Фото: Маја Јаневска-Илиева

Да престанат блокадите, да се обединиме државнички и до 2030 година да ја видиме Северна Македонија како рамноправна членка на ЕУ, изјави премиерот Димитар Ковачевски во обраќање посветено на Извештајот на Европската комисија: „На Европскиот пат: нови реформи, нови можности”, во организација на Секретаријатот за европски прашања.

Ковачевски оцени дека извештајот е јасна потврда дека сме на добар пат и уште појасна насока дека чекорењето единствено е можно забрзано кон европскиот пат.

Премиерот во обраќањето рече дека вчерашниот гостин од висока делегација му рекол: „Конечно ЕУ ве награди со преговори во јули оваа година“. Тој му одговорил: „Би ја парафразирал вашата реченица. Ние сме тие кои го спасивме образот на ЕУ. Зошто, затоа што како ниедна држава требаше да донесеме одлуки кои што беа тешки и кои што предизвикуваа лоши чувства кај нашите граѓани“.

– Прво, ние сме единствена држава којашто за да пристапи кон ЕУ и пред тоа кон НАТО треба да го смени името на својата земја. Второ, јас бев дел од преговорите со Република Бугарија. Тие преговори за мене и за граѓаните на оваа држава предизвикуваа чувство, јас го имав тоа чувство и го делам чувството на граѓаните, како некој со нож да ви го сече стомакот. Но, на крајот на денот треба да донесете одлука, дали државата ќе оди во ЕУ, таму каде што има економски напредок, социјална правда и таму каде што има владеење на демократијата. Или ќе седите дома, сами и изолирани, раскарани со сите. И ја донесов таа одлука. Зошто? Затоа што тие кои беа против, тие кои беа воздржани не дадоа алтернатива, која е алтернативата? Кој животен стандард го нудат? Каква иднина на новите генерации нудат? Никој не понуди таква алтернатива. Да морам пак да ја носам одлуката, пак ќе ја донесам истата одлука. И пак ќе ја донесам со истото чувство, но нема да ја носам заради себе и својата политичка кариера, туку ќе ја донесам заради идните генерации во оваа држава затоа што заслужуваат и треба да растат во ЕУ. Заедно со сите други членки на овој сојуз во кој има економски напредок, социјална правда и владеење на правото – изјави Ковачевски.

Како што додаде, овој извештај исто така нотира многу јасно, дека во оваа држава има два концепти. На чело на едниот е самиот тој – како премиер кој предлага реформски закони, а вториот концепт ги блокира сите закони во Собранието.

– Ако можам да разберам еден дел од таа опозиција која што е цел ден на телефон со Русија, вториот дел не можам да го разберам. Ги повикувам сите во Собранието да се обединиме заради иднината на оваа држава, затоа што ние што сме во пратеничките клупи, во канцелариите во Владата зависи колку брзо ќе се спроведат реформите. Јас сум убеден дека до 2030 година нашата држава може да стане членка на ЕУ, бидејќи досега 45% од европското законодавство е усогласено со нашето законодавство. Ние имаме тимови, стручњаци кои со години се во министерствата кои што знаат што треба да направат во делот на усогласување на законодавството. Не рековме дека сме најпаметни, го зедовме најискусниот преговарач кој постоеше во овој регион, главниот преговарач на Хрватска којшто беше и постојан претставник на Хрватска во ЕУ, кој беше советник на нивниот премиер сега е главен советник на нашиот главен преговарач. Ако сакате да играте во големата лига тогаш мора да имате играчи од големата лига во вашиот тим – рече Ковачевски.