Наместо да ја искористи пригодата да упати апел да се почитуваат човековите права на Македонците, особено во соседните земји, претседателот Стево Пендаровски говореше за климатските промени

Македонија полека го завршува претседавањето со ОБСЕ и освен што ќе бидат потрошени високи суми граѓански пари за завршната конференција на оваа организација во Скопје, не беше постигнато ништо во интерес на државата, особено не во интерес на Македонците во соседните земји, кои и натаму алармираат дека се цел на постојан притисок од страна на бугарските емисари, а државата не прави ништо да ги заштити. Дури нема храброст ни отворено да го спомене тоа, а има широка палета алатки…

Државата има на располагање можности да ги артикулира проблемите на македонското малцинство во соседните земји

Агресивното однесување на актуелните бугарски власти кон припадниците на македонското малцинство во Албанија и во Косово, како и во самата Бугарија, се најдобрата потврда што се случува кога Македонија како држава не застанува во одбрана на сопственото малцинство во соседните земји, ниту, пак, се осмелува да го крене гласот против оние што вршат отворен притисок врз Македонците да се декларираат поинаку од она како се чувствуваат.
Сфаќајќи дека се оставени сами на себе, припадниците на македонското малцинство сами ја бијат својата битка за остварување на основните човекови права, правото на здружување, правото на негување на сопствениот идентитет, јазик и култура, во согласност со меѓународните конвенции за човекови права. Таа битка резултираше со 15 пресуди на Европскиот суд за човекови права во полза на Македонците во Бугарија, но официјална Софија и натаму се оглушува на одлуките на Судот и упорно не ги спроведува.
Однесувањето на бугарската страна е повеќе од очекувано, знаејќи го нивниот познат став околу негирањето на македонскиот идентитет, јазик и историја, вклучувајќи го и негирањето дека во Бугарија постои какво било малцинство, особено македонско. И ако бугарската стратегија е разбирлива и предвидлива, повеќе од загрижувачко е однесувањето на македонските политичари, кои дури и кога имаат одлична можност на јавната меѓународна сцена да проговорат за проблемите со кои се соочува македонското малцинство во соседството, тие немаат храброст да го направат тоа.
Пред извесно време претседателот на државата Стево Пендаровски имаше можност да се обрати пред Генералното собрание на ОН во Њујорк и наместо да ја искористи оваа пригода за да упати апел да се почитуваат човековите права на Македонците, особено во соседните земји, тој говореше за климатските промени, ставањето крај на војната во Украина, за враќање кон принципите на Повелбата на ОН. И сето тоа е во ред, таквите пораки отсекогаш биле светски тренд, но во целата приказна околу прекршените принципи од Повелбата на ОН македонскиот претседател можеше да направи обична споредба со Македонија, земјата што ја претставува, да покаже како овие принципи беа прекршени кога не се дозволи прием на државата во ОН под нејзиното уставно име. Паралела можеше да повлече и кога говореше за војната во Украина, со истата онаа војна што се случи во Македонија кога земјата беше нападната од терористички групи од територија што беше под контрола на НАТО и ОН.

Истиот индиферентен пристап неодамна го покажа и шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој во својство на претседавач со ОБСЕ говореше на отворањето на конференцијата на човековата димензија на ОБСЕ, која се одржува во Варшава. Македонскиот министер во своето обраќање говореше за човековите права, демократијата и владеењето на правото и да понуди конкретни решенија за иднината. Конференција како порачана да се искористи да се каже дека почитувањето на човековите права подразбира признавање и прифаќање на сечија посебност, слобода на идентитетско идентификување, на креирање сопствена историја, дефинирање сопствен јазик и слично.
– Руската воена агресија врз Украина е нашиот најголем тест дали можеме да успееме да ги оствариме нашите заеднички заложби. Сведоци сме на постојано насилство, дискриминација и нееднаквости низ целиот свет. Гледаме закани за слободата на изразување, мирното собирање и здружување. Гледаме напади врз владеењето на правото и ерозија на демократските институции – порача Османи.
Сето ова е убаво скоцкано и шаблонизирано во едноставната рамка „демократија, човекови права и слободи, владеење на правото“, но клучното прашање што си го поставуваат македонските граѓани е кога министерот Османи и другите политичари ќе истапат јавно и ќе кажат дека доаѓаат од Македонија, земјата врз која беа погазени сите овие принципи за кои сега тој говори. Исто онака како што министерот експресно реагира кога станува збор за Косово и Албанија, тогаш може да каже барем збор-два за притисоците врз македонското малцинство кога веќе држи говори за човекови права, за правото на здружување, мирно собирање и слично. Можеше да го спомене ОМО Илинден – Пирин, како пример за борба за сите овие принципи за кои целиот свет декларативно се залага.

Како и да е, Македонија полека го завршува претседавањето со ОБСЕ и освен што ќе бидат потрошени еден куп народни пари за завршната конференција на оваа организација во Скопје, не беше постигнато ништо во интерес на државата, на македонските граѓани, а уште помалку во интерес на нашинците што живеат во околните земји, кои и натаму секојдневно алармираат дека се цел на постојан притисок од страна на бугарските емисари што го користат пописот во Албанија од Македонците да направат што повеќе Бугари. И државата повторно не прави ништо да ги заштити, макар таа заштита значела отворено изнесување на овој проблем на јавната сцена.
– За жал, тоа е стилот на актуелниот естаблишмент. Внатрешната димензија на надворешната политика нив не ги интересира, па се фокусираат на теми од глобално значење што немаат никаква тежина за внатрешната политичка дебата во Македонија. Всушност, тие не им се ни обраќаат тука на граѓаните на Македонија како публика, туку дејствува како да се ученичиња што одговараат на испит пред некои повисоки авторитети – вели Ивица Боцевски, поранешен вицепремиер и амбасадор.
Според него, причините за таквото нивно однесување треба да се бара во тоа што се свесни дека повеќе ја немаат довербата на граѓаните и процесите ги тераат на своја рака.

– Тоа е така затоа што актуелниот естаблишмент го има загубено демократскиот легитимитет и сега не одговара пред избирачите. Политичари што треба да излезат пред граѓаните на демократски избори не зборуваат вака – истакнува Боцевски.
Некои од поранешните дипломати со кои се консултиравме сметаат дека дипломатската умешност е да се искористи секој момент на отворена сцена да се изнесат проблеми за кои билатерално не се наоѓаат решенија или нема слух од другата страна.
– Ја имавме говорницата на ОН, имавме и претседавање со ОБСЕ. Бугарија покажа дека нема намера да направи нешто околу заштитата на правата на малцинствата, и не само тоа, туку агресивно настапува меѓу македонското малцинство во Албанија и во Косово, а пред извесно време и бугарската министерка Габриел јавно кажа дека нема да дозволи во САД да има каква било манифестација на македонизмот. Овие работи мора да се истакнат, тие се однесуваат на човековите права, кои во Бугарија ги нема. Со молчењето и неспомнувањето, нашите политичари им даваат бланко-дозвола на Бугарите да прават што сакаат. Така не се бранат националните интереси – посочуваат дипломатите.