Фотомонтажа: „Нова Македонија“

И РАЗВИГОР И БУРА ВО ЕВРОПСКАТА УНИЈА

План на ЕУ за Западен Балкан за членство во Унијата

Резервите во однос на искреноста за вистинско проширување на ЕУ-планот од четири столба на Фон дер Лејен ги нагласи францускиот претседател Емануел Макрон, кој побара проширувањето на Унијата да се случи што е можно побрзо, но, според него, Унијата мора да избегне грешки во поглед на проширувањето што би влијаеле на нејзината безбедност. Сѐ уште нема конкретна изјава со која би се отстраниле сомневањата дека се подготвува некаква „втора лига на ЕУ“

Колку се искрени намерите и потребите на ЕУ во овој момент за побрза интеграција на Западен Балкан, по најновиот план од четири столба, или во осум точки, што претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер ЛЕјен, минатава седмица во неколку наврати ги презентира – на форум во Братислава и во Брисел? Тоа е логичното прашање што се поставува, барем во Македонија, кога само ќе се слушне за најава на некој нов план во ЕУ за забрзување на проширувањето, а особено, пак, кога ќе се прочитаат точките, кои се повеќе нови услови, повеќе или помалку надвор од веќе маргинализираните основни Копенхашки критериуми за проширување.

Презентирајќи ги четирите столба од новата иницијатива, Фон дер Лејен рече дека иницијативата има цел денес да донесе некои од бенефициите од членството во Унијата поблиску до граѓаните на Западен Балкан.
– Развојниот план што го предлагаме денеска е изграден на четири столба. Првиот – да го донесеме Западен Балкан поблиску до единствениот европски пазар. Вториот е да се продлабочи регионалната економска интеграција. Третиот е да се забрзаат фундаменталните реформи. И четвртиот, да се зголемат претпристапните фондови – рече Фон дер Лејен.

Сепак, истакнувајќи дека сакаат однапред да му понудат на Западен Балкан некои од предностите на членството, Фон дер Лејен нагласи дека тоа значи и дека однапред мора да се исполнат одредени услови за членство.
– Некои од реформите што се дел од пристапниот процес се клучни за довербата на инвеститорите. Градењето независно и ефикасно судство, кое обезбедува транспарентни јавни набавки, борбата против корупцијата или енергетскиот пазар – рече Урсула фон дер Лејен.

Фото: Игор Бансколиев

Резервите во однос на искреноста за вистинско проширување на ЕУ со овој план ги нагласи францускиот претседател Емануел Макрон, кој побара проширувањето на Унијата да се случи што е можно побрзо, но, според него, Унијата мора да избегне грешки во поглед на проширувањето што би влијаеле на нејзината безбедност.
– Првата грешка би била да се остане на статус квото, да му се даде надеж на Западен Балкан, на пример, Молдавија итн. и да се игра на факторот време. Верувам дека тоа би била огромна грешка. Сметам дека тоа би им дало простор на оние што би сакале да ја дестабилизираат Европа. Би се разбудиле едно утро и ситуацијата би била многу подраматична – рече Макрон.

Сепак, според него, не треба да биде проширувањето колку само да има проширување. Тоа би било втора грешка, смета Макрон, според кого, такво проширување би ја ослабнало Унијата. Поради тоа, рече Макрон, треба да се обрне внимание на спецификите на новите земји-членки, кои ќе станат партнери во сите чувствителни области на ЕУ, а Унијата поради тоа ќе им поставува нови и нови услови во различни области. И покрај новиот пристап кон проширувањето, Макрон потсети дека Унијата никогаш не била направена за бесконечно проширување во географски рамки. Таа, според него, треба да се прошири, но истовремено и треба реформа на нејзиното менаџирање, различни формати на дебати и да се знае кој е точно одговорен за што, а земјите од Западен Балкан и Молдавија треба да го знаат тоа.

Иако Макрон уште еднаш повтори дека европската политичка заедница, која е негов проект, за него не може да биде замена за проширувањето на ЕУ, сѐ уште нема конкретна изјава со која би се отстраниле сомневањата дека се подготвува некаква „втора лига на ЕУ“.
– Има еден обид со план од осум точки. Тоа е идеја и на Макрон, да се отвори проширувањето за побрза интеграција, но на некој начин и да се заштити од самоволието на оние членки (како, на пример, и Бугарија), кои беа примени во ЕУ без да го заслужат тоа. Потоа имате блокада од Полска и Унгарија за буџет, неодговорно однесување од Бугарија… Досега, ЕУ имаше политика – проблемите надвор, кога ќе ги решите – тогаш внатре. Сега, тие се обидуваат, од безбедносни геостратегиски причини, поради војната во Украина, да ја забрзаат таа интеграција, меѓутоа и да се заштитат од самоволието на членки, кои евентуално би можеле да прават проблеми. И затоа е: да нема комесар, да нема право на вето во првите десет години… Нам и тоа ни одговара. Не е спорно. Каква било забрзана интеграција ќе го направи посуштински ремонт на нашето општество и во таа смисла тој план не е спорен – се искажа во една медиумска дебата политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Според македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, планот на Фон дер Лејен, покрај тоа што ќе обезбеди брзи придобивки што ќе ги почувствуваат граѓаните, ќе значи и подигање на кредибилитетот на Европската Унија и заштита од негативни влијанија на трети страни, кои имаат цел да го минираат процесот на интеграција на Западен Балкан.
– Бидејќи не знаеме точно кога ќе биде членството, не можеме да оставиме еден вакуум простор бидејќи фрустрациите на граѓаните ќе се зголемат, а од ЕУ нема понуда од конкретни придобивки што ќе ги чувствуваат граѓаните во својот џеб. Така таа фрустрација потоа ја злоупотребуваат трети страни создавајќи антиевропско, антизападно расположение, кое, за жал, го гледаме во Македонија. Ние го нудиме овој модел на повеќе интегрирање пред членство за да го задржиме кредибилитетот на процесот додека трае за граѓаните да ја почувствуваат ЕУ додека преговараме со ЕУ.

