Осврнувајќи се на предметот на разговорите и преговорите, премиерот потсети на неговиот став дека францускиот предлог не е прифатлив во таква форма. Во тој контекст, а земајќи ја предвид и Резолуцијата на македонскиот парламент, тешко и дека француската рамка може да биде основа и платформа за натамошно развивање на разговорите или преговорите. Премиерот во својата нова изјава, во врска со некој нов предлог на Франција или ЕУ, издвојува дека „во овој момент таков предлог нема!“
Премиерот Ковачевски останува на ставот за
решително отфрлениот француски предлог
и најави разговори на експертски тимови
Премиерот Димитар Ковачевски вчера потврди дека на ниво на експертски тимови на МНР на Македонија и на Бугарија продолжуваат разговорите, повторувајќи дека Владата останува на ставот за решително отфрлениот француски предлог изнесен на прес-конференцијата во Брисел минатата недела, но дека штом ќе се дојде до прифатлив предлог од двете страни, тој ќе биде процесиран во институциите на државава. Осврнувајќи се на предметот на разговорите и преговорите, премиерот потсети на неговиот став дека францускиот предлог не е прифатлив во таква форма. Во тој контекст, а земајќи ја предвид и Резолуцијата на македонскиот парламент, тешко и дека таа рамка може да биде основа и платформа за натамошно развивање на разговорите или преговорите. Премиерот во својата нова изјава, во врска со некој нов предлог на Франција или ЕУ, издвојува дека „во овој момент таков предлог нема!“
Јас ќе ве упатам на мојата прес-конференција што ја имав во Брисел и ставовите што таму ги кажав се истите. Во моментов нема ништо ново во однос на тоа што беше разговарано до денот кога беше прес-конференцијата. Како што ви кажував и досега, процесот со Бугарија се води од страна на Министерството за надворешни работи. Министерството со своите експертски тимови разговара со МНР во Бугарија. Во моментот кога ќе има прифатлив предлог од двете страни, тогаш тој предлог ќе може да биде ставен во институциите во Македонија. Во овој момент таков предлог нема – потврди Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање.
За потсетување, премиерот на прес-конференција во Брисел, по самитот ЕУ – Западен Балкан, го отфрли предлогот на француското претседателство како неприфатлив во сегашната форма, со можност разговорите да продолжат доколку се направат прифатливи измени. Тогаш Ковачевски рече дека државата има три клучни барања за преговарачката рамка, а тие се:
– целосно признавање на македонскиот јазик,
– историските прашања да не бидат дел од преговарачката рамка и
– преговорите да почнат пред внесувањето на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Уставот.
Тој смета дека се потребни и гаранции оти нема да има нови услови од Бугарија и од Европската Унија.
Францускиот предлог, пак, беше изгласан во Народното собрание на Бугарија минатата недела.
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, го поздрави изгласувањето на предлогот во бугарското собрание и најави дека во наредните денови ќе продолжат разговорите со партнерите во Македонија.
Останува нејасно што и како преговараат тимовите на двете министерства за надворешни работи, особено кој е ставот ако премиерот децидно изјави дека францускиот предлог е неприфатлив, а доколку дојде прифатлив предлог, би можел да се стави во институционална процедура во Македонија. Неизвесно е зошто воопшто и преговорите и разговорите продолжуваат ако јавноста не е информирана за некој нов предлог.
Дотолку повеќе што во тој правец деновиве беше дециден и вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ. Тој во своите изјави деновиве неколкупати потврди дека отсега нашата страна ќе биде транспарентна, односно дека јавноста ќе биде информирана за секој нов предлог или процедура. Наедно, Маричиќ ја прокоментира затвореноста на институциите по ова прашање во изминатиот период, објаснувајќи ја како договорена тактика да не се нарушат процесот и соработката со сојузниците. Н.М.