Нашата обиколка низ пазарите и маркетите и анкетата што ја направивме со трговците и купувачите покажуваат дека инфлацијата изгледа однапред ја изела празничната софра, која годинава ќе биде од скромна поскромна кај најголем дел од граѓаните
Поради инфлацијата и високите цени на прехранбените производи
Колку ќе нѐ чини новогодишната трпеза во најлудата вечер во 2023 годината? Ова е прашањето на кое секое просечно македонско семејство има различен одговор, а тоа зависи од тоа какви му се навиките и колку сака да потроши за личното задоволство во најдолгата ноќ во годината, меѓу 31 декември и 1 јануари. Македонскиот граѓанин е препознатлив по досегашното приспособување на многуте кризи што ги поминува уште од времето на поранешната југословенска заедница, кога се применуваа многу „стабилизациски“ програми. Потоа следуваше периодот на независноста, кога граѓанството го запознаваше вистинското лице на демократскиот плурализам, приватизации, економски блокади од соседните земји, многу внатрешни политички превирања и сѐ уште недефиниран воен конфликт од 2001 година… Во сите тие години нашиот народ, воден од внатрешниот инстинкт на „преживување“, наоѓаше начини новогодишната трпеза да ја направи колку што е можно побогата со разна храна и пијалаци. Во духот на македонската традиција, и годинава на домашното новогодишно мени на мнозинството граѓани ќе се најдат традиционалните јадења: печено свинско месо, пилешко месо, сарма, домашни кифлички и колачиња, со неизбежните македонска и руска салата…
Но тоа што е сосема извесно е дека годинава празничната трпеза на последниот ден од годината ќе биде попосна и најскапа за нашите граѓани, во споредба со земјите од нашето поблиско опкружување. Причините за тоа се добро познати, а тоа се високата инфлација во Македонија и порастот на цените на основните прехранбени производи. Државната статистика пресмета дека индексот на трошоците на животот во ноември 2022 година, во однос на ноември 2021 година, бележи зголемување од 19,5 отсто, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 15,2 отсто. Доколку се направи груба пресметка за тоа што е потребно за да се покријат трошоците за да се помине „најлудата“ ноќ во домашен амбиент, се доаѓа до висина од стотина евра, што е речиси една петтина од просечната македонска плата!
– Новогодишната трпеза годинава ќе биде попосна за мнозинството работници со минимални плати, но и за вработените во јавните служби. Цените на прехранбените производи, без кои не може да се замисли празничното мени, се повисоки за дваесетина проценти во однос на лани. Поскапувањето на храната и другите трошоци за превоз, струја, домување се повисоки во споредба на минималните покачувања на платите. Пресметките за синдикалната месечна потрошувачка кошничка годинава достигна 52 илјади денари. Оваа сума за многу домаќинства е недостижна, за да можат да си дозволат побогата новогодишна софра. Домаќинките ќе мора да се откажат од некои јадења што ги приготвувале за Нова година. Многу семејства ќе бидат поскромни во трошењата и набавката на намирниците. Ако претходните години сме набавувале повеќе, годинава нема да биде така. Кој од што ќе скрати од новогодишното мени зависи од сопствените навики. Порано се правело руска салата за неколку дена, сега нема да биде така. Руска салата ќе имаме, но без шунка, или во мали количества – ни изјави Трпе Дејановски од синдикалната организација на УПОЗ.
И сликата од маркетите и зелените пазари во Скопје е јасен и видлив показател дека нѐ очекува „посна“ Нова година. Во потрошувачките кошнички на купувачите може да се забележи дека има сѐ помалку прехранбени продукти, пијалаци, сувомесни производи, сирења. Поголемиот дел од времето за пазарење го поминуваат во трагање по поевтин производ, но притоа внимателно се проверува грамажата на секое одделно пакување. Исто така, и редовите пред касите се пократки, затоа што купувањето со полни колички чини прескапо. За намалениот промет се жалат и трговците и продавачите на зелените пазари.
– Сѐ е поскапено. Се вртам низ рафтовите и барам поевтини производи. Цените се превисоки во однос на лани. Претходната година за истите набавки што ги правам пред Нова година ми требаа помалку пари. Досега испазарив некои ситни работи за домашни слатки и печива, а веќе сметката е околу илјада денари. А ме чека уште набавка и на месо, пилешко или нешто сувомесно и пијалак. А каде се тука чоколадите и слатките за децата. Годинава новогодишната ноќ ќе ја поминеме поскромно, колку да не стои празна трпезата и да почувствуваме малку од новогодишната атмосфера – ни изјави еден наш сограѓанин, кого го затекнавме пред еден од маркетите што ги обиколивме.
Според податоците на Државниот завод за статистика, пораст на индексите на трошоците на животот во ноември 2022 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај жестоките пијалаци за 4 отсто, виното за 3,4 отсто, месото за 2,6 отсто, рибата и морските плодови за 2,2 отсто, млекото за 1,9 отсто… На годишно ниво поскапувањето на месото и млечните производи е многу повисоко и достигнува и до 40 отсто. За да го смири растот на цените, Владата го продолжи рокот на траење на мерката за ограничување на маржата на основните прехранбени производи. Некои од големите трговски синџири одлучија да ги замрзнат редовните цени на 100 производи за да им излезат во пресрет на своите купувачи за претстојните празници и да го ублажи шокот предизвикан од инфлацијата. Сепак, најавеното и очекувано намалување на цените на храната не се случи. Наместо тоа, прехранбените фирми и маркетите добија продолжен рок дури до февруари 2023 година да ги коригираат и намалат цените на прехранбените производи во согласност со помошта што им ја додели Владата за намалена и субвенционирана електрична енергија за нивно работење. Иако намалувањето на цените на храната се очекуваше уште од 1 декември 2022 година, односно пред новогодишните и божиќните празници, засега сѐ остана само на празни надежи и празни ветувања, што на крајот резултира и со многу попразна трпеза за граѓаните. М.Ј.