Тоа што претседателката Фон дер Лејен токму тоа го кажа верувам дека тоа е одговор на ова наше лобирање што почна од Скопје, се разбира во консултација со земјите од регионот веќе дава резултати – заклучи министерот Османи.
– Ние од овој процес секако имаме полза. Но нашите очекувања не треба да бидат преголеми, имајќи предвид дека ова се начини со кои може да се забрза усогласувањето со кои ние, како држави-кандидати ќе видиме поконкретни придобивки, меѓутоа не значат автоматски гаранција дека тоа проширување ќе се случи за две-три – пет, па дури ни десет години. Зошто? Затоа што не се надвор од рамките на основачките договори. Значи сето она што сега ЕУ го предлага е во рамките на она што е можно. Тоа значи дека правилата на игра и самиот процес на носење одлуки во Советот на ЕУ остануваат исти. Кога ние ќе се усогласиме и за да преминеме во некоја наредна фаза, како што е предвидено со самото европско аки и основачките договори, за да пристапиме како полноправни членки на ЕУ, Советот на министри треба да даде зелено светло. А таму продолжува да важи едногласноста и продолжува да важи правилото дека секоја држава ќе напредува според своите заслуги. Тоа за Македонија теоретски значи дека ако не го решиме проблемот со Бугарија, ќе остане ситуацијата таква каква што е – вели Ана Крстиновска, поранешна државна секретарка за европски прашања.

Слични согледувања за перспективите на Западен Балкан со новиот план на ЕУ за забрзување на проширувањето има и поранешниот вицепремиер за евроинтеграции, Ивица Боцевски.
– Сметам дека постои желба во Брисел за забрзување на балканската европска интеграција, во контекст на руската инвазија врз Украина и доделувањето статус-кандидат на Украина и на Молдавија. Но не гледам никаков суштински исчекор во планот од осум точки. Регионот чека конкретно забрзување на интеграцијата и јасен датум за влез на „западнобалканската шесторка“ во Европската Унија. За жал, cè уште нема таква одлука во Европската Унија и помеѓу земјите-членки – смета Ивица Боцевски.


„Фајненшл тајмс“: Официјални претставници на ЕУ признаваат дека „е време за нов пристап“ за проширувањето на Унијата

Дведецениската историја на додворувањето на ЕУ со Западен Балкан предизвикува само непријатност уште при читањето. Пред дваесетина години (јуни 2003 година) имаше „плима на возбуда“ (од најавата за проширување на ЕУ со балканските земји), кога лидерите на ЕУ и на Балканот се состанаа во Солун за да ја поздрават, наводно, храбрата нова ера, изјавувајќи дека „иднината на Балканот е во ЕУ“.

Но потоа дојдоа 20 години разочарувања, слаб ангажман од Брисел, ниски амбиции и општ цинизам од двете страни. „Не можам да кажам дека работите се полоши во регионот“, вели функционер ветеран од една од шесте балкански земји аспиранти. „Но, тие се депресивно исти“.

Словенија и Хрватска успеаја да влезат во ЕУ во 2004 и 2013 година, но нивните процеси за влез веќе беа во тек. Западен Балкан – Србија, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија – долго време се заглавени во неизвесност, секој со свои пречки карактеристични за сопствената политика.

Според „Фајненшл тајмс“ (ФТ), сега, сепак, „по една деценија во која проширувањето беше нешто како валкан збор во Брисел, се отвори потенцијално трансформациска ера“. Имено, ФТ тврди дека „проширувањето повторно е на агендата на ЕУ“. Според пишувањето на ФТ, „одеднаш сите во Брисел зборуваат за тоа. Овој пат не се работи само за медени зборови“.

Официјалните претставници на ЕУ, за ФТ признаваат дека „е време за нов пристап“. „Треба да бидеме поискрени и подарежливи“, вели еден. „Реформите се болни и исплатата не е доволна. Балканот е мал, а нивото на амбиции за ЕУ е неверојатно ниско“.

Според ФТ, реалната состојба на Западен Балкан е оваа: „Косово допрва треба да биде признаено од неколку земји на ЕУ, Босна и Херцеговина е распарчена од жестоките напади од војната 1992-1995 година, Македонија долго време е блокирана од една или друга членка на ЕУ, од неодамна Бугарија, Србија, додека е на хартија, со Црна Гора, напред во редот, има длабоки сомнежи кон Западот“.
Но и покрај сѐ провејува ставот дека не недостигаат причини да не се подигне балканската завеса од сцената за проширувањето. Не е сигурно, но можно е речиси точно 20 години по Солунската декларација, таму искажаните зборови да почнат да значат нешто.