Нивици, кои переле од другата страна на езерото, толку била мала водата – раскажа еден постар жител на Наколец, потсетувајќи се на приказните што му ги раскажувал неговиот дедо.
Потврда дека езерото бележи циклични варијации на нивото е откривањето на стар пат и градби некаде два-три километри од крајбрежјето, во близината на Наколец, што значи дека во најдобрите хидролошки состојби на езерото тој пат се наоѓал покриен со најмалку два метра вода. Сега патот е на суво, а повлекувањето на езерските води загатнува уште прашања дали Преспанско Езеро крие и некакви други тајни.
„Нова Македонија“ пред неколку години направи сопствено истражување на терен за тоа каде би можеле да бегаат езерските води, при што областа Завир во Албанија речиси од сите со кои разговаравме беше посочувана како најголемиот „голтач“ на преспанските води. Од она што го утврдивме на терен уште пред четири години, стана јасно дека „злогласниот“ Завир одамна не е тој што го празни езерото, бидејќи оваа локација во голем дел е веќе на суво затоа што езерото се има повлечено уште подалеку од брегот. На суво зјаеја и многубројните дупки во карстот на Галичица каде што своевремено истекувала водата од езерото, така што мистеријата каде исчезнува водата остана и натаму да лебди во воздухот. Некои локални жители изнесуваа сопствена теорија дека намалувањето на езерото започнало по серијата земјотреси во тој дел на Албанија на почетокот на 1990-тите години, така што, според нив, можно е да се отвориле дополнителни процепи под Галичица и планината да почнала да голта многу повеќе вода од претходно.
Човечкиот фактор посебно го загрозува езерото
Она што не е мистерија и што е видливо со голо око, тоа е човечкиот фактор, кој во огромна мера влијае врз состојбата на езерото. Копањето огромен број бунари за наводнување и од македонска и од албанска и од грчка страна има сериозно влијание врз нарушувањето на подземните водни текови, а сериозен импакт имаше и интервенцијата на грчката страна со изградбата на брана на Мало Преспанско Езеро, со што се спречи природниот тек на прелевање на езерата едно во друго, што претставуваше природен регулатор на езерското ниво.
Според студијата на Градежниот факултет во Скопје, изработена за потребите на Министерството за животна средина и просторно планирање, проблемот не се состои само во црпењето на водата за наводнување туку влијае и неповолната комбинација со уште неколку фактори, меѓу кои најзначајни се намалувањето на врнежите и прекинувањето на врската помеѓу Мало Преспанско Езеро и Големо Преспанско Езеро од страна на Грција.
Сите трилатерални иницијативи за спас на Преспанско Езеро засега не даваат со никаков плод бидејќи сѐ се сведува само на обични состаноци, на кои се предлагаат изработки на некакви стратегии, без преземање конкретни чекори за подобрување на состојбата на езерото. Дополнително, Грција засега не покажува никаков интерес да ги врати состојбите онакви какви што беа пред изградбата на браната на Мало Преспанско Езеро, со што беше нарушен природниот езерски циклус.
Поранешниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Марјан Ѓорчев вели дека и за проблемот со намалувањето на нивото на Преспанско Езеро може да се најде решение доколку има желба.
– Исто како што се направи систем за спас на Дојранско Езеро, мислам дека треба да се направи таков систем и за спас на Преспанско Езеро. Треба да ги собереме сите води од Пелистер, таму има многу вода, од Брајчинска Река треба да се зафатат водите, да се направат такви собирни базени во горните делови, од каде што со цевководи ќе се насочи водата кон Преспанско Езеро – предлага Ѓорчев.
До крајот на векот Преспанско Езеро ќе исчезне
Дејан Трајковски, професор на Техничкиот факултет во Битола, вели дека Преспанско Езеро се намалува со математичка прецизност, поточно со темпо на намалување на водостојот од 19 сантиметри годишно. Според податоците што тој ги изнесува во јавноста, Преспанско Езеро го достигна минимумот на 2 ноември минатата година, водостојот е за 21 сантиметар понизок од есенскиот минимум во 2022 година.
