Фото: Архива

Според комисијата, високото ниво на сива економија и недостигот од стручен кадар на пазарот на трудот ја уназадуваат бизнис-климата во земјава. Тоа, заедно со големиот јаз во транспортната и енергетската инфраструктура, ниските инвестиции и иновации, го кочи потенцијалот за раст на земјата

ИЗВЕШТАЈОТ НА ЕК ЗАБЕЛЕЖУВА СЛАБОСТИ И ВО ДЕЛОТ НА ЕКОНОМИЈАТА

Во делот на економијата во извештајот на Европската комисија се вели дека Македонија направила одреден напредок и постигнала добро ниво на подготовка во развојот на функционалната пазарна економија, но истовремено се укажува и на низа слабости.
Од Владата излегоа со позитивни оцени за постигнувањата во економските реформи, а според анализата на извештајот на Европската комисија за постигнувањата на Македонија на патот кон Европската Унија, земјава најдобро стои во регионот во кластерот „Фундаментални вредности“ и во кластерот „Ресурси, земјоделство и кохезија“. Во кластерите „Конкурентност и инклузивен раст“ и „Зелена агенда и одржлив развој“ сме веднаш зад Црна Гора и Србија, кои веќе една деценија преговараат, додека пак кај кластерот „Внатрешен пазар и надворешни односи“ сме приближно на исто ниво со овие две земји. Сепак, според комисијата, високото ниво на сива економија и недостигот од стручен кадар на пазарот на трудот ја уназадуваат бизнис-климата во земјава. Тоа, заедно со големиот јаз во транспортната и енергетската инфраструктура, и ниските инвестиции и трошоците за иновации, комисијата смета дека го кочат потенцијалот за раст на земјата.

Годинава се повторува практиката при презентацијата на годишните извештаи од Европската комисија, кога првенствено значење се ставаше на достигнувањата во политичката сфера, а забелешките што се однесуваа на економскиот план се ставаа во заднина. Институтот за економски истражувања „Фајненс тинк“ вчера излезе со сопствени согледувања на економскиот дел од извештајот на Европската комисија за Македонија за 2022 година, во кој се забележани голем број слабости во однос на спроведувањето на економските структурни реформи, за чие спроведување е потребен подолг рок. Една од забелешките се однесува и на мерките за справување со последиците од енергетската криза, додека даночните ослободувања ги поткопуваат даночните приходи. Во извештајот се дава критика за отсуството на каков било напредок во справувањето со сивата економија, мерките и стратегиите за подобрување на бизнис-опкружувањето не се доволно систематски и конзистентни, има недостатоци во транспарентноста и ефикасноста на државната помош…
Според „Фајненс тинк“, извештајот дава реална слика за македонската економија во постпандемискиот период и периодот на енергетска криза, слично како и претходните години, но овој пат поизразен е критичкиот тон кон клучните реформски приоритети што се повторуваат во секој извештај поради бавната реализација или нивното одложување.
– Извештајот ја нагласува потребата мерките за справување со последиците од енергетската криза да бидат насочени кон ранливите слоеви од населението и компаниите, што е во линија со забелешките и од домашната експертска заедница, која континуирано укажува дека тенкиот фискален простор наметнува потреба од намалување на мерките што по својата природа се линеарни, односно што овозможуваат субвенционирања и за домаќинства и фирми што имаат капацитет сами да го преземат товарот на кризата. Нашата анализа на мерките објавени во октомври 2022 година укажува дека од 19 мерки во сила, само три може да се сметаат за целни, а девет, иако го омекнуваат негативното влијание од енергетската криза, сепак се редовни мерки, кои се применуваат и во нормални времиња или претставуваат законска обврска – забележуваат од „Фајненс тинк“.

Извештајот дава критика за отсуството на каков било напредок во справувањето со сивата економија, поконкретно во спроведувањето на Стратегијата за формализација на неформалната економија 2018-2022. Покрај (не)справувањето со сивата економија, која освен што ги поткопува буџетските приходи, претставува и кочница за развој и конкурентност на формалниот бизнис, во Извештајот е наведено дека транспарентноста и ефикасноста на државната помош остануваат со недостатоци и се предлага консолидација на различната државна помош за компаниите, која ќе се однесува на нивната конкурентност и интеграција во глобалните синџири на снабдување. ЕК укажува дека државната помош доделена на компаниите преку Планот за економски раст, како главен инструмент за хоризонтална помош, е нејасна, а државата не спровела оцена на нејзиното влијание.

Македонија е умерено подготвена во областа на слободното движење на капиталот. Добар напредок е постигнат во натамошното усогласување со правото на ЕУ, како преку усвојувањето на законодавството за платните системи така и преку нов закон за борба против перењето пари и финансирањето на тероризмот. Потребно е брзо да се продолжи со спроведување на законската регулатива и натамошно зајакнување на административните капацитети. Македонија задржа одредени ограничувања за движењето на капиталот и плаќањата. На пример, нерезиденти не можат да стекнат земјоделско земјиште.
Во остатокот од економскиот дел, извештајот се фокусира врз потребата од структурни реформи, за чие спроведување и резултати е потребен подолг рок, а тоа се областите на човечки капитал, физичка и енергетска инфраструктура и иновации, кои во најголем дел беа присутни и во претходните извештаи. М.Ј.