Фото: Маја Јаневска-Илиева

Собраниската комисија за уставни прашања со 10:7 гласа го изгласа предлогот за уставни измени

Собраниската комисија за уставни прашања со десет гласа „за“ и седум „против“ го проследи на натамошно разгледување предлогот за уставни измени. Истото тоа ќе биде проследено за пленарна седница на Собранието. Собраниската седница за утврдување на потребата од уставни измени е закажана на 18 август.
На тој начин експресно заврши комисиската расправа, која беше предвидено да трае десет дена.
Предлогот пред Комисијата за уставни прашања го образложи премиерот Димитар Ковачевски.
Интервенциите во Уставот се однесуваат на додавање делови од народи во преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата. Во актуелната формулација:
„Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ.
Од 17 члена на комисијата, десет го поддржаа предлогот, додека седум члена од редовите на ВМРО-ДПМНЕ гласаа против. Лидерот Христијан Мицкоски вчера непосредно пред комисиската расправа уште еднаш потврди дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат против уставните измени. Зборувајќи за пленарната седница закажана за 18 август кога на власта ќе ѝ треба двотретинско мнозинство, односно 80 гласа, Мицкоски изнесе и нов предлог. Имено, тој повика да не се чека за пленарна до 18 август, туку таа да се закаже за денес, па ако власта нема двотретинско мнозинство да се распушти парламентот и да се оди на избори.
Лидерот и пратеник на Левица, Димитар Апасиев, укажа дека тој и пратеникот Борислав Крмов нема да учествуваат во материјална расправа за измена на Уставот. Апасиев во своето излагање поентираше со ставот дека: „Уставни измени никогаш нема да има“. П.Р.