– Надолниот тренд е стабилно воспоставен, со темпо на намалување од 19 сантиметри годишно. Прогнозата за следниот минимум во ноември оваа година е на кота – 610. Агонијата на Преспанско Езеро продолжува и натаму, а нивото на езерото уште повеќе се намалува. Во изминативе 60 години, Преспанско Езеро изгубило околу 40 проценти од волуменот на водата. Доколку продолжи губењето на водата со ова темпо (кое поради глобалното затоплување и испумпувањето може само да се забрза), за околу 60-80 години најголем дел од езерското дно ќе остане на суво и ќе ја доживее судбината на Аралско Езеро во Централна Азија – прогнозира професорот Трајковски.
Неговите прогнози одат и дотаму што ако нешто не се промени и продолжи ваквата динамика на губење на водата, тогаш Преспанско Езеро онакво какво што граѓаните го паметат од неговите најдобри денови, неповратно ќе биде загубено за пет-шест децении, што е исклучително краток временски период.
– Засега не се забележуваат знаци за забавување на трендот, па доколку продолжи намалувањето со средно темпо од еден метар на секои пет години, за 50-60 години од езерото би останале само пет јами со вода: близу Нивици во Грција, кај ’ртот Коњско, во близината на Стење, потонатината помеѓу Претор и Асамати и југоисточниот ров кон Долно Дупени. Најголемиот дел од езерото може да исчезне, слично како Аралско Езеро, бидејќи дното е рамно како тепсија и моменталната длабочина изнесува меѓу 10 и 11 метри. Дури и тие преостанати јами би имале длабочина од само 10 метри, со исклучок на јамата на влезот од Нивичкиот Залив, која би имала длабочина од околу 30 метри – прогнозира Трајковски.
Климатските промени ја земаат првата жртва
Климатолозите оценуваат дека големо влијание имаат и неповолните хидролошки состојби изминатите децении, зимите со многу помалку снег, долгите сушни лета, но и есента и пролетта со помали врнежи.
– Очигледно и климатските промени имаат големо влијание. Сѐ помалку имаме зими со снег, а планините над 1.500 метри не можат да задржат снежна покривка ниту еден месец во текот на зимата. Тоа е лошо за хидрологијата бидејќи оптимално е на планините да има многу снег, а тој постепено да се топи дури до средината на мај. Тогаш и во реките и во езерата ќе има постојан доток на свежа вода, која ќе ги подигне нивоата до таа мера што дури и да се погоди летото сушно, нема да се загуби толкаво количество вода. Но кога имаме зими без снег, сушна пролет и уште посушно лето и ако овие состојби се повторуваат од година на година, тогаш дотеците се намалуваат, а некои и целосно ги снемува – објаснуваат климатолозите.
Надлежните институции освен што одвреме-навреме усвојуваат некакви акциски планови, на терен не преземаат ништо за да се подобрат состојбите.
– Ако и за Дојранско Езеро своевремено останеа само акциски планови, денес Македонија ќе беше покуса за едно природно езеро. Значи, постојат прецизни податоци за хидролошките состојби во делот на Баба Планина, реките, дотеците, така што може да се изработи сличен систем како дојранскиот и барем донекаде да се забави повлекувањето на езерото. Мора да се најде решение и за бунарите бидејќи ја црпат езерската вода, но што е уште поважно, мора да се седне и со Грција и со Албанија, да се најде решение како да се пренасочат сите водни ресурси и од нивна територија кон езерото, а не кон нивите. Ако исчезне езерото за 50 години, нема ни нивите да ги има, а штетите ќе бидат несогледливи врз целиот биолошки свет, но и врз самата микроклима во тој дел – посочуваат експертите.